Отворено писмо до:
амбасадорката на Република Франција Нејзината Екселенција госпоѓа Лоренс Оер
министерот за култура Елизабета Канческа-Милевска
Францускиот Институт – Скопје
градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески
директорот на центарот за култура „Григор Прличев“ Драгана Боцеска
ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш
Охридска банка ( Societe Generale Group)
ФЕСТИВАЛ НА ФРАНЦУСКИОТ ФИЛМ
(Поинаква приказна)
Почитувани,
И оваа година продолжува чудната пракса од пред неколку години, целата програма на фестивалот да биде во Скопје, а во Охрид да има само една филмска проекција и неколку пропратни средби. Само да Ве потсетам, оваа манифестација започна во 2008 година, под името „Фестивал на францускиот филм во Охрид“ (Festival du film Français d’Ohrid). За љубителите на француската кинематографија, за љубителите на кино проекциите воопшто, ова беше вистински празник, соодветен почеток на летото, манифестација која донесе еден европски дух во градот, еден нов бран, овозможи луѓето овде да се почувствуваат вредни. И онака кино културата во градот е практично замрена, со повремени проекции, дури изминатиов месец започна модерната 3Д технологија, откако веќе беше промовирана во повеќе градови низ Македонија, со години. Сепак, за помалку комерцијалните остварувања, за филмови надвор од англиското говорно подрачје, локалната публика, па и посетителите кои се нашле тука, се повеќе од заинтересирани.
Одлуката ваков значаен фестивал да биде во Охрид, ја сфатив како поттик за децентрализација на културата, на културните настани. Иако Охрид изобилува со домашни и меѓународни значајни настани од културата, локалната публика посакува уште. Можеби тоа не е бројна публика, во илјадници, меѓутоа заслужува да биде дел од светот, да е домаќин на познати светски автори и достигнувања. Во Охрид има музички и театарски манифестации, фолклорни, литературни, но не и кинематографски, филмски фестивали. Ова беше еден дел кој го дополни мозаикот на вистински културни настани кои му требаат на Охрид, за сметка на онаа евтина забава со која се заситува преку летото. Знаејќи дека Охрид во текот на есента и зимата, а често и на пролет, е мртов град, секое придвижување, присуство на странци, предизвикува љубопитство и интерес. Сметам дека културата е во голем степен централизирана, пракса која започна во социјализмот, а за жал продолжи и во независна Македонија. Иако постојат одредени локални манифестации, културни лета, поддржани или не од министерството, нивниот број е незначителен, во однос на големите културни настани кои се присутни во главниот град. Се сеќаваме како заврши желбата на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ дел од проекциите и настаните во рамките на фестивалот да се случуваат и во Скопје.
Пресвртница во фестивалот се случи 2013 година. Манифестацијата доби наслов „Фестивал на францускиот филм во Македонија“. Тогаш, како да се насетуваше постепено одлевање на манифестацијата кон Скопје. Меѓу нас дискутиравме за тоа, лично, или преку социјалните мрежи. Сепак, од пет дена, три беа во Охрид, и освен филмски проекции имаше и пропратни настани кои ја вклучуваа публиката. Во ред, тоа беше можеби прифатливо решение, некаков компромис, и охридската и скопската публика да можат да видат дел од филмските остварувања. Меѓутоа, минатата година, соодносот се промени. Од шест фестивалски дена, само еден беше во Охрид, и тоа не се прикажуваше премиера на некој филм, туку реприза на претходна проекција во Скопје. Вечерта се направија толку церемонии, небаре се отвара фестивал кој ќе трае неколку дена, за да истиот заврши веднаш после проекцијата. Не знам зошто сета таа помпа. Одеднаш, Охрид стана само една кулиса во фестивалот, една вечер, пополнување на програмата, локалната публика се занемари, за сметка на скопскиот „крем“ и светлата на велеградот. Револтот беше голем, реакции имаше и под објавите на одредени медиуми, реагирав и на објавите на официјалната Facebook страница на фестивалот, луѓето негодуваа, коментираа, но остана само на тоа, по некој службен одговор, и помина.
Денеска почнува осмото издание на фестивалот. Сликата се повторува. Овој пат, Охрид е оставен за крај, организаторите веројатно одлучиле дека симболиката на наградата („Златна маска“) ќе биде посоодветна во Охрид, па тука ќе заврши фестивалот, со еден мал коктел, презентација и проекција на еден од филмовите. А зошто повеќе филмови паралелно да не се прикажуваат во Охрид? Или дел од селектираните филмови да се прикажуваат во Охрид, дел во Скопје. Зошто е Охрид занемарен за сметка на Скопје? Зошто идејата за реализација на ваков фестивал беше поврзана со Охрид и започна оттука? Зошто локалните институции не застанаа во одбрана на фестивалот, да остане во Охрид, со поголем број на денови, ако веќе не може и целосно да се одржува само во Охрид? Зошто центарот за култура и општината стојат како поддржувачи, ако само еден филм (од осум долгометражни) се прикажува во Охрид, да ги тргнеме настрана сите други пропратни случувања? Која е придобивката за Охрид од само една проекција и еден коктел и презентација? Зошто повторно се централизираат работите и тежиштето се префрла во Скопје? Од другата година фестивалот слободно може да се преименува во „Фестивал на францускиот филм во Скопје“, не мора да се прават трошоци за доаѓање до Охрид, ќе ја проследиме прес конференцијата пред отварањето на телевизија, ќе прочитаме за филмовите во медиумите. Дури и наградата не мора да биде златна маска, туку некој „Златен Прометеј“, да биде поврзано со Скопје. Веројатно не заслужуваат луѓето низ Македонија да бидат дел од вакви манифестации. Изгледа за тоа се предодредени само жителите на Скопје.
Фестивалот ја врати публиката в кино. Го врати и францускиот филм пред локалната публика. Донесе многубројни гости, разговори, дружења. Сите се надеваа дека тоа ќе потрае, дека интензитетот ќе се зголемува. Но, работите се изменија. Охридската публика повторно ќе се надева, ќе чека француски филмови на кино.
Владимир Трајановски
(вљубеник во француската култура)
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.