Почитувани,
Би сакале по втор пат да се обратиме на јавноста по повод случувањата во с. Трпејца со диво изградените објекти на крајбрежјето. При нашата посета на селото на 5 мај оваа година бевме запознати дека два објекти се бесправо изградени на самиот брег на езерото, дополнително бевме запознати дека исвеститорот се обидува да го сруши најсветото за жителите на с. Трпејца параклисот и светиот камен којшто со децении преставува свето место за нив. Во таа прилика ја повикавме Општина Охрид согласно своите надлежности делегирани со позитивните законски акти да ги изврши решенијата за рушење кои самата ги донела на ден 14.07.2011г. И се ќе беше во ред доколку Општина Охрид работеше согласно законите и принципот на владеење на правото. Но, наместо тоа Општината работи согласно манипулациите со кои владее со Охрид веќе 7 години. Така се бараа образложенија од типот дека нема избрано фирма за рушење, па дека нема средства во буџетот, па дека има барање за легализација на дивоградба и сл манипулации.
Иако сме свесни дека во Општината има многу квалитетни правници кои одлично ја познаваат својата работа, како и чесни градежни инспектори кои совесно си ја вршат својата работа, сепак знаеме дека Градоначалникот не им дозволува да го прават тоа, затоа би сакале да го посоветуваме и информираме како треба да ја заврши работата во с. Трпејца:
1. Да ги прочита одредбите од Законот за градење во членовите 134, 135, 137, 139, 142 и 143. Во нив јасно пишува на кој начин се утврдуваат дивоградби и како се постапува при извршување за нивно остранување, јасно пишува дека надлежен за утврдување на дивоградби и ниво остарнување е општинскиот градежен инспектор и Општина. Исто така јасно е дека предмет на легализација на дивоградби не се објекти во заштитени зони во случајов национален парк и објекти изгрдени по денот на носење на законот легализација на бесправно изградени објекти како што е во случајот на с. Трпејца.
2. Да ги прочита одредбите од Законот за јавни набавки, како и од Законот за градење во кои јасно пишува дека трошоците за извршување на решението на градежниот инспектор за објекти од втора категорија( какви се тие во с. Трпејца) се на товар на буџетот на Општината, а истите се надоместуваат од извршеникот односно инвеститорот согласно член 143 од Законот за градење. Во Законот за јавни набавки точно е пропишана постапката за избор на фирма за остранување на нелегално изградените објекти. Би сакале да го посоветуваме дека ако никој не се јавил на повикот за јавна набавка за избор на фирма со рамковен договор на извршување, може сосем законски да се распише набавка за отстранување на конкретен објект за која не се потребни многу средства, рокот во редовна постапка е не подолг од 14 дена, а ако се третира како итна и многу пократко. Го повикуваме Градоначалникот да мотивира една од фирмите кои во експресен рок добиваат дозволи за грдаба на згради во Охрид и прават огромни профити да се јави на овој повик и да ги сруши дивоградбите. Тоа ќе е мал придонес во воспоставување на ред во Охрид.
3. Советот на Општина Охрид да ја прифати иницијативата на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ за ребаланс на буџетот со кој ќе се обезбедат средства за рушење на бесправно изградените објекти во Општина Охрид.
Доколку ова го реализира ние ќе сме први што јавно ќе го подржиме, но доколку ништо од ова не се реализира јасно ќе покаже Градоначалникот дека не сака да го спроведува занокот и владеењето на правото во раководењето на Општината Охрид. Доколку не се срушат бесправно изградените објекти ќе ги повикаме граѓаните да ги искористат сите форми на притисок како би го натерале Градоначалникот да работи согласно закон. Ние како народни преставници ќе сме први во нивна подршка.
со почит,
Александар Николоски- пратеник во Собрание на Република Македонија
Харалампие Шокароски- пратеник во Собрание на Република Македонија