„На другата страна од стравот се наоѓа слободата“. Фото: Jônatas Cunha, 2009
Претседателе, почитуван професоре на Правниот факултет и наш колега новинар, убеден сум дека не сте рамнодушни, како што тоа се доживува во јавноста и меѓу нас новинарите, што еден новинар лежи во затвор за напишан текст пред повеќе години во списание кое одамна е згаснато.
(Заробени медиуми: Слобода за Кежаровски)
Пишува: Ерол Ризаов
Почитуван претседателе на државата, Ѓорге Иванов,
Си земам за слобода да Ве поканам во понеделник на 6 октомври во 19.30 часот да дојдете во Клубот на новинари во Скопје. Ако имате доволно личен и државнички мотив и доблест, ќе присуствувате на еден хуман чин на македонските новинари, на една солидарна вечер посветена на колегата Томислав Кежаровски, кој е осуден на четири и пол години затвор и веќе над една година чмае затворен меѓу четири ѕида во домашен притвор без можност да работи и да обезбедува егзистенција за себе и своето семејство. Оваа вечер е во рамките на конференцијата на Европската федерација на новинари, која ќе се одржи во Скопје и на која ќе присуствуваат новинари, медиумски експерти и синдикални активисти од над 20 европски земји.
Претседателе, почитуван професоре на Правниот факултет и наш колега новинар, убеден сум дека не сте рамнодушни, како што тоа се доживува во јавноста и меѓу нас новинарите, што еден новинар лежи во затвор за напишан текст пред повеќе години во списание кое одамна е згаснато. Сигурно, како универзитетски професор на Правниот факултет знаете дека Кежаровски е осуден во нефер судење според закон под европските стандарди. Претседателе, должни сте, кога е во прашање угледот на државата, да се заложите да се отстрани она што ни нанесува срам во светот. Оваа пресуда на Судот во Скопје ги обиколи светските медиуми и сите медиумски асоцијации кои водат грижа за слободата на медиумите и особено печатот. Сите до еден ја осудија драконската казна за текст напишан пет години пред изречување на пресудата. На светските ранг листи за медиумските слободи во Македнија овој случај имаше влијание да се најдеме меѓу земјите каде новинари лежат затвор поради текст. Се покажа дека пресудата на Кежаровски е само последица на една повеќегодишна пресија врз медиумите што нѐ доведе на самото дно во светот и што се смета за едно од основните мерила на развојот на демократијата и човековите права, за што вие како професор имате извонредни познавања, ама како претседател на државата оваа грижа за македонската демократија и македонските медиуми отпадна од вашата работна агенда, иако тоа ни го ветивте уште при првиот избор за претседател на Република Македонија.
ВО СОСЕДСТВОТО НЕМА ОСУДЕНИ НОВИНАРИ
Почитуван претседателе, не знам дали знаете колку новинари во Европа и во соседството се осудени на затворски казни поради оддавање на идентитетот на заштитен сведок, каков што е случајот со Кежаровски. Ниту еден, претседателе, иако имаше судења за многу потешки дела, како што е обелоденување на идентитетот на луѓе кои издале државна тајна, давајќи податоци за медиумите, имаше судење на новинари кои ги откриле пред јавноста сведоците кои сведочеле во процеси на воени злосторници… Сите тие се осудени со условни и парични казни. Само еден мал детаљ многу кажува за основаните сомнежи дека овој судски процес против Кежаровски е најблаго речено чуден и нерегуларен со основани сомнежи дека се работи за други мотиви и причини, а не за издавање на идентитет на заштитен сведок уште пред да биде прогласен за заштитен. Имено, сигурно ви е познато дека уште пред судот да ја изрече пресудата и да го прогласи Кежаровски за виновен, јавниот обвинител Марко Зврлевски ја прејудицира судската одлука. Тој во дневен весник изјави дека Кежаровски ќе биде осуден минимум на четири години затвор. Ве прашувам, почитуван претседателе, каде тоа, во која држава јавниот обвинител ги соопштува или прогнозира пресудите преку дневниот печат? Нели само ова е доволно да се поништи пресудата?
Почитуван претседателе, ако можете да одите на интервју и да патувате по светот со новинар како Миленко Неделковски, кој е осудуван од истиот суд за измама на повеќе од 20 граѓани на Македонија во износ од над 160.000 долари, продавајќи им непостоечки американски иселенички визи и со него да дебатирате за патриотизам, чесност, борба против криминалот и корупцијата, мислам дека можете со многу полесен чекор да дојдете и во Здружението на новинари на Македонија и во нашиот клуб на солидарна вечер за Томислав Кежаровски, кој е осуден на ефективна казна од четири и пол години, а не само на условна казна како вашиот новинарски пулен.
АБОЛИЦИЈА
Почитуван претседателе, мојата покана да дојдете на солидарната вечер за Томислав Кежаровски има само еден мотив. Кај вашите правни советници да се заложите да ја испитаат можноста за аболиција, или некоја друга мерка што спаѓа во ваша надлежност , а што ќе значи слобода за новинарот Томислав Кежаровски. Така, барем донекаде, ќе симнеме еден голем товар и дел од срамот поради затворската казна на Кежаровски, а со тоа ќе овозможите нашиот и Ваш колега да си ја работи својата работа. Така ќе ја вратите среќата во семејството на Кежаровци, чија ќерка деновиве почна да оди во средно училиште. Не можам да Ви го разберам спокојството да претседателствувате со држава каде една душичка оди со наведната глава на училиште затоа што татко и е осуден затвор поради новински текст. Не таа претседателе, ние сите треба да ја наведнеме главата од срам оти живееме во таква држава.
Се надевам дека ќе соберете сила и ќе дојдете да се дружите малку со поранешните колеги и да ни ја соопштите добрата вест.
Престанете веќе да им се плашите, а и трет мандат нема по Уставот на Македонија.
___________________________________________________________________________
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на OhridNews.