Со директорот на хотел „Пасквелија“ (името е намерно променето) се сретнавме неколку пати во Охрид. За мене овој човек спаѓа меѓу искрените и чесни луѓе од  елитата на македонскиот туризам. Со неговиот позитивен однос, туристичка култура и разбирање ми стана близок и вистински пријател кого многу го ценам. Пред некој ден ми испирати еден е-mail во кој ме прашува  како сум, дали ќе се видиме на ITB во Берлин или ова лето во Охрид, до каде е  каталогот за Охридската ривиера 2012 , се враќам ли скоро во родрниот крај?!

Драг  пријателе, благодарам многу за твоите убави и охрабрувачки зборови. “Враќај се, доста е”, ми пишуваш. “Од Охрид нема поубаво место за живеење во Македонија”

Знам, привилегија е, да живееш и работиш во тој езерски крај, таму каде што други луѓе од далеку доаѓаат на одмор! Јас сум припадник на дијаспората. Во млади години заминав од Охрид, за да се вратам. Моето враќање го подготвував плански. После успесите во туризмот ваму, се зафатив како што знаеш со „Macedonian sun“-  проект за развој на нашиот туризам, специјално во охридскиот регион. Идеата повеќе пати ја образложив во весници, праќав писма до надлезните за развој на туризмот, барајќи поддршка, кај  ЛЕР, АППТРМ, ХОТАМ, надлежно Министерство, Конзулат и Амбасада на Република Македонија. Со голема љубов оснивав национален тоуроператор и ја создадов првата туристичка програма за Македонија. На повеќе меродавни личности им го пратив каталогот на разгледување. Место да ја поттикнат и поддржат реализацијата на проектот, тие воопшто не реагираат. Со нивното молчење ја уништија креативноста и желбата кај мене, го убија стремежот за создавање и доградување на тоуроператорот-специјалист со сопствена програма за охридската ривиера.

Поради овие и  низа други причини, дојде моментот да им ја соопштам мојата одлука на сите: Тотално разочаран и демотивиран се повлекувам од македонскиот туризам. Сцената му ја препуштам на друг кој што поповолно ќе направи и понуди поубава и поуспешна туристичка програма за нашата земја од мојата. Проект-активностите се стопирани, web-каталогот “Ferien am Ohridsee” е во состојба на мирување и најдоцна до 17. март  оваа година ќе морам со тешко срце да го избришам и отстранам од интернет. Подналутен сум на себе и на  своите….  Се чувствувам непријатно, очајно и гневно. Згрешив што се зафатив со “Македонско Сонце”, кое е, како што изгледа, сеуште далеку и “северно”.

На годишен одмор ќе дојдам во Охрид. Се радувам на нашето повторно видување и ти пожелувам успешна туристичка сезона 2012!

Твојот пријател од Франкфурт на Мајна, 
Климент Китановски 

* Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.