Почитувани родители, наставници, колеги и надлежни институции,

Ние, вработените во СОУ „Нико Нестор“-Струга, кои сме во штрајк од 20.01.2015 година, се обраќаме до пошироката јавност во Република Македонија, со цел објективно информирање за причините за штрајкот. Бидејќи подолго време сме изложени на низа необјективни оценувања од страна на МОН и нашата професија е доведена под маргините на секое достоинство, чувствуваме потреба да бидеме слушнати. Секој просветен работник кој совесно ја извршува својата работа, добро знае дека оценувањето, пред сè претставува вреднување на вложениот труд. Екстерното оценување, спротивно на тоа, претставува обезвреднување на трудот на просветниот работник и негово деградирање како личност.

После две години од спроведувањето на екстерното тестирање, се увидоа сите пропусти за кои ние постојано укажуваме до надлежните институции, за кои за жал не наидовме на разбирање. Освен нас, жртви на екстерното тестирање се и учениците, односно родителите.

Нашиот штрајк не треба да биде поддржен само од просветните работници, туку и од сите совесни граѓани, кои ја согледуваат реалноста и последиците од оваа состојба.

Свесни сме за изгубаните часови и жалиме што нашите ученици не можат во нормални услови да го започнат второто полугодие, но се надеваме дека оваа краткорочна вонредна состојба ќе успееме да ја надминеме, а сè во интерес на подобро образование.

Апелираме до целата јавност, родители, ученици, колеги, кои од свои причини не се со нас (но скриено и латентно го поддржуваат штрајкот), но и до надлежните институции кои во моментов немаат слух за сериозноста и тежината на проблемите со кои се соочува образованието да воочат дека се работи за нешто сериозно, дека нешто не е во ред, бидејќи една широка интелектуална маса решила своите права да ги бара на ваков начин!
Зошто искривена слика и игнорирање за причините за нашето незадоволство??? Зошто???

СОУ „Нико Нестор“-Струга е мултиетничко училиште. Како и секаде каде има фреквенција на средношколска популација, можни се и одредени еуфорични искрења.

Но, кога беа во прашање такви судири меѓу мешани етникуми, секогаш бевме третирани како медиумска сензација.

Во таа „сеопфатна и широка аналитичност“ многу често работите беа вадени од контекст. Но, барем бевме во најавите : „Во СОУ „Нико Нестор“-Струга ……“  Во овој период на една поширока активност во интерес на достоинството и квалитетот на образовниот систем – МОЛК!

Ние како совесни професори ја поддржуваме идејата „Образованието е сила! Образованието е моќ!“.

Вработените во СОУ „Нико Нестор“-Струга, поддржувачи на штрајкот

*Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.