Со настап на светски познатата оперска певица од Романија Елена Мошук придружувана од тенорот Калин Братеску, исто така од Романија и оркестарот на Македонската филхармонија под диригентската палка на Николае Молдовеану, вечерва на Античкиот театар, започна 58 издание на Фестивалот „Охридско лето“.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот, претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, кој ги истакна универзалните вредности на уметноста.

  • По 58 пат Охрид и Македонија ќе бидат домаќини на стотици уметници. Тие уметници со себе ќе го донесат светот, за потоа со себе во светот да го понесат Охрид како македонското огледало на европската култура. – рече Иванов.

Присутните на отворањето на фестивалот ги поздрави и министерот за култура Асан Адеми, кој се обрати на македонски, албански и англиски јазик.

  • Уметноста е универзалниот јазик на светот. Велат дека јазикот е измислен од човекот за да ги искаже своите чувства, но реално го употребува повеќе за да ги сокрие истите, да лаже, да убие. Само во јазикот на музиката се е искрено, чисто, боженствено. – истакна министерот за култура Адеми.

Оваа година пораката од уметниците ја испрати актерот Никола Ристаноски. Тој рече дека уметноста можеби нема да го спаси светот, но може да не поучи како да станеме благородни, благодарни и возвишени.

На отворањето на фестивалот покрај бројни љубители на класичната музика, присуствуваат и познати личности од политичкиот и јавниот живот, пратеници, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски и други официјални гости. Тие уживаат во прекрасната изведба на популарни италијански дела и француски оперски арии во магичниот амбиент на Античкиот театар, кој сепак не е докрај исполнет.

Охрид оваа година ќе биде домаќин на над 800 уметници од 27 држави од Европа и целиот свет, а публиката ќе има можност да проследи врвни музички и театарски претстави.

OhridNews
фото: Мега продукција