Во охридската подрачна единица на Агенцијата за вработување денес се одржа отворена средба со граѓаните на која тие имаа можност да се информираат за активните мерки за вработување. Како што истакна директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, целта на одржувањето на отворените денови е да се утврди дали се применува оперативниот план за активни мерки и програми за вработување согласно насоките коишто ги дава Агенцијата.

За првпат започнува групно испраќање електронски мејлови до компаниите за известување за секоја мерка и сите новости што ги имаме во Агенцијата, како и за секое изменување на законската регулатива што ги засега работодавците. Сакам да ги сослушам и невработените лица, со кави проблеми се соочуваат тие при имплементацијата на мерките , рече директорот Поповски, кој смета дека охриѓани се добро информирани околу новините.

Најголемиот број информации околу мерките за вработување охриѓани ги добиваат редовно и тоа на одржани трибини, работилници, како и на средби со надлежнте, потенцира директорот на ПЕ на Агенцијата за вработување во Охрид Јован Баткоски.

Ваквите средби се извонредна можност работодавачите и невработените, не само да се запознаат со активните мерки, програми и услуги што ги нуди Агенцијата за вработување, туку на лице место можат да си постават прашања , но и дадат свои мислења, сугестии, предлози, идеи, па дури и критики, рече Баткоски.

Досега Отворени денови на агенцијата за вработување се одржаа во повеќе градови низ земјава, меѓу кои Валандово, Радовиш, Штип, Велес.

OhridNews