Со интерпретација на антологиската  „Т’га за југ“ од  Константин Миладинов и палење на фестивалскиот оган, синоќа пред Платото на Домот на поезијата во Струга свечено беа отворени 49-те Струшки вечери на поезијата.

– Веќе пет децении Македонија е престолнина  на поезијата во која различните култури и јазици комуницираат отворено и искрено, градејќи мостови меѓу сегашноста и иднината, истакна во својот поздравен говор, министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска.

Поетите од сите континенти на светот, учесници на Струшките вечери на поезијата, ги поздрави и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. „Од мостовите на овој град нека се пренесе во светот пораката за мир, пријателство и љубов меѓу луѓето, рече Мерко.

На свеченото отворање присуствуваа премиерот Никола Груевски, претседателот на Македонската академија на науките и уметностите Георги Старделов, министри, пратеници и претставници на дипломатскиот кор.


На годинешните Струшки вечери на поезија учествуваат 60 поети и 50-на домашни автори. Добитник на Златниот венец на поезијата за 2010 година е еминентниот бугарски поет, публицист и новинар, Љубомир Левчев кој во својата богата творечка  кариера има издадено 50 збирки поезија.


Лауреатот засади дрвце во паркот на поезијата

Во своето обраќање пред медиумите Левчев истакна дека никогаш не бил оптоварен со тоа дали  некогаш ќе ја освои престижната награда, која пред 17 години му ја предвидел големиот македонски писател и поет, покојниот Гане Тодороски. Сепак 75 годишниот Левчев потенцираше дека е исклучително  почестен што прима награда од најпоетската држава во светот, која како што рече, ја почитува и за која секогаш пишувал со љубов, иако на многу луѓе тоа не им одговарало и се уште не им одговара. Според него помеѓу македонскиот и бугарскиот народ во минатото биле поставени големи политички бариери создадени од лаги кои полека се уриваат, но треба уште да се направи за подобрување на културните и духовните односи помеѓу двата соседски народи.

– Односите помеѓу нашите народи, културните и духовните врски се прочистуваат, но не се чисти како водите на Дрим кои можат да се пијат. Доколку бев волшебник наградата ќе ја претворев во уште еден мост меѓу нас, по кој што можат да поминуват само љубовта и вистината, истакна Левчев.
 
Портретот за венцоносецот традиционално ќе се одржи во катердалната црква  Св. Софија во Охрид, а покрај него ќе бидат претставени и естонскиот поет Сиим Кера, добитник на наградата на УНЕСКО и македонскиот поет Владимир Мартиновски кој е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“. Покрај традиционалното поетско читање „Мостови“, манифестацијата „Ноќ без интерпукција“, годинава на СВП, ќе биде промовирана азербејџанската поезија, а нема да изостане и пикникот во Свети Наум.

OhridNews