Министерството за внатрешни работи информира дека од 17 јуни отворени се сите гранични премини во земјата наменети за меѓународен граничен сообраќај при што условите за влез и излез на наши и странски државјани се непроменети, согласно Одлуките и мерките на Владата:
- Македонски државјани можат да остварат непречен излез од земјата, при што на граничен премин пополнуваат изјава со која изјавуваат дека Република С. Македонија поради настанатата состојба со КОВИД-19 нема да биде во можност навремено да им помогне околу нивното враќање;
- Во Република С. Македонија е дозволен влез на МКД државјани и странци со регулиран привремен или постојан престој во земјата под услов истите да имаат валиден негативен PCR тест (изработен од нос и грло), не постар од 72 часа од денот на издавањето на тестот со што истите добиваат Наредба и пополнуваат изјава за домашна самоизолација во траење од 14 дена.
- На влез во Република С. Македонија , МКД државјани и странци со регулиран привремен и постојан престој кои немаат PCR тест се упатуваат во задолжителен државен карантин во времетраење од 14 дена ( истите со организиран превоз и полициска придружба се упатуваат во некој од претходно утврдени објекти).
- Странските државјани можат да транзитираат низ територијата на Република С. Македонија (преку сите копнени гранични премини), под што се подразбира влез на еден граничен премин а излез на друг граничен премин при што имаат обврска при транзитот да не се исклучуваат од соодветниот автопат или локален пат и транзит да се реализира за најмногу 5 часа, за што пополнуваат соодветна изјава.
Во меѓувреме, на интернет е покрената онлајн петиција за неусловено отворање на границите.
- Бараме без одложување и веднаш да биде возобновен слободниот проток на патници на границите и аеродромите во нашата држава. Бараме укинување на секаков услов или неопходен тест за влез на државјани на Р. С. Македонија во сопствената држава. Бараме поништување и укинување на срамните изјави кои граѓаните се принудени да ги потпишат при излез од земјата со кои изјави декларираат дека се откажуваат од својата држава, како и таа од нив. Бараме укинување на незаконското лишување од слобода олицетворено преку т.н. државен карантин на македонски државјани кои допатувале од странство. – се наведува во онлајн петицијата.
Иницијаторите велат дека со воведените ограничувања во движењето и патувањето во и од странство се кршат основните човекови права и слободи загарантирани со уставот на нашата држава.
OhridNews