Во Охрид денеска започнаа со работа три регионални канцеларии за комуникација меѓу пратениците и граѓаните од поширокото подрачје на Општината.  Проектот „Ваш пратеник – поблиску од кога и да е“, заеднички го реализираа Националниот демократски институт за меѓународна соработка (НДИ), Собранието на РМ и локалната самоуправа, со финансиска поддршка на Владата на Швајцарија и УСАИД.


Претениците Анита Кипаризовска – Крстеска, Александар Николоски, Владо Стефеноски и Цветко Грозданов од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, Томе Чингоски од СДСМ и Тахир Хани од ДУИ,  секој петок ќе им бидат достапни на граѓаните на Охрид во новоотворените канцеларии.

Директорот на НДИ за Македонија, Крис Хендшоу, истакна дека со отворањето на  пратеничките канцеларии во Охрид, Македонија станува лидер не само на Балканот, туку и во остатокот на Европа.

– Кога ќе бидат отворени сите предвидени 73 канцеларии, во Македонија нема да има граѓанин кој е подалеку од 30 километри од ваква канцеларија. Статистиката покажува дека дури 60 отсто од граѓаните на РМ нема да бидат подалеку од пет километри од канцеларија, рече Хендшоу.


Пратеничката Анита Кипаризовска – Крстеска истакна дека отворањето на канцелариите е добра можност пратениците, независно од партиската припадност, да можат да работат во интерес на граѓаните, односно да претставуваат линк меѓу граѓаните и централната власт.

Пратеникот Тахир Хани рече дека канцелариите ќе бидат место каде граѓаните ќе ги поставуваат своите очекувања, предлози, барања, забелешки. „Добро е средбите да не се остваруваат како досега во партиските простории бидејќи ние сме избраници од сите граѓани, независно политичката, верската и етничка припадност“, нагласи пратеникот од редовите на ДУИ.


Отворањето на пратеничките канцеларии го поздрави градоначалникот на Охрид Александар Петрески.

– На канцелариите нема партиски обележја, а очекувам и пратениците да работат непартиски, односно во заштита на интересите на сите граѓани на Охрид, истакна Петрески.


Пратеничките канцеларии во Охрид се лоцирани во просториите на ЈП „Охридски комуналец“, и истите ќе бидат отворени за граѓаните секој работен ден.

Г.М.