Со презентација на малите кампањи за поддигнување на свеста на својата заедница за разумно користење на енергијата, енергетските клубови кои функционираат во рамки на Училишниот проект на ЕВН Македонија, ги реализираа отворените денови во своите општини и заедници. Децата на возраст од 10-12 години од општините Дебрца, Зелениково, Карпош, Аеродром, Пласница, Македонски Брод, Кривогаштани, Дебар, Другово, Штип, Василево и Радовиш организираа презентација на досега сработеното во клубовите и ги потсетија своите родители, наставници и соседи дека енергијата треба да се штеди.

„Преку работата во енергетските клубови, отворените денови, натпреварите во знаење и сите други актвности во рамките на Училишниот проект, ЕВН Македонија креира идни генерации кои разумно ќе ја користат енергијата”, вели Искра Тикваровска одговорна за Училишниот проект на ЕВН Македонија.

Сите 12 енергетски клубови во текот на училишната година следеа континуирана интерактивна едукативна програма за безбедно и совесно користење на енергијата, а потоа како наученото да го пренесат и во своите заедници преку промотивни активности. Учениците од енергетските клубови нетрпеливо го чекаат и завршниот настан – националниот квиз што ќе се оддржи на 19 мај во Струга. Предходно ќе биде организирана летна школа за младинци каде што дваесетина млади од целата Република ќе се стекнат со знаења за енегетската ефикасност и ќе ги подготват игрите за националниот квиз.

Училишниот проект на ЕВН Македонија постои веќе 8 години. Досега скоро 40.000 деца од 300 училишта биле дел од проектот, а вклучени биле сите општини од Македонија. Во последните 3 години проектот работи на начин што секоја година во 12 општини на територија на цела држава се оформуваат т.н. енергетски клубови кои работат според внимателно развиена наставна програма за енергетска ефикасност. Селекцијата на општините секогаш се прави на начин, за да има баланс на урбано и рурално население, различна етничка структура на децата, како и целосна територијална распространетост низ цела Македонија. Проектот досега е повеќекратно наградуван, а се реализира со помош на мрежа граѓански организации од доменот на енергетиката, екологијата и работата со млади.

OhridNews