Воспитувањето е многу сложен, комплексен и долготраен процес на градење и формирање на личноста врз кој влијае општеството како целина, општествените групи, институциите, организициите и поединците, со разновидни средства, постапки и методи, на разновидни содржини. Младиот човек: живее во семејна средина која врши постојано влијание врз него, посетува училиште или некоја друга воспитна установа, живее во општеството и учествува во општествениот живот, слуша радио, гледа телевизија, следи интернет, чита литература, посетува кино, театар и други културни настани, член е на разновидни организации, се состанува со младите во текот на слободното време, школувањето, работата. Сето тоа влијае врз него, го насочува неговиот развој во позитивна или негативна насока, односно него го обликува.

Семејството е основна клетка на општествениот живот, создадено во текот на историскиот развој на општеството. Како што тоа се развивало и менувало, така се развивало и менувало семејството. Историските типови на семејства создадени во текот на развојот на човештвото колку и да се различни заедничко им е тоа што сите имале една важна општествена улога: подигање и воспитување на децата. Она што семејството го прави особено значаен и незаменлив воспитен фактор е самата семејна средина. Само доколку тоа е емотивна заедница, на детето може да му се овозможи потполн емотивен развој и психичка сигурност. Значењето на семејното воспитание е во тоа што во него се поставуваат темелите за периодот кога тоа е неоформено и приемчиво, а неговиот развој најинтензивен. Воспитното влијание во семејството најдолго трае, најдолготрајно го вршат исти лица како воспитувачи, а воспитаниците (децата) со своите воспитувачи (родителите) се поврзани со длабоки емотивни врски. Заради оваа специфична поврзаност на неговите членови, воспитанието во него има специјална сила, длабоко, трајно и сестрано влијание.

Семејните односи се првите општествени односи во кои детето живее и во кои ги стекнува првите сознанија, ги стекнува првите ставови, тука ги гради првите навики во однесувањето и делувањето, тука се поставуваат цврстите темели на идната личност и неговиот карактер. Затоа со столетија тоа било и ќе остане еден од најважните фактори на воспитанието. Добрата и пријатна семејна средина, привлечната атмосфера, топлината што ја зрачат здравите односи, е прв предуслов воспитанието да биде успешно, без поголеми судири, стресови и разочарувања. Семејството влијае врз обликувањето на поединецот во текот на целиот негов живот, бидејќи тоа е природна средина во која човекот живее и за која е врзан сѐ до својата смрт. Кога е во прашање формирањето на самостојна личност на детето неговото влијание е многу позначајно отколку влијанието на училиштето. Бројни истражувања потврдуваат дека семејството е најважниот фактор за обликување на детето, а особено првото десетлетие од неговиот живот. Семејството е прва биолошка и социјална заедница, основа за сите други општествени поврзувања на луѓето, базична економска точка на егзистенцијата, основа од која секој тргнува кон образование и работа. Во семејството секој за првпат се сретнува со етиката и се гради како етичка личност.

Доколку семејството не функционира добро и со љубов, и како етичка заедница не ја почитува вистината, ако нејзините членови се служат со лаги, измами и лоши воспитни и социјални насоки, без грижа за своите членови, тогаш тоа е извор на девијантните појави во општеството. Девијацијата претставува кршење на оние норми, вредности и очекувања кои како пожелни се истакнуваат во некоја општествена група или општествена заедница, при што општеството реагира негативно, надоврзува негативна санкција или пак поминуваат само со став на неодобрување, како однесување во недозволена насока кое ги преминало границите на толеранцијата на општеството. Бидејќи овие појави во современото општество се во голема експанзија, со што добиваат особено значење, нужно се наметнува потребата од нивно објаснување за да можат да се намалат и да се отстранат. За нив не постои единствена класификација, но во девијантно однесување спаѓа однесувањето како: злосторство и деликвенција, земање дроги, проституција, душевните болести, самоубиствата, алкохолизмот и сл. Бидејќи се покажува дека сите видови девијации се непожелни, штетни и негативни општествени појави, општествената превенција од девијации би била посебна општествена активност во рамките на постојните односи со која би се настојувало да се менуваат и коригираат оние односи кои придонесуваат за настанок и развој на девијациите.

Ефикасната превенција треба да резултира со намалување на обемот на поединечни појави или нивно потполно елиминирање. Но исто така не помалку важна е и ангажираноста на семејствата, училиштата, средствата за масовна комуникација и други специјализирани општествени институции за да се постигне саканата цел, односно детето, а подоцна и младиот човек, да добијат соодветни воспитни и социјални насоки. И многу поголемо е значењето на семејството во таа насока затоа што тоа е почетокот од кој секој поединец го започнува својот пат како одделна личност во општеството. Или како што рекол познатиот писател и филозоф, Жан-Жак Русо: „Лошиот карактер на децата никогаш не е дело на природата туку е последица на лошото воспитание“!

М- р Лидија Размоска, педагог