Разорниот земјотрес во Драч, нека биде ова прилика за сочувство и емпатија кон семејствата на настраданите, предизвика поплава од дебатни емисии по телевизиите.
Ја следев онаа на Ал Џезеира, во која учествуваше ценетиот експерт за сеизмичко инжињерство, Гаревски од Скопје. Тој покрена многу значајна тема, за која, за жал, водителката не дозволи да ја образложи. Станува збор за надградбите на станбените згради. Самиот живеам во една таква во Охрид. А, овде, скоро и да нема зграда во потесното подрачје, што не е надградена.Тоа е уште еден сегмент од дивеењето на урбаната мафија, од спрегата на локалната со централнните власти – децении наназад.
Бидејќи самиот никому не сум му го дозволил тоа – да гради метална капа над мојата глава (!), да објаснам како функционира. Обично, некој од повештите станари, собираат потписи од комшиите. Доволно е да соберат 50 отсто од станарите во влезот! Ги подмитуваат со нешто ситнеж – еден по еден, или групно, ќе им ветат некаква поправка на зградата.
Ние од нашиот влез, широкоградо добивме една пластична врата (!), вредна стотина – двесте евра! И толку! Градбата почнува, ние останатите што не сме дале согласност, можеме само да се сликаме. Оние што дале согласност, “се сликаат” отпосле, кога ќе им пристигне задоцнетата памет!? Ама, тогаш е доцна!!!
После земјотресот во Драч, се виде дека многу згради се дивоградби, без соодветни нелегални доградби, надградби и слично. Некои се срушија како кули од хартии, на другите им е разнишана статиката.
Во случајот на мојата зграда (влезот) кога ги собираа потписите, работев во Скопје. Во Домот на АРМ, ми пријде еден познаник, бизнисмен од Охрид кој има производствен капацитет во објектите на “Лихнида”. Лобираше за еден од комшиите, кого, инаку, многу го почитувам. Отворено му кажав дека не доаѓа предвид да им потпишам, дека тоа не е добро за објактот, ниту е хумано во однос на другите станари. Сепак, од атер, нема, лично, да ги попречувам. За првото сум погодил “од прва”, а, како што што изгледа, за второто – сум погрешил.
Се сеќавам, кога се случи земјотрес во Турција, медиумите пренесоа фотографија, како градежникот, во столбовите и цирклажите, полнел со кршено стакло!!!???
Парите, корупцијата,неодговорноста, не се разликуваат по боја и нација!
Време е да си ја чукнеме главата!
Веле Митаноски
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите