Иако охриѓани сакаат да се пофалат со тоа колку е стар градот и околината, какво сè културно наследство имаме, или пак природни реткости, како Охридското Езеро и националниот парк Галичица, тие многу малку прават за да се зачуваат тие особености. Личностите од минатото не добиле достојна почит, нити пак денешните жители на општината се водат според одредени вредности кои тие ги пропагирале. Се чествуваат Климент и Наум Охридски, или Прличев, меѓу другите, но само формално, додека она суштинското што го оставиле како аманет младите генерации охриѓани воопшто и не го знаат. Дека културата, убавото, не се никаков репер во денешното живеење можеме да посведочиме сами. Колективното помнење ни е никакво, нити пак ни значат делата на оние пред нас. Се чини дека денеска е најбитно да се профитира по секоја цена од она што ни го подарила природата и минатите генерации, а нашиот придонес во тој мозаик е практично никаков. Дури, се чини, овие генерации почнуваат и да ги уништуваат природните и културните вредности, без и малку срам или каење, грижа на совест.

Дали се сеќавате на објект од јавно значење (концертна сала, библиотека, театарска зграда, спортски центар, покриен или отворен базен, голема галерија, градски парк или друга зелена површина, младински културен центар, модерна кино-сала) изграден во изминативе 25 години? Јас не. А се изградија стотици згради, неплански, се уништуваат складни населби, се узурпира јавен простор и урбано зеленило, градот приличува на една голема фавела. Само тој назив ми е соодветен за да ја опишам моменталната урбанистичка слика на Охрид. Ниеден градоначалник, ниедна политичка партија или коалиција не понуди ништо изминативе четврт век, во однос на хуманото живеење, туку оваа позиција ја гледаа(т) единствено како можност за енормно збогатување. На штета на јавниот интерес. Таквото „успешно“ работење скапо ја чини општината, а поради огромни долгови отуѓени се значајни градски простори или архитектонски објекти.

Не толку одамна, архитектот не беше само обичен извршител на желбите на одреден инвеститор. Постоеше институција наречена Завод за урбанизам и архитектура во која твореа повеќе генерации охридски архитекти кои со свои дела го градеа не само Охрид, туку и Македонија, а често учествуваа и на национални (југословенски) и меѓународни конкурси. Дополнително, во рамките на градежните работни организации постоеја проектантски студија. Едно такво беше ателјето за студии, проектирање и инженеринг при градежното претпријатие „Трудбеник“. Нивните дела ги гледамe и денес, но дали знаеме кои се тие архитекти, тие автор(к)и? За жал, иако живееме во дигитално доба каде информацијата ни е достапна на дланка, во моментот, за поголемиот број од овие наши сограѓани нема да најдете никаков податок, или само некоја штура информација. Ги нема нити на Википедија. Нема ни симболична инфо-табла на самите објекти.

Ако се направи анкета во градот, колку од нас ќе знаат кои се сестрите Софија Хаџиева-Мизова и Маргарита Хаџиева-Трендафиловска, Пантелеј Митков, Димитри Зарчев, Љубинка Маленкова, Викторија Поп-Стефанија, Ѓорѓи Голев, Владимир Ќосевски, Павел Балабанов, Тодор Паскали, Климент Заров, Росица Наумоска, Добринка Талева, Митко Паскалиев, Иванка Савинова, Благоја Манески? Не постои регистар на модернистичкото архитектонско наследство, нити пак е познато дали се чуваат проектите кои овие и други архитекти ги создале во периодот од неколку децении. Одамна го нема Заводот за урбанизам и архитектура, нити пак градежните претпријатија во чиј склоп делувале архитектонски студија. Што е најжално, нема заштита нити почитување на изворниот изглед на објектите, па денес многу од нив се преправани, изменувани, девалвирани, а некои дури и срушени, со потпис на охридски градоначалници. Реално, помеѓу охриѓани владее висок степен на конформизам, на индиферентност кон јавното, кон архитектурата, естетиката, визуелната складност, кон заедничките вредности, кон наследството оставено од претходниците. Тоа се пресликува и во институциите кои се основани за заштита на културното наследство.

Владимир Трајановски

(фотографиите се преземени од публикациите „Македонска архитектура“ и „Биенале на македонската архитектура“ – дигитализирано од Архива ЗаУм)

Ставовите објавени во рубриката Отворена (Писма-Колумни) се гледиште на авторите и не ги одразуваат гледиштата на редакцијата на OhridNews која не сноси одоговорност за содржината на истите