Има ли смисла да се живее без вода за пиење на плус 40 степени?
И последната шанса за снабдување на вода за пиење на селата Вапила и Ливоишта пропадна заедно со сушата која трае веќе подолго време. Всушност како и Господ да кренал раце од последните вапилчани кои се обидуваат да го издржат животот што им преостанал затоа што таму нема заврнато дожд речиси половина година. Единствениот артериски бунар во мојата нива кој е длабок околу 50 метри и кој до пред два дена ги снабдуваше колку-толку со вода за пиење селаните од Вапила и Ливоишта е пресушен од долгото топло лето. Нема повеќе вода.
За да биде апсурдот поголем човекот кој, за да се избуши артерискиот бунар во Вапила, преку својата фирма која беше јавна и ја раководеше беше обвинет за донацијата од 1000 евра и одлежа затворска казна. Кутрата држава наша!?
Дали општината Охрид и јавното претпријатие Проаква, Водовод Охрид, кој го стопанисуваат снабдувањето на вода на овие две села ќе преземе некаков чекор или селаните ќе се соочат со најапсурдниот проблем во 21 век, да живеат ако е тоа возможно без вода или да умрат од жед. Без леб се може ама без вода не се може. Ами како ќе се искапат тие намачени луѓе!? А која е смислата да се живее на село ако не се засади малку патлиџан и некоја пиперка? А како тие да се наводнуваат? Немаат иднина вапилчани, немаат иднина ни селата во Македонија. Каква штета!
Има три можности за да се реши проблемот: да се направи брана на Расинтус потамос (Расински поток) или Вапилската река и на тој начин би се решил и проблемот со наводнување на Вапилското поле, да се обнови по нов проект водоводот што доаѓаше од Плаќе а кој беше реализиран пред скоро четириесет години по иницијатива на Никола Матлиески-Пашата во времето кога ЕМО се создаваше во Косел или Вапила и Ливоишта да се напојуваат од Охридското езеро. Мислам дека четврта можност не постои.
Локалните избори ќе се одржат на 15 октомври, 2017 година. Зошто би гласале овие луѓе на тие избори ако избраните на такви избори не презземаат ништо во врска со најосновните човечки потреби и услови за да се преживее. За ветената изградба на пат до 2017 година веќе приказната ја знаеме. Во Вапила нема ни продавница од која селаните ќе купат леб, масло, шеќер и цигари затоа што таа се затвори кога Пере од Вапила си замина во Америка за попристоен живот. Нема ни училиште затоа што нема ни дечиња за да учат школо туку и тие неколку одат на училиште во селото Косел.
Многу луѓе вапилчани го напуштија селото во потрага по попристоен живот во Австралија, Америка, Канада, Австрија, Швајцарија и Германија и таму веројатно ќе го завршат. Само малку беше потребно да се превземе за да не биде така. Ама сега, освен десетте автобуски линии кои ги практикува „Галеб“ сите други услови за живот во преубавото место Вапила заслужуваат „црн бумбар“. Кој е виновен? Сите тие што владеат со оваа држава.
Мирослав Кузман
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите