Прличев нема оставено многу, но и она малку е ризница што го оплеменува духот на оној што се занимава со приказната на Прличев, со неговите вредности, неговите идеали. Кога бев поканет да одржам беседа по повод одбележувањето на 132 годишнина од смртта на Прличев, се прашав: Што може денеска да научиме од Прличев?, истакна претседателот на Друштвото на писатели на Македонија, Живко Грозданоски во своето обраќање пред спомен – биста на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“ во рамки на „Прличевите беседи“.

Може ли во овие интересни времиња да се научи нешто од еден автор, кому за пет години ќе му одбележуваме два века од раѓањето? Но, тука веднаш доаѓаат пред некое време искажаните зборови од Славе Ѓ. Димоски, негов преведувач и коментатор: „иако од неговата смрт нè делат повеќе од 120 год., Григор Прличев како постојано да е меѓу нас.

Но, што може да се научи од него? Ако се зачита неговата автобиографија, човек можеби ќе научи нешто за детската психологија и за родителствувањето. Малку потаму, на местото каде што пишува за мајка си, човек може да учи за стравот и за храброста, за душевната чистота и за духовниот устрем, за непоколебливоста и за интегритетот, за поривот за слобода.

Но, не учиме само од убавите нешта. Во мигови кога сум испразнет од дух, јас од Прличев учам дека ништо не е залудно, и дека вреди човек да твори, да не му се предава на она што му се припишува на Прличева: „писателска резигнација и продолжителна белетристичка бесплодност“. Веројатно секогаш ќе има мигови кога и ние, како и Ацо Шопов во „Белата тага на изворот“, ќе се прашуваме дали вреди, она што мислиш дека вреди.

Но, како треба да зборуваме за Прличев Македонецот? Прличев може да се нарече enfant terrible: на прв поглед чудна, загадочна фигура, не лесно сфатлива, со необично, може да се рече и интензивно чувство за припадност, што може да се нарече и неприпадност, или, уште подобро – сеприпадност.

Прличев се смета за првенец на охридското и македонското преродбенско движење, за просветител, жесток и бескомпромисен противник на Цариградската патријаршија, борец за слободата и добробитта не само на неговата „татковина“, градот Охрид, туку и на неговиот народ воопшто. Неговиот придонес во будењето на свеста на своите сонародници е огромен, и затоа, во служба на сопствениот национален наратив, ние би сакале Григора Прличев да го претставиме како непоткуплив Македонец, кој не успеал да биде ни Елин, ни Бугарин. И тоа е така. Но, од друга страна, научници од други нации со уште поголема леснотија го лепат својот идентитет на неговата личност. Најпосле – што би рекол Прличев на тоа? Најверојатно само би се насмевнал, и – би го понудил одново својот проект за пансловенсото есперанто.

Прличев прво бил опиен од Хомер и од грчката култура. Бил поборник на панелинизмот и, молам, тука да се забележи она „пан“, со значење „сè“. Но, по разочарувањето од грчката држава, со истата ревност Прличев се свртел кон пансловизмот, и се посветил на еден колку генијален толку и лудо наивен, инспиративно идеалистички подвиг: да изработи и да стави во функција нов јазик, едно општословенски есперанто. Оттаму, прашањето е: како може еден толку грандиозен сеинклузивен ум да се сведе на нешто што би ѝ било од полза на една (на која било) национална митологија? Никако.

Затоа: што ако недоволно високо целиме кога се обидуваме да ја засилиме националната приказна со помош на Григор Прличев? Оттаму, што ако, наместо да се трудиме да го легнеме Прличева во прокрустовата постела со национални плетки, ние се обидеме да се надраснеме самите себе, и да се устремиме кон една друга, повозвишена мета, која генијално несфатениот Прличев секогаш ја гаѓал во центар? Способни ли сме да ја смениме сопствената перепција на Прличева, и наместо да зборуваме за „трагичар“, „трагичен искушеник“ и „трагик на својата поетска судбина“, во него да видиме една исклучително ретка пројава на префинет ерудит од космополитски („европски“ би било претесно за него) маштаб и, во крајна линија, зошто да не – херој со прикладно заокружена приказна?

Отаде неговите световни проблесоци на стремеж кон едност и заедништво, како оној на пансловенизмот, соодветно е да се спомене и неговиот духовен повик, неговата благородност на духот. Една кратка приказна.

Италијанистката Анастасија Ѓурчинова има објавено обемна студија за еден превод на кој работел Прличев. Не е многу познат фактот дека Прличев од италијански го преведувал епот „Бесниот Орландо“ од Лодовико Ариосто, првпат објавен 1532 г., класик на своето и на идното време. Самиот овој подарок за Прличев говори за книжевните апетити на нашиот денешен славеник, космополит. Но, да влеземе повнатре во приказната: во предговорот од неговиот превод на делото, Прличев влегува во дијалог со Шер, книжевен критичар од негово време, но и со самиот Волтер! И не само што влегува во дијалог со нив, туку Прличев проникливо им укажува на нивните невнимателни, површни сфаќања на нештата. Онаму кадешто Шер гледа „подло ласкање“ (на Лодовико Ариосто кон Иполит д’Есте, мецената кому му е посветен епот), Прличев убедливо гледа „потсмевање“, иронија и – самоиронија. Слично така, онаму кадешто Волтер гледа „ништожен критичар“ (во Иполит д’Есте, кој го критикува нему посветеното дело), Прличев проникливо гледа „остроумен критичар“ (кој ја сфатил играта на Ариосто).

Такво е наследството на Прличев. А за мене, лично, токму овој длабок, благороден поглед на Прличев е најголемата лекција.

Би можеле да се кажат уште многу убави нешта за Прличев. За него пишуваат и многу наши современи автори: драгиот Драги Михајловски, па Милован Стефановски, кој требаше денес тука да го промовира „Депа“, романот за Перличев, па вашиот охриѓанец Иван Точко… и сигурно уште многумина што не ги спомнувам сега.

Би заокружил зборувајќи за две можности. Првата е устремена кон нашата научна фела: можеме да бидеме уште поангажирани во истражувањето на делото на Прличев. Да, тој нема оставено многу, но и она малку е ризница што го оплеменува духот на оној што се занимава со неговата приказна, со неговите вредности, со неговите идеали. Важно е постојано да се навраќаме на приказната на Прличев и за да ја менуваме перцепцијата за него: тој не е (само) „трагичар“, туку пред сè ерудит космополит. Да, тој бил „нервик“, но тоа „нервик“ зад себе остава трајна инспирација, со ехо до ден денес (како есејот „Пофалба на обратноста“ од Горан Стефановски, расказот „Дремката на нервчикот“ од збирката „Приказни од поранешните“ од Димитар Пандев…). Може да се поттикнуваат и новите изучувачи на македонската книжевност да изнаоѓаат нови поврзувања со наследството на Прличев. Тоа е првата можност.

Втората можност се однесува на охриѓани. За пет години ќе славиме двесте години од раѓањето на Григор Прличев. Точно два века, од 1830 година навака. Ова е нешто што можеби веќе се планира од градските власти, тука во Охрид, но јас би сакал да забележам, во пресрет на тој голем јубилеј, за можноста тука во центарот на Охрид да се постави статуа на Прличев, којашто по својата торжественост нема да биде ништо помала од онаа на статуата на Св. Климент Охридски тука на кејот. Да, Охрид е духовна престолнина на нашиот народ, но Охрид го има она што е потребно за да биде и световна престолнина: Охрид го има преродбеникот Прличев. Димитар Митрев Прличева го нарекува „големиот маченик за победничката иднина на нашиот народ“. Ако е победничка нашата иднина – а и нашата сегашност, понекогаш – тоа е токму поради Прличева и поради оние што се инспирираат од него.

Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писатели на Македонија

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите.