Драга Сара,
Твојот живот моментално e сумиран во податоци, во ИБАН шифра, SWIFT код, АЦЦ и СМС бројки. Ама ти си повеќе од овие банкарски жиросметки и телефонски броеви. Одеднаш си ‘наша’ ќерка, наша сестричка, наша комшивка, наша другарка, наша внука, наша школска, наша братучетка.
Иако не се познаваме лично, сите имаме ‘некоја Сара’ во нашиот круг: весело, среќно девојче, полна со планови, на почеток од животната авантура. На есенскиот ветар и дожд не стопли, не освести да застанеме малку, да закочиме.
Во мулитмедијалниов свет имаме редовно и ударно средба со повици за хуманитарна помош. Тие се тешки, емотивни случаи. Се така непознати слики и имиња од Куманово, Делчево, Македонски Брод, Демир Капија. Едната порака полоша од другата. Твојата несреќа дојде и во нашите домови. Имаме слика од твоето лице, имаме претстава за твојата улица која е во близина, твојата куќа е како речиси сите охридски куќи, твојата детска е како нашите детски, твоите родители и твојот брат се огледало од нашите семејства. Не можам како татко да замислам како е тоа: тие зборови од лекари, таа порака што уништува за секунда се. Ти посакувам успешна операција, добро лекување и супер здравје.
Драги Марко,
На големиот православен празник Богородица ти успеа како чудо да испливаш 30 километри од Св. Наум до Охрид. До преполниот кеј, на сончевен летен ден, ни покажа дека навистина се е можно. Но, не е лесно. Со фасцинантна приказна, со минати тешки болки ти успеа да инспирираш многу луѓе, млади и стари.
Во овие конфузни времиња, исполнети со многу нервоза, се идентификуваме со две имиња: Сара и Марко. Значењето на името Марко е: син на борец, подарок од планетата Марс. Точно таква испадна твојата магија на Охридското Езеро. Значењето на името Сара е принцеза или кралица. Како сите приказни со принцези, еден ден ќе дојде и принцоТ на бел коњ. Се надевам со ваква масовна акција исполнета со многу љубов, би требало да се патува до Германија.
Следната недела животот ќе си тече како и секогаш. Сите ќе трчаме со своите брзини, успеси, сметки, несигурности, сонови, лајкови, и срциња. Благодарност што ни ја пренесовте вашата борба и вашата упорност во соочувањето со предизвиците. Голем респект за вашата тинејџерска сила и што ја споделивте вашата ранливноста со нас, ние (не)познати луѓе од: Охрид, Струга, Лескоец, Косел, Дебарца, Скопје, Америка, Канада, Австралија и Европа.
Влатко
Амстердам
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите