Почитувани,
Ја познавам добро сопствената историја, историјата на Дебрца и семејната историја во периодот на крајот на 18-ти и почетокот на 19-ти век. Ги поседувам копиите од оригиналните документи од Завод и Музеј од Охрид: дневниците на Војводите Смиле Војнески, Дејан Војвода и Христо Узунов и сум потомок на востаниците и комитите кои се бореле за ослободување на Дебрца, ослободување на Охрид односно цела Македонија.
Жестоко реагирам на бројните невистини и испревртената историја прикажани во серијата “Збогум Руменија” поврзани со населеното место Песочани и пошироко Дебрца.
Да бидам појасен и поконкретен, османлиите се прикажани како многу добри луѓе што прават само добри дела, односно прикажани се буквално како јагниња. Нашите домашни луѓе, христијанското население во серијата се прикажани како насилници, убијци и арамии, угнетувачи на турското население.
Историјата која им се пласира на нашите млади генерации е целосно испревртена. Сакам да презентирам само еден сосема мал дел од настаните што се случувале во Дебрца, во Песочан, баш во тоа време. Османлиската банда која сеела страв по селата во Дебрца ја предводел Каплан од Песочан а членови биле Зенил, Абедин, Поум, Риза и Емин. Селаните морале да плаќаат неподносливо голем данок и присилно морале да работат по турските чифлици. Оние наши луѓе кои се спротиставувале или имале мисла за ослободување биле убивани на најбрутален начин. Мојот прадедо Јонче Јосифов (ски) и неговиот брат Јордан како востаници и комити на 20 август 1903 година биле пратени од нивните претпоставени, Смиле Војнески и Дејан Војвода, да слезат во селото Злести, да земат храна за востаниците и јачмен за коњите и да ја донесат на Сирулски рид каде се водела борбата со османлиите. Биле предадени истиот ден од предавник и брутално биле убиени. Јонче Јосифов бил со дрво тепан и отепан на неговото гумно на 20 август 1903 година а неговиот брат Јордан е заклан истиот ден на тумбите над селото Злести.
Извршители на овие злосторства биле Каплан и неговата банда од Песочан.
Да ве потсетам и за смртта на нивниот војвода Дејан кој бил најбрутално убиен, фрлен на лисник од гранки шума, потоа запален и најпосле фрлен од карпа кај местото викано Опчели. Тоа било вистинското лице на османлиите во Песочан и Дебрца.
Со почит
Кирил Јосифоски
со потекло од Злести ( во непосредна близина на Песочан) – Дебрца
*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.