Срамни опструкции, мобинзи, посети на просветни инспекции и праќање на трудови инспекции во училиштета на ден пред Велигденските празници, со цел попречување или прекинување на генералниот штрајк на просветните работници.
Изминаа и две недели од почетокот на генералниот штрајк во училиштата и, откако видоа дека се’ појасно е и се’ поцврсто е единството на просветните работници да истраат во намерата да се изборат за своите права, веќе започнаа нивните т.н. удбашки методи на мобинг и психичка тортура, како на штрајкувачите, уште повеќе на синдикалните лидери!
Прајминистерот го обвинува синдикатот за наводно ставање во заблуда на наставниците по однос на оправданоста на штрајкот; министрите за образование и за труд и социјална политика ни испраќаат просветни инспекции и трудови инспекции токму пред Велигден, инспекции кои треба со самото присуство или со дискретен поглед, да ги „превоспитаат“ и стават во „државен колосек“ незадоволните наставници кои се дрзнале да штрајкуваат подолго и од две недели, да ги натераат „доброволно“ да се вратат на настава!
Во исто време, на ден пред Велигден, некои директори од училиштата им даваат туѓи приватни телефонски броеви од синдикалните лидери и ги тераат претседателите на совет на родители да се јават кај тие синдикални лидери и ним да им се пожалат за прекинот на наставата, барајќи од нив и од штрајкувачите да им кажат како ќе се надомести наставата!!! А нели тие исти директори треба да ја организираат наставата со нивните нови т.н. заменски наставници! Заменски наставници?! (Каде сте, кај отидовте, за вас плаче Министерството за образование, заедно со некадарните им директори по училиштата низ оваа кутра наша Македонија!).
Ете, токму тој нивни блеф, тоа е тоа нивно потценување на учителите, тоа е тоа, и уште други нивни провидни „сценарија“, свесно смислени за да се испровоцираат синдикалните лидери и штрајкувачите, за тие, некадарните директори, единствените кои не штрајкуваат и кои не го поддржуваат штрајкот, да најдат алиби за својот „законски“ однос кон СОНК и кон сите негови поддржувачи на штрајкот!
Нивните надлежни, нивните ментори, нивните и “наши“ министри кои зборуваат за времето на носење последната минимална плата, е, истите тие забораваат дека минималната плата неколку пати, од пред неколку години, многу повеќе од 6 месеци, неколкукратно е зголемена (што е добро и е за поздравување), а нашите плати останаа на нивото од онаа прва минимална плата ( нешто повеќе од 9000 денари, според која се‘ уште се пресметува нашиот коефициент за нашата плата.
Секој ден, нарачуваат и плаќаат на националните медиуми, ни смислуваат лажни вести: како Јаким Неделков се борел само за парите, за платата според Колективен договор, не за унапредување на правата, а од друга страна тврдат деда овој штрајк бил за унапредувања на правата и затоа не следувала плата на штрајкувачите, туку само придонеси! И што уште не лага до лага за да се обидат и кај родителите да создадат револт поради прекинот на наставата! А токму тие, како што кажав претходно, токму тие од МОН се задолжени и надлежни да спроведат настава!
Да се чудиш и да се крстиш токму пред Велигден! Токму пред најголемиот христијански празник, на Величетврток, осетливо се засилува и нивниот обид и нивните „законски“ активности за попречувањње на штрајкот и за насилно враќање на учениците и наставниците среде училишните клупи веднаш, сега, или веднаш по празникот!
Токму пред Велигден, го натерале ли, или не, сеедно, го пуштаат по телевизииве оној првиот синдикалец на ССМ, да се одрече и огради од генералниот штрајк на СОНК кој, којзнае зошто ( ?!) до вчера го поддржуваше нашето штрајкување, нашата борба за враќање на достоинството, оправданата и праведна борба на просветниот работник!
И, очигледна е наградата: ССМ ќе биде најрепрезантивниот синдикат и ќе преговара во име на сета администрација: и линеарно за секој по 2800 денари, за секој: од чистачка до претседател! Ете, зошто ССМ е против СОНК! Ете, зошто, Димовски е против Неделков и против сите нас – просветните работници!
А ние, просветните работници, без малку, сите,повеќе од 97 % од вкупниот број во Македонија, ние сите сме многу огорчени и особено гневни и на онаа министеркана која заради арогантноста и уцените некои ја нарекуваат веќе министерка за труд и насилна политика!
Таа, односната министерка, очигледно добила задача да ги „превоспита, демек да ги поучи учителите, наставниците и синдикалните лидери, та со својот недајбоже успешен план, да добие и таа којзнае каква награда. Полни страници навреди истура таа и врз наставниците и меѓу редови врз родителите, грижејќи се наводно само за учениците!
Таа би ги згазила до кал просветните работници, би ги задушила сите синдикални активности, да може и пак би останала жива за да ужива во нивните маки! Таа и таквите министри и други како неа, обични узурпатори на власта, немаат респект кон учителите, а учителите и други просветните работници, со сарказам им порачуваат: Да го прекинеме штрајкот, да се откажеме од нашите права и од нашето достоинство и да дојдеме да продолжиме со работа. А ортомчиња ќе ни дајте, или од дома да си носиме?!
Не, да бидеме сериозни, госпоѓо министерке: ТОА нема да ви помине! Штрајкот ќе потрае, ќе потраат нашите синдикални маки, но очигледно, не само што немате заменски наставници, туку немате ни вистинска стратегија ниту за иднината на училиштата и на образованието, а по нашата синдикална победа, ќе немате ни образ да ни зборувате ни за социјална политика, уште помалку ќе имате образ за да ни планирате образование!
Она што, пак, ние, просветните работници, безрезервно го имаме, тоа е нашата љубов кон децата, но и храброста и решеноста за враќање на нашите права, на нашето достоинство!
Бидете паметни, бидете мудри, зашто, за разлика од заменски наставници кои не ги пронајдовте, а толку насушно ви требаа, сепак, и за среќа, заменски директори и заменски министри има еден куп, на секој ќош во оваа наша таканаречена држава!
P.S. Oдговорно кон обврските, храбро во борбата за своите права!
Автор : проф.Димче Донески,
претседател на СО СОНК
при ООУ „Ванчо Николески“, Лескоец
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите