До одговорните во локалната управа,
Почитувани,

Како нормален ѓраѓанин и родител на 3 деца сакам да реагирам околу намерата на локалната власт за менување на постоечките раскрсници на Бул. Туристичка со кружни текови.

Не сум некаква компетентна личност за сообраќај, ама малку интернет малку логика и ево што имам да кажам:

– Да, кружните текови генерално имаат низа предности и носат многу поволности во однос на класичните раскрсници, но најчесто во однос на оние раскрсници без светлосна сигнализација и без премногу пешаци. Значи најверојатно кружни текови на раскрсниците со Абас Емин или Бистрица би бил ОК, слично како што се докажа дека е во ред и оној постоечкиот кај спортскиот центар. 

– Арно ама, кружни текови не биле препорачани на места со зголемена пешачка активност (пример раскрсниците со Јане Сандански или Мак. Просветители), едно – пешаците ќе бидат небезбедни, друго – ќе го блокираат сообраќајот.

Конкретно, замислете само во каква опасност ќе бидат доведени децата од Григор Приличев и Гимназија при премин на булеварот на раскрсница без светлосна сигнализација. Со оглед на сообраќајната култура кај нас лесно може да се претпостави колку залетани возачи ќе запираат на пешачките премини и во каква опасност ќе бидат нашите деца кои секојдневно го преминуваат булеварот на тоа место. Светлосната сигнализација (иако далеку од идеална) во овој момент е единствена, каква таква, шанса на децата за безбеден премин. Чисто се сомневам дека во планот ќе бидат предвидени надземни премини за пешаците пример како оној во Шангај (види слика)…

Еве и обратно да погледнеме, од страна на возачите. Илјадници граѓани секојдневно ги преминуваат раскрсниците кај Мак. Просветители или Јане Сандански. Природно се движат поединечно или во мали групи и како такви доколку има кружни текови ќе поминуваат по пешачките премини каде нормално имаат предност. На некои премини ќе се случи скоро нон-стоп да има барем еден пешак на преминот што ќе го блокира сообраќајот (сем ако не биде прегазен). Наместо подобар тек ќе добиеме само поголеми застои, нервозни возачи кои ќе гледаат да се протнат меѓу два пешаци (читај 6 годишни деца), значи намалена безбедност и потенцијал за немили настани. Една од поентите на семафорите е да ги организира, запре и групира пешаците за да ја поминат раскрсницата во поголема група наеднаш во што пократко време за да создаде време да поминат и возилата. Ако пешаците врват во колони – еден по еден, возилата нема никогаш да поминат (сем ако не ги прегазат пешаците). Наместо подобар ток, ќе добиеме застои. Замислете само што ќе се случува во Понеделник пазарен ден во работно време на кружен тек кај пазарот или на пладне кај Мини Маркетот кога се менуваат смените во Гимназија и Григор Прличев…

Немам поим кој ги изгради (нема шанса да е некој наш), ама раскрсниците кај пазарот и нарочито онаа кај Мини Маркетот (во склоп со гимназијата, мини маркетот и воените згради) беа архитектонски ремек дела, без конкуренција најурбаните раскрсници во тоа време на Балканот (веројатно и пошироко). Минатата локална власт (со свои средства и локална фирма) од почеток ги донесе на степен повисоко со повторно веројатно првите тајмери на семафори на балканот, за потоа да ги расклопи и растури!!! Сегашната власт најавува уште подрастични промени. Не знам од која причина сите се запнаа да го растурат најурбаното, најестетско и најфунционално парче во градов изградено последнове 30 години??? Зарем нема ниту еден друг проблем градов, та удрија на семафорите?

Разбирам за потребата од туризам и да им се угоди, ама туристите не го одбегнуваат Охрид заради 2-3 семафори, туку (кога е во прашање сообраќајот) заради катастрофалната состојба на патиштата што водат до Охрид.

Наместо растурање на семафорите, еве еден мини предлог “За подобар Охрид“ што не чини многу пари, не бара политички компромис, не удира во малцински права, нити еколозите или организациите за заштита на животните би имале нешто против. Потребна е само малку добра воља и активност на градските службите, ете колку да им поминат два-три работни дена побрзо.

Од раскрсницата кај Мини маркетот за да сигнат до кејот Македонија по улицата (улицата, не тротоарот) Јане Сандански секојдевно, а нарочито во сезона или за викенди се движат стотици (понекогаш и илјадници) граѓани, ТУРИСТИ, ученици, пензионери, родители со мали деца или колички со бебиња. Сите до еден (повторно понекогаш можда неколку илјади дневно) се оневозможени да користат добар дел од тротоарот и мораат небезбедно да пешачат по патот од причина што тротоарот е често непрооден (дури и во јули кога нема снег)… Тротоарот на пресекот со улиците е превисок за постари лица или колички за бебиња, на места блокиран од стари бандери поставени на средина, паркирани возила што сопствениците си ги чуваат на улица наместо дома, на места најверојатно узурпиран од продавници и кафани, па дури е блокиран со приватно рекламно пано…

Разбирам дека е проблемот наследен и не беше ветен во програмата на локалната власт, разбирам и дека со решавање на вакви проблеми не се добиваат избори во денешно време, ама бре и Ваши деца, сопруги со бебиња, постари родители и ТУРИСТИ секој ден врват тука соочувајќи се со опасност да бидат прегазени.

п.с. (нека ми простат лицата со инвалидитет што не ги спомнав никаде. Овој град одамна има кренато раце од нив).

Со почит,
[email protected]

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.