21 Јуни е Ден на најстарото езеро во Европа – Охридското Езеро.
Во светот постојат само дваесеттина древни езера (езера постари од 1 милион години), од нив на Европскиот континент се наоѓаат две – Охридското и Преспанското Езеро. Вредностите на Охридското Езеро се од планетарен размер – како дом на над 1.200 видови, според единица површина Охридското Езеро има убедливо највисок индекс на биодиверзитет од сите езера на светот; над 200 од тие видови се ендемски – ги нема на ниту едно друго место. Охридското езеро е музеј на живи фосили, древни видови кои во неговите води постојат над 2 милиони години и кои се бесценет извор за научни истражувања на еволуцијата на видовите.
Живееме во време кога за ваквите вредности (и многу други кои ги поседува Охридското Езеро) има значителен пазар: низ светот патуваат се повеќе еколошки освестени луѓе, во потрага по уникатна и богата природа, недопрена убавина, мир и спокој; со над 100 видови птици кои се гнездат тука, Охридското Езеро може да биде на мапата на Британското здружение на набљудувачи на птици (една од најмоќните и најбогатите организации во светот); неговите вредности се достојни за научните истражувања на докторантите на највидните светски универзитети, за документарен филм на Сер Дејвид Атенборо…
За жал, патот за „развој“ кој од осамостојувањето на Македонија до денес континуирано го избираат нашите носители на власт, е пат кој води до уништување на вредностите кои може да бидат во центарот на една многу поинаква, одржлива и вистински развиена економија. Во име на „развој“ акцентот и понатаму е на урбанизација и на она малку од брегот што е останато недопрено (сега под етикетата на „контролирана урбанизација“ која е „во согласност со Планот за управување со Охридскиот Регион“), се носат закони за заштита кои во суштина обезбедуваат терен за понатамошно уништување (како тој за Студенчишко Блато, за легализација на дивоградбите, итн.), се дава позитивно мислење за проформа документи кои „стручно“ проценуваат дека планираната урбанизација нема да има негативно влијание врз природата (како СОЖС Извештајот за „Горица Север“ и многу други), во фиока се чуваат документи кои може да стават крај на уништувањето (како ефективен Закон за управување со Охридскиот Регион)…
И покрај алармантното предупредување на Мисијата на УНЕСКО од 2020 година, дека продолжување на трансформацијата води до точка по која нема враќање, нашата земја останува посветена на фарсата, додека вредностите неповратно се губат. И Бернската Конвенција во својата последна одлука од април 2022 година им порача на македонските власти дека „краткорочните финансиски придобивки нема да донесат долгорочен успех откако природата и убавината на овие области неповратно ќе се уништат“. Се уште нема ниту еден сигнал дека ваквите пораки стигнале до било кое одговорно лице во земјава.
Во 2016 година објавивме меѓународна петиција со цел да ги спречиме тогашните штетни проекти – петицијата ја потпишаа илјадници луѓе од сите страни на светот, голем дел од нив оставајќи дополнителни пораки; една од пораките кои најточно го сумира пристапот на Македонија кон Охридскиот Регион е од потписник од Велика Британија, која сеуште е подеднакво валидна: „Тоа е како да ги исечете дрвата за да направите паркинг за сите оние кои ќе дојдат да ја видат шумата“.
На некои идни генерации, кои можеби ќе препознаваат и ценат вистински вредности и ќе знаат како да развиваат економија благодарејќи токму на негувањето на тие вредности, сè повеќе им ги одземаме можностите, заедно со правото да уживаат и се инспирираат од убавините кои сè уште, колку толку ги имаме затоа што ни ги оставиле претходните генерации.
Денес, на неговиот ден, додека сè уште го имаме, да го прославиме природниот феномен со кој имаме чест да живееме. А на носителите на одлуки да им порачаме: сеуште не е предоцна да се спаси „шумата“. Денес нека биде денот кога засекогаш ќе го напуштите патот кој води до неповратно уништување на највредното природно богатство во државата.
Еколошко здружение на граѓани „Фронт 21/42“
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.