Во прекрасната природа на селото Брежани во Општина Дебрца денес беше отворена Планинската куќа. Со реконструкцијата на старата училишна зграда се доби дом со капацитет од 20-тина легла, тоалети, кујна и заеднички простории.

Градоначалникот на општината, Зоран Ногачески истакна дека Дебрца со своето природно и културно наследство кое е дел од заштитеното подрачје на УНЕСКО, Дебрца со сите овие планински масиви коишто ги има почнувајќи од Караорман преку Славеј Планина, Мазатар и Илинска Планина е извонредно погодно подрачје за развој на сите форми на алтернативен туризам вклучително и планинскиот, зимскиот и авантуристичкиот туризам.

Токму затоа овој проект кој го реализираме заедно со нашите партнери на некој начин е во корелација со нашата визија, Дебрца да прерасне во една извонредна туристичка природна дестинација. Еден од предусловите за такво нешто е да има и безбеден туризам. Токму затоа и во рамки на овој проект се обезбедени специјално возило и специјална опрема за спасување во зимски услови и секако беше извршена реконструкција на старата училишна зграда и нејзина преадаптација во планинска куќа со што ги воспоставуваме потребните инфраструктурни проекти и други активности за создавање на предуслови за искористување на сето тоа што го дава Дебрца во развој на туризмот, вели Ногачески.

Во однос на понатамошното користење на објектот, додава Ногачески, во наредниот период ќе биде изнајден модалитет како оваа Планинска куќа ќе биде ставена во постојана функција во однос на тоа за што е наменета.

Сведоци сме на една прекрасна градба, прекрасен дом кој е изграден во едно прекрасно село со исто толку прекрасна природа кој се надевам ќе биде за намената за која што е направен и кој ќе служи и за потребите на жителите на ова село, за жителите на Дебрца, но и на сите оние кои имаат желба да дојдат да уживаат во оваа прекрасна природа. Голем предизвик ни беше изградбата на овој дом затоа што знаеме какво беше старото школо во каква состојба и како сега изгледа овој Планинарски дом, рече претседателот на ОО Црвен крст Охрид, Сашо Точков.

Се надеваме дека овој објект навистина ќе претставува еден клучен објект во развојот на авантуристичкиот туризам во овој регион, вели Антониот Додевски од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“.

Самиот регион и селото Брежани, Илинската Планина која е над ова село се навистина атрактивен и многу привлечен регион. За жал или за среќа сеуште непозната и неоткриена дестинација во туризмот. Тоа е и она што најмногу се бара. Така што се надеваме дека сега веќе имаме можност како комплетен производ да се нуди овој предел. Со објектот ќе стопанисува локалната самоуправа се надеваме дека истиот во брзо време ќе биде во функција и достапен за посетителите вели Додевски.

Реконструкцијата на старата училишна зграда во селото Брежани и нејзина адаптација во Планинска куќа е реализирана во рамки на проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“, финансиран од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка со Албанија.

Отворена Планинската куќа во Брежани

Проектот е реализиран од страна на Црвен крст Охрид во партнерство со општините Дебрца од Република Северна Македонија и Грамш од Република Албанија, како и Алпинистичкиот клуб Патагонија Охрид.

Н.С.Ј.