Почнувајќи да ги пишувам овие редови, имам дилема дали да го испратам овој допис до нашиот ценет портал Ohridnews како писмо или како колумна, бидејќи не можам да одредам во кој жан`р спаѓа текстов подолу, дека е смешно – смешно е, дека е тажно – тажно, бидејќи сатиричарите велат дека хуморот е многу сериозна работа, а ова нашево е траги-комично. Но да не му се мешам во работата на Џими , што се однесува до колумните тој најдобро си ја знае работата, сакам само преку овој допис да искажам свои согледувања на состојбите што во моментов ни се случуваат во државата, состојби кои што заради политичката криза, резултираат и со институционална криза, а ваквата криза ја чувствуваме или ќе ја почувствуваме сите, вработени, пензионери, студенти а секако невработените најмногу.
Имено, сакале или не сите сме сведоци на неколкумесечна парламентарна криза во која што се наоѓа нашето (не)народно собрание. Зошто велам ненародно собрание (дури не треба да стои и негацијата “не“ во заграда), затоа што неколку месеци никако да се формираа и конституира, а согласно Уставот на Република Македонија, конститутивната седница се свикува најдоцна дваесет дена после одржување на изборите. Од одржувањето на изборите на 11.12.2016 година помина една цела дузина од по дваесет дена, а нашите “ народни избраници“ уште се на почетокот од конститутивната седница, поточно само префрлаат од шупливо во празно, и секако за на крај на месецот да си ја земат “тешко“ заработената плата од илјада и нешто евра (во денарска противвредност се разбира), за која што обичниот смртник може само да сонува, без срам ни перде и без апсолутно чувство за одговорност спрема сопствениот народ и своите избирачи. Математички пресметано (не)народните избраници во овие три месеци откако се на платен список во Собранието (и на храна во бифето) потрошиле повеќе од 400.000 илјади евра од буџетот (немам податок за трошоците за патарини кои што ги добиле,) а бидејќи еден голем дел од нив се новоизбрани пратеници и се неупатени, најдобра информација за патните трошоци а воедно и поука можат да добијат од Бонева, како најупатена во таа регулатива.
Што се однесува до дебатата, полемиките и репликите што ги слушаме што ја водат овие последни денови во Собранието можам да кажам дека сум восхитен од истата, бидејќи дефинитивно достигна кулминација, пратениците од досегашното владеачко мнозинство, почнаа да си реплицираат измеѓу себе. Е сега дали го достигна врвот или дното е филозофско или реторичко прашање, а останува да се достигне највисокиот степен на демократија пратениците да почнат да си реплицираат сами на себе (не измеѓу себе, туку сами на себе. Да излезе Димоски или Рангелова (во овој момент како најекспонирани), на говорница за реплика на некој од своите, па да се врати повторно да си реплицира самиот на себе. Мислам дека нашиот (не)народен парламент почнувајќи од претходниот состав, а овој сегашниов (со чест на исклучоци) е негова повисока фаза, нема ни “д“ од демократски ни “л“ од легитимитет, а најмалку “о“ од одговорност, ама едно е неспорно најмногу ја следи и се владее по максимата наречена комодитет, за што дефинитивно владее консенсуз и за да бидам поконкретен за нив не постои придржување спрема работното време , работни денови, пауза и слично.
Гледаме и слушаме преку средствата за информирање, едни тврдат едно, други- друго, те денес ќе се реши кризата, те утре ќе се реши, едни не бранат во стилот на Мирко и Славко, други кружат со жолти комбиња, трети не напаѓаат, те овој ќе дојдел од странство, те оној ќе дојдел, па овој (нашиов ) не сакал да го прими, па дури денес слушнав на една од контактните емисии дека нашиов бил толку добар што ако сме го немале требало да го измислиме. Мислам дека на обичниот граѓанин му е дојдено преку глава од се.
Кога не учеа на школо од каде доаѓа зборот демократија не учеа дека доаѓа од грчките зборови демос-народ и кратос-власт, т.е. владеење на народот, но дефинитивно во нашава ситуација важи синтагмата дека зборот демократија е комбинација на грчкиот збор демос-народ и нашиот збор скрати или крати, или српскиот збор кратити, па во стилот на демо-крати-јата во средата пред велигденските празници Трајко измешал нешто во календарот па продолжението на седницата го закажа дури за вторник, прескокнувајќи го наредниот ден- Велики четврток кој што за цела Македонија беше работен, само не и за (не)народните избраници. Во стилот на демо-крати-јата, да се скрати секаде каде што може да се скрати. Ете Трајко почна прв, ја скрати работната недела за себе и пратениците.
Во стилот на демо-крати-јата е да им се скратат субвенциите на земјоделците, кои што никако да ги добијат истите, прво се сменија неколку директори на Агенцијата те директорот немал положено англиски, (за нивна среќа – положи) те ќе ги добијат пред Велигден, те месечината кога ќе биде полна и сл. Па дури и ДКСК (Државната комисија за стимулација, пардон- спречување на корупција) излезе со став дека треба да им се исплатат субвенциите, а да правите паралела на испитот по англиски јазик и пролетната сеидба е како да поврзувате магаре и музика. Едно е секако јасно земјоделците можат мирно да спијат, субвенциите ќе бидат исплатени по Велигден, а пролетната сеидба ……………. ќе почека.
Во стилот на демо-крати-јата е да се доцни со исплатата на стипендиите на студентите кои што во принцип се исплаќаат почнувајќи од месец јануари- февруари (а сега е месец април ) а од голем дел од стипендиите ни трага ни глас. Останува студентите да се надеваат дека некој од ресорното министерство не треба да полага јапонски јазик, како услов за да ги добијат стипендиите.
Во стилот на демо-крати-јата е и јас да скратам, и да не правам бла бла бла. За тоа се задолжени дел од нашите избраници во нашиот парла(бла бла бла)мент и бидејќи внимателно го следев (како што почнуваат пратениците од досегашното мнозинство ) своето пишување, подобро да прекинам, за да не почнам да си реплицирам себе си.
Со почит,
Домазетоски Рајко
Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите