Еден чичко од Австралија еднаш дојде после дваесет години во Охрид и изненаден и возбуден рече: „А бе, на Жлезничка ставија асфалт!“ И јас добивам такви вибрации во глава. Кога повторно ќе го посетиме некогаш Охрид и јас ќе сум изненаден од чудесии.

Септември 2019 бевме последен пат во Охрид. Таа година три пати ја посетив Македонија. Тоа се чини одамна. Доаѓавме годишно редовно во родниот крај. Како автоматски вклопен дел од нашиот живот. Ама од 2019 има емотивно празни блокови во временската линија. Многу работи се изменија и овде и таму, секаде. Децата си растат, нови семејства се формираат, животот ни тече со голема празнина, пропуштени можности.

Внука ми се роди во Охрид, славеше прв роденден и веќе растиТ. Во идеална ситуација ќе ја имавме видено досега неколку пати. Многу близок член од фамилија се среди и си живее со неговата мила партнерка. Братучет отвори своја адвокатска канцеларија. Братучетка се пресели во Скопје, за дизајнерска кариера. Тие сите важни животни чекори ги промашивме. Тетин почина. Од дедото не ја славевме неговата долго очекувана, вечна пензија. И куќата ни остана со затворени ролетни. Расцветаниот двор со диви цвеќиња, природна трева и полни дрва создава барем некој живот во целата оваа празнина. Ние сме таму, но и на друго место.

Точно пред дванаесет месеци имав мала надеж. Сето тоа се покажа како лажна надеќ. Во рок од една година не бидна ништо. Исто е. Пандемијава замрзна се. Веќе се е искомплицирано од променливи политики, протоколи, тестови, карантини, вакцини, жолти, портокалови, цревени и црни кодови. Никој и ниту една држава во светов нема решение за овој Ковид. Инаку до сега ќе беше се средено и отворено. Можеме летово да ја посетиме Македонија со триста процедури, во согласност со протоколите. Не е проблем. Навикнавме на прописи и најважно, размислуваме разумно и одговорно кон себе и кон другите. Ама кратко е времето. Повторно е комплицирано за посета на Охрид.

Овде во Холандија рестораните и кафетериите од октомври се затворени. Долго време сите спортски аматерски лиги за милиони луѓе се откажани. Пред неколку недели фала богу се отворија, се разбира со со рестрикции, сите продавници. Од крај на април дозволено им е да работат само на угостителските објекти со тераси, со стриктни (временски ограничени) правила. Само надвор, на ограничен број маси, се служи храна и пијалаци.

Полицискиот час (прв пат во Холандија спроведена мерка после втора светкска војна) требаше во декември да трае кратко. Но се прекина дури на 28-ми април. Има веќе гужви по улиците. Не сме повеќе како ‘овци’. Народот полека ( а доста групи намерно) нестрпливо знае да ги помине строгите линии. Ама важните параметри, како хоспитализирани со инфекции и починати не се намалуваат драстично во многу држави.

Ќерка ми ја имаше денес онаа типична весела детска инспирација. Да нацрта нешто за мама. Клише, ова и тоа…Стандардни срциња. И се појавија на хартијата ударни симболи, мали знамиња. Потоа си направи сама друга уметност: поголемо знаме. Таа си живее во свој свет. На школо, играње надвор со другарки, спортување, танцување и пеење. Таа се нарекува со гордост Македонка од Македонија. Без додаток. Иако е родена во „Низоземска“, во провинцијата Северна Холандија. Преку тато и мама и минатите посети во Македонија се сеќава на многу убави, топли и вредни моменти.

Гледаме нешто исчезна нешто што многу го сакаме. После, почнува период на грижи.  Животот е за доживувања со блиски и пријатели во живо. Сакаме да се врати тоа познато чувство. Не сакаме повеќе од двоглед да го гледаме Охрид.

Влатко,
Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите