Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, колегата асли новинар (за тоа никој не може да му го јаде акот), Роберт Поповски, досега не “веслаше бесплатно”, отсега ќе не весла “со плат(е)но”! Тој досега, барем официјално, беше министер без ресор во Владата на Република Македонија, задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност. Отсега, барем како што читам во печатените медиуми (Слободен печат, Нова Македониоја…) е ресорен министер за информации и отчетност
Двата весници, да не заборавиме – дневни, унисоно објавија: “Државата да плаќа половина од трошоците за печатење и дистрибуција на весниците, пардон печатените медиуми како поддршка за нив, пренесувајќи го предлаогот на Здружението на печатени медиуми (ЗПМ)”.
Колку што јас следам, досега официјално не се огласи со поддршка, односно став и ЗНМ, ама ако се суди по изнесеното во дебатата од страна на претседателот на Здружението на новинари, Насер Селмани, ставот се насетува. Тој, имено, “истакна дека ова решение за поддршка на печатените медиуми е добро и оти се темели на европски искуства, за што ЗНМ направило и анализа. Бидејќи парите се даваат за реални трошоци за печатење и за дистрибуција, а поддршката нема да значи влијание на уредувачката политика”.
Веќе се огласи “сестринското” здружение, она на приватните електронски медиуми (радиа и телевизии). Не треба и да ви пишувам каков е нивниот став, и каков ќе биде ставот и на “братското” здружение на електронските медиуми – сајтови и портали. Незнам дали постои, ако не брзо ќе се формира. И тоа ќе бара дел од владиниот колач штом веќе драгиот Робет одлучил да го одврзе ќесето! Нема долго да чекам ќе се огласам и јас, преку Здружението на фејсбукчии и твитерџии, зашто, види мајката, нас најмногу не има, а според тоа колку од нас влегоа во државните ПР служби, ние сме највлијателни!!!
Но, нејсе, како читам, при доделувањето на поддршката да се почитуваат строго утврдени критериуми. Од поддршката да бидат исклучени печатените весници што се бесплатни и специјализираните тематски изданија.
По првичниот предлог, веќе се одржа и првата јавна дебата, цитирам, “за начинот како да им се помогне на печатените медиуми, организирана во Владата на РМ. Министерот за информации и отчетност Роберт Поповски истакна дека ова е само предлог доставен од Здружението, кој може да биде дополнуван. При подготвувањето на решението ќе се земат предвид сите искажани мислења”.
“Целта на решението за поддршка е да им се помогне на печатените медиуми што плаќаат највисока цена од развојот на нови медиуми и социјални мрежи. Во никој случај тоа не е начин за влијание и контрола на медиумите”, Поповски.
Попоски, додуша додал дека, цитирам, “кај Владата има неколку дилеми за предлогот на ЗПМ, но дека очекува во наредниов период тие да се расчистат. Пари немало во буџетот за догодина”, ама, нели, во еден од очекуваните ребаланси (ако не веднаш во првиот) ќе се најдел неко мунасип!
Како и за се друго, на помош беше повикан и другарот Прибе со препораките!
Во отсуство на друг статус, ќе го искажам својот став во името на фејсбук-твитерџиите и како поранешен “ресорен” колега на Роберт. Прво ме зачудува неконзистентноста. Не толку на Роберт (тој во тоа време беше претседател на ЗНМ), колку на останатите колеги, кои од зад грмушката ја туркаат идејата, а кога го бараат она што сега го бараат, забораваат дека самите го урнисаа пред едно два-тринаесет години! И тогаш и сега побудите се исти – доминација на пазарот!
Еден од денешните, односно тогашните “весникари”, вака го убеди тогашниот премиер Бранко Црвенкоски: “Укини ги дотациите, ние и така сме јаки на пазарот, ама ако не ослободиш од давачките-царински за хартија, боја и останатото – ќе бидеме појаки!”. Не сум сигурен дека беа ослободени, но донациите кои тогаш одеа со мој потпис, беа укинати, “весникарот” навистина стана појак, ама, затоа, од сите весници-неделни и месечни, надвор од “метрополата”, значи во вукојебаната внатрешност, останаа – ја еден, ја два!!!
Ете така беше “попапана таа сарма”, што сега, дежа-ву, се подгрева! Ама оттогаш истече многу вода по Вардар.Тогаш, официјално, во Македонија, интернетот се користеше на ниво од 5 проценти. Денеска и последната баба во вукојебината твитка по интернет! Нели Грујо во секое село однесе интернет и отвори интернет гранапчиња!? Кога мојот потпис стоеше, зад поделбата, отприлика на истата сума (два милиони марки), имаше само еден електричен, извинете електронски медиум, колку ме држи умот, на колешката Пишпецка, па за да му учинам на другарот и Бранко Коморникот и тој електронски запрдок доби паричка!
Ами, што правиме денес? Секој и малку умен, или повеќе маолоумен, станува наутро и уште во пиџами тепа, копи-пејс вести, на својот медиум! Ги има со стотици и стотици. Која мајка изгубила сина, ќе го најде во македонското “новинарство”! Во ПР-службите, што кај Роберт, што по министерствата, агенциите, комисиите, те општините, ги има со стотици и стотици! А новинарство нема. Види мајката, од мојот Охрид, фрчат илјадници вести на ден, а бројот на дописниците, не е поголем од бројот на прстите на двете раце!? Масовна препишувачка школа! Зошто да те плаќам како дописник за пари, кога можам да си земам информации без пари, па макар било и од твојот портал!?
Но, да не ја тегнам толку. Што ќе правиме со електричните и електронските медиуми. Анѓушот кај да е ќе ни увезе поскапа струја! Што ќе правиме со оние што ги имаат и едните и другите? Со весниците што се трошат, но и со оние што стојат на купшта по киосците? Ако се покриваат трошоците ,чиии трошоци се поголеми-на весникарите, или на телевизорџиите? Што ќе правиме со огласите на државата, на здруженијата, на сите асоцијации. Законот вели да се објават во еден, од “сите два” весници во Македонмија. Можеби затоа имењакот на Роберт од Министерството за култура сеуште огласите ги објавува во весникот на драгиот Минчо, кај што ги “забетонира” Канчевска-Милевска! Плус-посебна квота бараат и помалите заедници.
Веле Митаноски
*Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите