Почитувани охриѓани, ќе се обидеме како организација, колку што можеме со еден текст/отворено писмо/колумна, да Ви објасниме што е Охрид трчаТ и што значи Охрид трчаТ за Охрид, жителите на Охрид и секако за нас видено со нашите очи. Ја чувствуваме дополнителната потреба за тоа, колку и да се познаваме, колку и да сме секојдневно присутни во медиумите и социјалните мрежи, како со нашите активности, така со нашиот стил на комуникација и визија. Ќе ни дозволите оваа денешна колумна да ја поделиме на три дела со цел да сме јасни и на таков начин колку што ќе можеме и пред се колку што вие ќе дозволите да добиете појасна слика за нас и настанот Охрид трчаТ.

Прв дел – Наш Коментар

Ерозијата на нашата човечност и самодоверба во сегашноста и во иднината ни се заканува да ни го уништи нашиот прогрес во Охрид. Човечноста и самодовербата која ја имаме како граѓани на Охрид мора да ја градиме бидејќи таму се наоѓа подобрата наша иднина. Новите прогресивни идеи и нивната успешна реализација во која и да е област значат ново лице на Охрид значат ново лице на нас охриѓаните. Вербата во своите очи, а не во туѓите се одлука која ние сите мораме час поскоро да ја донесеме. Тука се наоѓа и вашата/нашата одлука за што сакаме и каде сакаме да одиме. На таквите одлуки многу минати генерации го изградија тоа каде што сме и каде што живееме. Вербата во нашата иднина е поддршка за се што работиме, од нас како спортски работници, до секој еден чинител на нашиот охридски живот. Ние секогаш верувавме и веруваме дека ќе дојде прогресот и затоа се уште сме тука во Охрид со вас и заедно ги делиме сите убавини, проблеми и секојдневие. И денес покрај се, се уште имаме верба дека деновите на нашите деца ќе бидат подобри од нашите денови и за таа цел и работиме. За жал многумина од нас охриѓаните ја губат таа верба и самодоверба што од заедницата што од луѓето на кои ваквиот живот и Охрид им одговараат. Ние престанавме да плачеме и почнавме да се потиме и уште поважно, ние престанавме да зборуваме и почнавме да трчаме. Ова е единствениот модел или формула која значи прогрес, развој, самодоверба и успех и искрено се надеваме дека ќе ни се придружите во креирањето на подобрата заедничка иднина.

Ние се восхитуваме, сме среќни и се гордееме за секој еден што успеал во Охрид да изгради живот, да отвори локална продавница, бутик, портал, хотел, фабрика, угостителски објект, да организира нешто, да реализира идеја и успева да работи и да е среќен. Ние сме среќни кога даваме изјави за наш Охрид во Дубровник, Љубљана, Мостар, ние сме среќни кога ги гледаме децата на 5 години како трчаат и учат што е трка, ние сме среќни кога ни стигаат еден куп пофалби за организација, ние сме среќни кога ќе го видиме Охрид Европски. Зарем среќата секогаш се гледа само од призма на финансиите, зарем не можеме да сме среќни зошто како охриѓани успеваме да организираме светски настан во Охрид? Замислите во нашиот Охрид, и на тој начин да се носиме рамо до рамо со организации и градови со децениско искуство и поддршка финансиска која за нас е научна фантастика. Дајте заедно да ја пратиме во историја девизата дека најголем грев за охриѓани е охриѓанка/ец да успеат. Па, кој треба да успева во Охрид, ако не самите ние?

Доколку се ова беше лесно и многу доходовно, верувајте во Охрид не ќе се броеја на прсти од една рака спортските настани кои ги имаме без разлика кој ги организира, туку секој еден од нас ќе се занимаваше со организација на спортски настани. Ние секоја година почнуваме од нула и свесно ризикуваме и договараме соработка, активности, а притоа не знаеме на што сме. Но ние тој ризик го прифаќаме и се бориме за да успееме, без ризик нема успех и тоа треба сите вие да го знаете.

Втор дел – Охрид и Охрид трчаТ

Години и децении наназад, Охрид се соочува со недостаток на стратешки определби за развој на туризмот како една од клучните економски гранки на регионот, поради што големиот природен потенцијал за привлекување на туристи заинтересирани за професионални и спортско рекреативни активности од областа на спортскиот туризам, останува речиси целосно неискористен. Овој недостаток има сериозни импликации кон кратката туристичка сезона, целосното искористување на капацитетите, збогатувањето на понудата за Охрид како и кон привлекување на нови целни групи туристи со цел зголемување на економскиот квалитативен и квантитативен раст. Според нас преку организирање на квалитетни јавни спортско-туристички рекреативни настани посебно од меѓународен карактер, ќе се отворат вратите за голем број потенцијални туристи и туристички организации, кои се занимаваат со организирање и посета на веќе докажани и реномирани спортски манифестации.

Водејќи се од горенаведеното одлучивме да стартуваме со Охрид трчаТ или Ohrid running weekend како настан посветен на трчањето и за трчањето но со големо внимание кон нашето охридско (природното богатство, традиција, култура и историја). Ние се надеваме дека заеднички, ќе развиеме манифестација која ќе го издигне и вброи Охрид помеѓу атрактивните и познати меѓународни дестинации, познати по квалитетната организација на градски трки, полумаратони и маратони, а со тоа и промоција на регионот и неговиот потенцијал за организирање на спортски манифестации од меѓународен карактер, афирмација на природното и културно богатство на Охрид, социјализација и подигнување на свеста кај локалното население за здрави животни навики.

Охрид трчаТ или Ohrid running weekend е спортско туристички производ кој од 2017 година започна да се организира и кој во првите три изданија според мнозинството учесници остави силен впечаток како на организациски план така и на професионален. Охрид трчаТ е настан кој во текот на годината има пет трки (детска, училишна, ноќна и главна трка на 5км и 10км, а од годинава 21км), два концерти (ноќна трка и концерт после главен настан), панел дискусија, два дена ЕКСПО, многу промоции, видео стриминг, отворено студио, во соработка со Охрид трчаТ тркачкиот клуб и пријателите од надвор неколку учества на трки и ЕКСПО (саем на организации) надвор од Македонија, 3-4 прес конференции, завршна вечер, промоција на извештај за Охрид трчаТ, социјални активности и многу, многу објави и активности на социјалните мрежи. Ohrid running weekend е викенд со концепт кој не е познат барем за Балканот и кој е исполнет со многу активности, дел ги наброивме погоре, кои започнуваат во петок а завршуваат во недела. Овој концепт иако бара голема посветеност, професионалност, човечки ресурси и секако финансии ние го избравме поради Охрид и граѓаните на Охрид, а со цел Охрид да понуди нешто ново, интересно, светски, пред се како мамка за сите наши учесници и поддржувачи да дојдат за време на целиот викенд и да се дружат, забавуваат, да се запознаат со градот и неговите убавини и секако за финансиски да учествуваат во економскиот развој на Охрид.

Охрид трчаТ и сите останати спортско, културни и музички манифестации се есенцијална потреба на Охрид и охриѓаните. Охрид мора да го менува неговото лице, ние мораме да се менуваме во интерес на прогресот на Охрид и искрено се надеваме дека во иднина уште повеќе и повеќе меѓународни настани ќе се организираат во Охрид и ќе наидат на поддршка од заедницата и институциите. Верувајте не постои туроператор или турист кој тоа не го бара од нас.

Главни контрибуции на Охрид трчаТ кон Охрид:

1. Зголемен број на посетители во периодот пред традиционалниот шпиц на летната туристичка сезона во Охрид
2. Економски бенефит и поттикнување на потрошувачката
3. Зголемен промет во угостителските и сместувачките капацитети
4. Охрид глобално промовиран како одлична локација за организирање на спортски и тренажни активности
5. Зголемена свест кај локалното население, а посебно кај младата популација за практикување на здрави навики
6. Зголемена свест и интерес кај домашните спортски и туристички работници за искористување на потенцијалот и креирање на нови продукти од областа на спортскиот туризам.

Трет дел – Податоци и влијание на Охрид трчаТ

И покрај тоа што во секое време согласно модерниот начин на комуникација и достапност на информации (интернет) а и преку нашите ПР активности, секој еден граѓанин, медиум, организација можел да се информира доколку тоа искрено го сакал (веб страна на Општина, е-меил Општина, е-меил Охрид трчаТ, прес конференции Охрид трчаТ, буџет на Општина Охрид, Совет на Општина Охрид, советници на Општина Охрид, пристап до информации од јавен карактер) околу точниот финансиски износ кој Охрид трчаТ со одлука на Советот на Општина Охрид (2019 и 2020) или одлука на комисија (2017 и 2018) го добивал во годините и на таков начин би ја дознал вистината ние чувствуваме потреба да објавиме и искрено се надеваме дека во иднина сите кои се заинтересирани, нема повеќе да губат време, а губат, и директно ќе се обратат до нас, повторуваме доколку тоа искрено сакаат да го знаат.
Општина Охрид за Охрид трчаТ 2017 – 120.000 денари
Општина Охрид за Охрид трчаТ 2018 – 200.000 денари
Општина Охрид за Охрид трчаТ 2019 – 400.000 денари
Општина Охрид за Охрид трчаТ 2020 – 350.000 денари

Почитувани охриѓани, концептот на Охрид трчаТ и неговиот развој ние го темелиме пред се на приватната заедница и учесниците на главните трки на 5к и 10к(сега 21) и на таков начин се обидуваме да створиме долгорочна одржливост на самиот настан. Во таа насока поддршката на Општина Охрид во четирите фискални години или нивното учество до сега за секоја година не надминала 15 % од вкупниот буџет на таа година што за нас претставува тежок организациски пат кој се темели на стратегија и посакувана одржливост на самиот настан кон што ние се стремиме.

Во овој дел би сакале да потенцираме дека ние сме една од ретките организации која комплетниот износ на котизација за учество на главните трки го враќа во производи и услуги кај самите учесници. Дополнително на ова до сега организацијата на трите останати трки под името на Охрид трчаТ, детска, училишна и ноќна трка, го правиме без ниту еден денар учество или котизација на тие кои се дел од трките и притоа доделуваме маици, финишери, подароци, светлечки реквизити и сето тоа го правиме зошто за нас здравите навики, популаризацијата на трчањето и спортот кај децата, учениците и возрасните зазема посебно место и ние во таа насока посветуваме многу внимание.

Број на учесници по години на Охрид трчаТ

2017 – 421
2018 – 1079
2019 – 1586

Од 2019 година водиме точна евиденција колку учесници не се граѓани на Охрид така што на Охрид трчаТ 2019 година имало 985 учесници надвор од Охрид (МКД и странство). И кога знаеме дека секој еден учесник никогаш не доаѓа сам на трка тогаш не постои организација или туристичка агенција во Охрид која во еден викенд го прави за Охрид тоа што ние и Охрид трчаТ го прават.

Човечки ресурси

Охрид трчаТ е буквално 100% охридски производ и за тоа посебно се гордееме. Од нас како оснoвачи и идејни креатори до техничката поддршка, волонтерите, судиите, медицинските лица, водителите, музичките изведувачи, продукција, опрема, обезбедување, членови на тркачкиот клуб сите се охриѓани и на таков начин покажуваме и ствараме една нова перцепција кон Охрид и охриѓаните и се надеваме дека така и ќе продолжиме.
Инаку како информација вкупниот број на ангажирани лица по секој основ надминува 350 лица што за Охрид, а и многу пошироко е бројка за почит.

Промоција на Охрид

1. Охрид трчаТ веќе две години користи светската услуга за споделување фотографии која се вика Pic2Go (за што плаќаме по учесник) и на таков начин прави промоција на Охрид и на самиот настан која се мери со милиони прегледи ширум светот.
2. Охрид трчаТ учествува на неколку реномирани трки на Балканот и притоа редовно се промовира на ЕКСПО (саем на организации, спортска опрема и спортски туризам) така што особено сме горди на се она што го правиме на овој план и затоа посебно им благодариме на нашиот тркачки клуб кој редовно е со нас и не поддржува, но и на нашите пријатели од Балканот кој ни овозможуваат Охрид и Охрид трчаТ да ги промовираме пред илјадници и илјадници тркачи, рекреативци и граѓани.
3. Охрид трчаТ во текот на целата година на своите социјални мрежи троши околу 1000 долари на платени кампањи за Охрид трчаТ а со тоа и за Охрид. Аудиториумот на кампањите е огромен и од ден на ден се повеќе се зголемува како што ние растeме со поддршката на нашите социјални мрежи од самите корисници.
4. Охрид трчаТ со своите партнери во продукција реализира Видео стриминг на главниот настан со отворено студио во живо на лице место и на таков начин не само што сме уникатни кога станува збор на тркачки настани во МКД и пошироко туку и дополнително го промовираме Охрид и целокупниот настан како во МКД така и надвор од државата.

Економско влијание

Охрид трчаТ ствара Економски бенефит за Охрид и заедницата на два начини, директно и индиректно со што го поттикнуваме локалниот економски развој.
1. Директно – учесници, компании, гледачи, спонзори, организација
2. Индиректно – стимулирање на потрошувачката од страна на бизнис заедницата и добавувачите со цел да се задоволи побарувачката на директните потрошувачи.

 

Доколку се направи калкулација по основ на дневна потрошувачка во просек на еден национален и еден странски турист и на тоа се надополниме со зголемената потрошувачка на нашиот локален учесник тогаш ќе се дојдe до податок кој говори дека за време на Охрид трчаТ викендот во Охрид се слеваат неколку стотици илјади евра и според нас тоа претставува една од главните причини за оправданоста на поддршката на Општина Охрид кон нас и ние искрено се надеваме дека таквата оправданост ќе постои во што поголем број кога разговараме за организација и поддршка на настани во Охрид.

АК „Охрид ТрчаТ“ 

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите