‘Каде сакате да одиме?’ Во април на децата им дадов богата понуда за школскиот одмор во мај. Скоро цела Европа ја предложив. Дури Мароко и Исланд. ‘Слободно размислете неколку денови, проверете слики и информаци на интернет.’ Одговорот следеше за секунда, краток и јасен: ОХРИД!

Добро воспитани деца. Скришно срцето ми чукаше од радост. Го сакаат со топли чувства родниот крај на родителите. Биле веќе во различни европски дестинации. Лето, зима, кога како и Охрид. Засега Македонија им е на прво, второ и трето место.

Што е Охрид толку магичен? Нема ден без формални форуми, Балкански митинзи, конференции, дебати, странски претседатели, политичари, премиери и конгреси во Охрид. За мене Охрид има „розево лице“ (дома, фамилија, пријатели, природа, вредности, утринска кревка тишина, слаткиоТ мај и септември). Охрид има и темни, валкани ноти (дива лига и дивјаци, во широка смисла на зборот).

Сите бевме две години заробени и затворени ама тоа што го видов на 1ви Мај во Охрид, ако е тоа предјадењето за летната сезона тогаш тешко сите. Во проласче на плоштад и полна чаршија пре-гласна забава во угостителски објект. Ноќен живот на пладне. Баравме мир, пешачевме стотина метри покрај кејот. И таму од лева страна во друг објект копија на претхотното. Океј, да, беше празник. Ова е во категорија „ситница“, ништо посебно. Ама не значи слободна лиценца за се! Кич ефект врз јавниот простор.

Вечерта истите туристи влегуваат во автобуси, кои чекаат паркирани на Туристичка. Сите гости во длабока кома. Како ќе бидиТ летово кога ќе се сервира главното годишно дежаву: не вкусни случки, со тридупла бомбастична доза притисок на мирот и јавниот простор на повеќе места низ градот и околината?

Вчера пријател ме праша за совет. Негови пријатели доаѓаат летово во Охрид. Јас повеќе се интересирам тие што ќе коментираат после нивниот охридски одмор отколку за моите совети и добри намери. Моментално во Холандија многу слабо се рекламира Охрид. Веќе се етаблира. Вреден бил цел труд на туристичкиот сектор. Ама и меѓународниот пазар е се повеке атрактивен. Има силна конкуренција, уште повеќе можности низ светов. Сите држави се рекламираат ‘автентични, не-откриени, посебни, вредни, историски, прекрасни… Последниве десет години Охрид е спомнат по спотови, емиси, на социјалните мрежи, во класични весници и каталози. Позитивно и со критика. Сега е време за нов чекор или продолжување на автоматски пилот.

Охрид стана комбинација од супер маркет – станови/дечишта-туризам, испикани по населби, улици, било каде. Воопшто не се почитува опкружувањето. Ниту се води грижа за животната средина. Има и тивки фамилијарни гости (кои напорно штедат за одмор) во средна класа хотели. И, од секогаш имало авантуристи кои си имаат специфични барања со други буџети, желби и потреби. И едните, и другите и третите се стално добредојдени, злато вредни за државата.

Јас го немам чудото за нова фаза во нашиот туризам. Но голем дел од проблемот, според мене е недостигот на визија и одговорност. Цела урбанистичка и инфраструктурна визија е од пред две – три и повеќе децении,  уништена, несовремена, неплански изградена, лоша. Од друга страна се бориме за зачувување на природното и културното богатство. Бришење вода со отворена чешма. И смешно и чудно. Многу луѓе тука се нарекуваат туристички бизнисмени. Но, реално има голем контраст и поделба помеѓу квалитет, експерти и професионалци од една и неквалитет односно аматери и кич, од друга страна.

Сите надвор од Македонија се чувствуваме на свој начин како Охридски амбасадори. Пред една недела случајно носев стар поклон од кумовите, темно сина маица со ѕвезда и натпис: „Ohrid Summer Party“. Искрено ја носам само надвор од Холандија. Сликан сум по други континенти со овој Охридски дрес. Колеги се смеаат: ‘види го овај весел.’ Оваа недела еднаш спиев во таа маица. Така пред легнување случајно ја извадив од плакар и ми дојде пријатно. За се има прв пат. Утрото децата беа возбудени, кога ме видоа прв пат во живо со автентичната охридска маица која ја имам веќе години. Ја чувам како сатен или свила. После неколку дена ја носев испеглана прв пат и низ Холандија. Кога ја посетивме зоолошката градина во Амстердам јагуари, жирафи, слонови, панди, крокодили, лавови, пингвини, мајмуни, пеликани, сите се запознаа со „Охридски маркетинг“.

Ајде ќе го прегрмиме повторно и ова бучно лето: „Ohrid Summer Party“. Можда сум и јас крив за ‘party-гости’ со мојата пропаганда за Охрид. Ама и за следното патување надвор од Холандија и Македонија маицата е стандард в куфер. МораТ. Охридски лек.

Влатко
Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.