Кога имаше крвав конфликт во регионот, кризни жаришта речиси три децени, НАТО бомбардирање во деведесеттите во соседството, кога светот цела бивша-Југославија заради таа внатрешна војна со години ја сметаше за воена зона, дури и кога Македонија се соочи со внатрешен судир и атак, ние стално се трудевме и сме доаѓале во татковината, во родниот крај. Ништо не не спречи. Никогаш!
Од секогаш имало на моменти различни конфликти на Балканот и безнадежност. Во сите кризни времиња сме патувале до Македонија со креативни летови. Од Амстердам, Ајндховен, Брисел, Дизелдорф, Келн, Дортмунд. Преместување во Виена, Рим, Љубљана, Бугарија, Унгарија, Швацарија, Загреб, Франкфурт, Хамбург, Минхен, Белград. За да стигнеме во Скопје или Охрид. Со директни летови до Солун или Тирана и од таму со кола до Охрид. Се’ за Македонија.
Имало магла, преспивање на аеродроми во Милано, Софија, Љубљана, Будимпешта. Се трудевме за новогодишната ноќ секогаш да бидеме на маса со своите најблиски. Дома. Во сите сезони се снаоѓавме, секогаш имавме начин и можност да дојдеме во нашиот крај. Над триесет пати сум возел со кола од Холандија низ Германија, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија за да си одиме од дома до дома. Плус по седум, осум сати чекање на граници во Хрватска, Србија или Македонија. Броење до десет и трпи за таа Македонија. Секогаш ќе стигневме весели на „Туристичка“.
Кога се бомбардираше Србија во 1999 ние упорни со кола до јужна Италија, по феномален пат со поглед на Јадранско море. До Бриндизи. Од тука девет часа во брод до Грција. И од Игуменица преку тесни камиказни планиниски патчиња влеговме кај Битола. По гости слушнавме од луге: „Абе, вратете се слободно низ Србија, не е страшно, што да кружите толку преку Италија“. Ги послушавме. После неколку години во Америка на пасошка контрола цариник ме испитуваше остро, критично во посебна кабина. Зашто сум бил во држава која била тогаш непријател на САД? Бев на одмор, му одговирив. Во Македонија.
Во осумдесеттите како дете уживав често во зимските автобуски авантури. Од Амстердам со „Боинг 727“ на Југословенски аеротранспорт-ЈАТ, кратко застанување во Загреб и крајна дестинација Белград. Трчај фамилијарно со куферите за да го фатиме на време „Галеб“ на автобуска станица во центар во Белград. Во 21:30 правец за Охрид. Се чусвтвував весел и безбеден кога ќе се опуштев на познатите и сигурни автобуски седишта. Скоро дванаесет сати патување. Ноќна атмосфера, пауза во Јагодина, Алексинац, Ниш, Лесковац. Зачадени кафани покрај бензински каде што пиеја шоферите дупло еспресо и се мезеа со ражничи. Јас топол чај. Шоферите во тој социјалистички живот имаја во моја фантазија тогаш почит како пилоти. Се дешаваше и некоја зима Стража да беше затворена од метро снег. Ајде враќај се и со бавна вожња преку Скопје, Велес, Битола до Охрид. Време или невреме, ништо не не’ застануваше.
Охрид е летна дестинација, нема дискусија. Охридската пролет е опуштена, расцветена леснотија. Есента е уживање во дожд и ветар. Сив, темен, маглив Охрид со есенско сонце во кафеаво-жолт амбиент исто така има уметнички шмек. Ама за мене Охридската зима е најубава. Цел месец до Водици славење, со сите најмили блиски и пријатели. Или едноставно воопшто не правење ништо со денови. Спиење, греење покрај шпорети и печки, пешачење низ градови, села и природа, домашни колбаси со домашно лепче кај вујче во Јанковец.
Во зима се гледа вистинската Македонија, без масовен туризам. Таа миризба од согорени дрва, чад од оџаци на куќите. Ладно, сончево, снежно, празни плажи. Богати и сиромаси си славаат празници на свој нацин. Кратки денови, тишина по улици. Животот е тогас кревок.
Вкупно годишно во сите сезони заедно доаѓавме последниве децени просечно по 2-3 месеци Охрид. Се случуваше поради приватни или службени причини некогаш да прескокниме термин но секогаш компензиравме во друг период. Ама сега со овај непредвидлив вирус сме тотално заробени и строго внимателни. Коронава го блокира цел свет и цел живот, проблем кој е можеби многу поопасен од сите досегашни проблеми, бомби, војни, напади, невремиња, земјотреси… Не ризикуваме иако е лесно да се дојдиТ. Остануваме 2400 километри од нашиот мил Охрид, во втората дома. Баба од секогас велеше: со природа и здравје не се играТ.
Останете сите здрави, чувајте се. И да се видиме во поубави времиња. Среќна Нова Година!
Влатко
Амстердам
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите