Ме радува интересот кој го покажа јавноста за процесот на измени на Планот за управување со Национален парк Галичица (НПГ). Организираните јавни расправи во овој процес, покрај задоволувањето на одредбите од националното законодавство, секако помагаат во развивањето на отворена дискусија за проблемите поврзани со заштитата на биолошката и пределската разновидност во НПГ и подигнувањето на свеста за потребата од нивна заштита и зачувување. Го користам обраќањето на Антонио Додевски и неколкуте невладини организации во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) за да ја информирам јавноста за состојбите во заштитата на природата во НПГ што секако има влијание како врз нивото и квалитетотна заштитата и управувањето со клучните вредностите кои паркот ги поседува но истотака и врз процесот на измена на Планот за управување со НПГ.
Планот за управување со НПГ за периодот 2011-2020 има посебно поглавје кое прави анализа на притисоците и ограничувањата во постигнувањето на целите на управувањето и заштитата со природата на паркот. Од оваа анализа ви пренесувам делови кои најдобро ги отсликуваат актуелните состојби.
Законска рамка и финансирање
Во светот па и кај нас, заштитата на природата е дејност од јавен интерес. Дел од системот на мерки и активности со кои се постигнува заштита на природата е формирање/прогласување на заштитени подрачја во кои по правило се сконцентрирани значајни природни вредности кои треба да бидат зачувани за сегашните и идните генерации.Односите во овој дел од општественото живеење во РМ се регулирани со неколку закони (најзначајни се законот за животна средина, законот за заштита на природата и законите за прогласување/препрогласување на поединечни заштитени подрачја).Законот за заштита на природата(ЗЗП), претставува посебен закон или lex- specialis, во однос на заштитата на природата во НПГ, односно работата на Јавната установа Национален парк Галичица (ЈУНПГ). Квалитетот на одредбите поместени во законот и нивото на негово спроведување се предуслов за постигнување на посакуваните цели на заштита на вредностите на паркот. За жал, иако законот во најголем дел е усогласен со директивите на ЕУ има и недостатоци кои имаат дирекно влијание на квалитетот на заштитата на природата во паркот која ЈУНПГ може да го постигне.
Во ЗЗП недостига децидна одредба со која ќе се определи дека јавната функција – заштитата на природата која јавните установи ја спроведуваат се финансира од јавни извори на финансии, односно буџетот на РМ.Од прогласувањето, па се до денес, обезбедувањето на одржливо финансирање на управувањето со паркот, во целост било одговорност на установата. Во повеќе наврати правени се напори да се обезбеди финансирање од различни извори, но за жал, приходите од продажба на огревно дрво се покажале како најстабилни. Учеството на овој извор на приход во вкупниот буџет на установата се движи од 80 до 90%. И покрај бројните промени во општествените и економските прилики во паркот, регионот и државата, одговорните за управувањето обезбедувале стабилен приход од продажба на огревно дрво и тоа на ниво кое овозможувало непречено работење. Ова било постигнато, во голема мера, благодарение на рационализација на трошоците кои, во најголем дел, биле поврзани со одржување на производството на огревно дрво. Како резултат на таквата рационализација, кадровската структура и материјално техничката основа биле прилагодени главно за потребите на производството на огревно дрво. Во тој контекст, управувањето било сосредоточено на планско искористување на шумите и спречување на бесправна сеча. Исполнувањето на другите цели и аспекти на управувањето на Паркот во голема мера зависело од спрегата со главната цел – планско одгледување и искористување на шумите.
Според тоа, понатамошното финансирање на Паркот преку искористување на шумското богатство е проблематично од најмалку два аспекти. Прво, поради ограниченото шумско богатство со стопанско значење, мали се можностите за покривање на трошоците на сите функции на паркот преку зголемување на постојниот обем на експлоатација. Второ, и позначајно, постојниот обем на искористување на шумите во Паркот е во директна спротивност со самиот концепт за „национален парк“, т.е. природно подрачје, без поголеми зафаќања во природните богатства. Поконкретно, согласно насоките на IUCN (Меѓународна унија за зачувување на природата) за управување со втора категорија на заштитени подрачја, одржливо користење на природните богатства е дозволено на не повеќе од 25% од територијата на паркот. Со други зборови, со постојното или максимално можното ниво на искористување нашумите не е возможно исполнување на функциите на Паркот кои се пропишани со ЗЗП и насоките на IUCN. Така, во моментов, во поглед на начинот и целите на управување, Паркот не ги исполнува критериумите на IUCN за Категорија II (национален парк) заштитено подрачје.
За оперативно спроведување на одредбите кои се однесуваат на работата на националните паркови, ЗЗП пропишува донесување на повеќе подзаконски акти и уредби. За жал, иако законот е донесен во 2004 година сеуште не се донесени значајни подзаконски акти кои го отежнуваат функционирањето на ЈУНПГ.
Капацитет на институциите
За извршување на функциите пропишани со ЗЗП, ЈУНПГ неопходно е да поседува разнообразен, стручен, способен и мотивиран кадар. Тука се мисли пред сè на кадар со капацитет за ефикасно и ефективно зачувување на биолошката разновидност, спроведување на редовен мониторинг на биолошката разновидност, управување со информациони системи, еколошка едукација, поддршка на посетителите во Паркот, односи со јавноста и други. За жал, поради наметнатиот принцип на самофинансирање преку користење на шумите и производството на огревно дрво професионалниот кадар во ЈУНПГ е главно ангажиран на шумарски активности.
Во остварувањето на својата дејност, ЈУНПГ исто така има потреба од блиска соработка и поддршка од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а особено од Управата за животна средина (УЖС), кои исто така се соочуваат со недостиг од стручни кадри и соодветни материјално технички средства. МЖСПП и УЖС играат клучна улога во комплетирањето и спроведувањето на законската регулатива.
Урбанизација и инфраструктура
Паралелно со напуштањето на маргиналното земјоделско земјиште во Паркот, се одвива интензивна урбанизација на поплодните земјоделски површини во крајбрежниот појас. Имено, кон крајот на 60-те години на минатиот век започнал интензивен процес на внатрешна миграција на населението – од планинските села во паркот кон градовите или пак во пониските делови на паркот, долж крајбрежјето на Охридското Езеро. Како резултат на тој процес беа подигнати сосема нови населби, како што се Рача, Свети Стефан, Исток, Долно Коњско и Елешец. Дел од новонастанатите населби, како на пример Елешец и Лагадин, главно се населени со повремени жители. Истовремено, старите населби, како на пример Лескоец, Отешево, Рамне, Шипокно и Коњско, беа речиси целосно напуштени. Во последните две декади урбанизацијата зема сè поголем замав, во крајбрежниот дел, но и во планинскиот дел. Старите, напуштени села постепено прераснуваат во викенд населби. Најголем дел од новите жители се со постојано место на живеење надвор од границите на паркот, а на подрачјето престојуваат главно во летната сезона или за викендите. Модернизацијата на населбите во планинскиот дел на Паркот е пропратена со зголемена инфраструктура, поголема потрошувачка на вода и зголемено загадување, како комунални отпадни води и цврст отпад (комунален смет и градежен шут). Поради големиот интерес за градежни парцели во овие населби, цената на поранешното земјоделско земјиште постојано расте што пак дополнително допринесува за намалување на интересот за земјоделството или другите традиционални стопански дејности кај локалното население.
Забрзаната урбанизација во континуитет е пропратена со бројни обиди за бесправна градба, узурпација на државното земјиште и несоодветна инфраструктура. Посебно загрижуваат постојаните обиди за бесправна градба на објекти долж брегот на Охридско Езеро, особено во и околу зоната за строга заштита на потегот од Пештани до Градиште, од Градиште до Трпејца и месноста Надол, јужно од селото Трпејца.Особено е значајно што поголемиот дел од узурпациите и бесправните градби се направени од влијателни луѓе во општеството.
Имајќи ги предвид сите наведени притисоци, ограничувања и предизвици пред кои е исправена ЈУНПГ, вршењето на нејзината основната дејност– управување и заштита на природата, биолошката и пределската разновидност и природното наследство е доведено во прашање. Слабата и немоќна ЈУНПГ неможе да се справи со зголемениот интерес за присвојување на дел од вредната природа на паркот кој потоа ќе се користи за остварување на профит или лично уживање. Подобрување на состојбата е можно само со системски промени кои заштитата ќе ја подигнат на повиско ниво. Секако, сите учесници во креирањето на системските промени ќе треба да ја почитуваат одлуката за прогласување на овој дел од планината Галичица за национален парк донесена уште во 1958 година. Ако имаме резерва за оваа одлука тогаш сите напори на поединци или групи на засегнати и заинтересирани ќе бидат импровизација, а ефектите на долг рок незначајни дури и неповолни кон универзалното природно наследство кое го поседуваме.
На крајот, неколку зборови за мојата позиција во процесот на измени на Планот за управување. Во ЈУНПГ вработен сум од 1991 година. Во моментов сум советник во секторот за заштита на природата и не сум член на Управниот одбор (органот на управување со ЈУНПГ). Според тоа, не сум во позиција да донесувам одлуки кои се однесуваат на управувањето со ЈУНПГ. Сепак, желбата да придонесам во донесувањето на правилни одлуки ме мотивира да земам учество во процесот на измени на Планот за управување. Таа улога се состоеше во обезбедување на податоци за биолошката разновидност во опфатот на развојните проекти кои беа неопходни за креирањето на двата документи (Измените на Планот за управување и Стратешката оценка на влијание врз животната средина (СОВЖС) на Измените на Планот за управување). Реалните податоци за присутната биолошка разновидност кои ги обезбеди секторот за заштита на природата овозможија објективна проценка на можните негативни влијанија кои евентуалната реализација на секој поединечен развоен проект може да ја има врз природните вредности на паркот. Ова ќе овозможи МЖСПП – секторот просторно планирање да даде односно да недаде согласност на СОВЖС, потоа ако има согласност, МЖСПП – УЖС да даде односно не даде согласност на Измените на Планот за управување и на крајот Управниот одбор на ЈУНПГ да ги донесе односно не донесе Измените на Планот за управување.
Андон Бојаџи
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив