Kонцерт за паметење, концерт за срце и душа, концерт за пријатели и другари, концерт за Македонија, едноставно прекрасно. Маестро Наум Петрески со неговите музички другари синоќа на Долни Сарај приреди незаборавна вечер за Охрид, за Македонија.
Незаборавна ноќ за сите, слика уметничка позади езеро што ве остава без зборови. Долу осветлена катедралната црква Света Софија, напред Варош мистичен и загонетен со своите духовни храмови и безвременска убавина, а на сцената еден и единствен Наум Петрески. Музика македонска испеана од срце, со душа, глас за сите времиња, глас од господа даден за сите нас, пред се за Македонија, завет за идните генерации да се негува и зачува македонската музика.
Исто како и Клубот за подводни дејности кој 37 години тивко, скромно и достоинствено без помпа, без реклами, со чист образ го чува и негува Охрид и Охридското Езеро, така овој човек со чист образ, без маркетинг, турбо фолк, 35 години го чува и негува македонскиот мелос. Има ли песна, За марија, Отвори ми мила пенџери, Милице… одекнуваа низ Охрид, оддекнуваа низ езерото, не расплакаа, но и ни ја вратија вербата во нас, во нашето единство, во нашето постоење, не вратија во Македонија.
Наум Петрески и неговата музика се симбол на Македонија, нешто што треба да се чува и негува, да се изучува во музичките училишта. Пејач кој никого не остава рамнодушен, музика за сите генерации. Три часа концерт за неспиење, концерт за емоции, концерт за прегратки, многу солзи радосници многу љубов, единство, историја и иднина, концерт за срце и душа.
Маестро Наум фала што си член на нашиот клуб, фала што си дел од нашите нуркања и проекти ,фала за сношти, фала што 35 години ни подаруваш музика, фала што ни подаруваш срце и душа, фала што имаш наследници нуркачи од твојата фамилија и членови на нашиот клуб и пред се’ фала што си обичен другар и човек.
За многу години, честито јубилеј и се гледаме на кафе во Клубот за подводни дејности Охрид.
Клуб за подводни дејности Охрид
Ставовите објавени во рубриката Отворена се гледиште на авторите