Повод најавената Акција за чистење на Полигонот за мали спортови
Секоја почит за иницијативата за чистење на Полигонот за мали спортови, бидејќи е благородна.
Но, како што и самото име кажува тоа беше место каде сите млади Охридѓани, доаѓаа на отворено да спортуваат или да бидат публика како дома. Без „газди“ и плаќање, изнајмувања или влезници. Само „подобрата“ тројка остануваше во играта под кошеви, А така дел од младите го поминуваа времето не само здраво туку и со градење на спортски дух и витештво. Како што велеше стариот мој уште пред 50 години „Само таму можеш да гледаш спортски мајстории на млади кои играат со љубов за себедокажување, неоптеретен од присуство на ѕвезди, пари и местења.
Сега тоа место (не е веќе Полигон посебно не за мали спортови) припаѓа на некој кому му е подраго просторот да е негов, па макар да пропаѓа во смет. Дефинитивно иако не знам кој е „газда“ се работи за „Општествено неодговорна компанија“ која ем не го користи, ем не го дава, ем не го чисти, па уште граѓаните на Охрид треба да му го чистат. Истото ако не и повеќе критика и за „непознатиот“ јунак кој направи „зделка“ во име на државата или општината да го поклони и за жал упропасти.
Така Граѓаните на Охрид треба да се обидат да го вратат Полигонот во своја сопственост со правни акти, сила или со пари, а ако не можат тогаш нека им доделат награда за „Општествено Најнедоговорна компанија“ на сопственикот и наместо награда почесен граѓанин овој пат „Граѓанин без чест“ на оној кој го продаде „Полигонот за мали спортови“.
„Се моли поштениот пронаоѓач на овие два негативни лика во Охридската приказна да им ги пренесе поздравите од граѓаните на Охрид“.
Паункоски Никола
Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив