Низ светот постојат милиони млади срца кои силно бијат за две татковини. Нашите срца се полни со љубов за малата балканска земја Република Македонија и големата северноамериканска држава Канада.
Пред повеќе децении, многу луѓе и од Македонија почнале да одат на печалба во други земји низ светот. Нашиот дедо заминал во Канада за да обезбеди подобра егзистенција за своето семејство….
Се викам Венеса. Имам тринаесет и пол години. Родена сум во бисерот на Балканот, градот Охрид, во Македонија. Уште кога сум била бебе, со родителите, сме емигрирале во Канада, во градот Торонто. Таму го добив предучилишното и основното образование. Се школував четири години во “Three Valleys Public School”. Таму научив да читам и пишувам на англиски јазик. Се дружев со деца од сите страни на светот. Моите наставници успеваа и да нé едуцираат и да нé сплотаат во толерантна заедница.
Во 2010г. нашите родители одлучија да се вратиме во родниот град. Веќе четири години учам во Централното основно училиште „Григор Прличев”. Мојата драга учителка Ленче Спространова многу ми помогна да научам да читам и пишувам на македонски јазик. Успешно се вклопив во наставата и секоја година постигнувам солидни резултати. Најмногу сакам математика и физика. Со поддршка од моите предметни наставнички Марика Бубеска и Славица Јолакоска- Таштаноска како и големо разбирање од другите наставници, посебно од класната раководителка Билјана Маркоска, успеав оваа година да освојам второ место на Републичките натпревари по математика и физика. Овие резултати ќе ми бидат голем поттик за моето понатамошното образование. Студиите на некој престижен универзитет во Канада или САД се моја голема желба…
Моето срце силно чука за двете татковини!
Добро ми е познато дека голем број Македонци живеат и работат во пријателска Канада. Тоа може да биде причина повеќе за силна соработка меѓу двете земји. Туризмот секако треба да биде фаворизирана област. Би сакала многу туристи од Канада да доаѓаат во Македонија, да ги видаат нејзините природни убавини, историските споменици и да го почуствуваат топлото гостопримство на македонскиот народ.
Се викам Елена. Имам единаесет и пол години. Родена сум во големата, преубава Канада , во градот Торонто. Првите зборови што ги научив беа на мајчин македонски јазик. Потоа во Nursery School научив да зборувам англиски. Дома зборуваме секогаш македонски. Во Канада, особено во Торонто, живеат многу,,нашинци”- Македонци. Тие за празници се собираат во православните македонски цркви. Во црквата ,,Свети Климент” посетувавме, во недела, настава за да добиеме основа за кириличното писмо. Во училиштето ,,Three Valleys Public School” ги добив основните знаења и се дружев со деца од разни религии и националности. Ова училиште беше како детска амбасада на деца од разни краеви на светот. Нашите наставници беа навистина умешни да нé сплотат во една хармонична целина.
Пред четири години дојдовме да живееме во Охрид. Учам во ЦОУ ,,Григор Прличев” . Мојата мила учителка Мимоза Трајческа, стрпливо ме учеше три години. Многу ми помогна да ги совладам основите на македонскиот литературен јазик. Посебно ја ценам нејзината упорност сите да добиеме солидни работни навики.
Оваа година завршив шесто одделение. Постигнав одлични резултати по сите предмети. Многу сакам да читам и пишувам. Изучување на јазиците е моја голема преокопација и надвор од училиштето.
Моето срце силно чука за двете татковини!
Знам дека нашата Република Македонија има пријателски односи со многу земји од светот. Секако и со мојата Канада. Убедена сум дека тие односи можат да бидат многу посилни и покорисни и за двете страни. Јас би сакала ова да биде мој скромен допринос во тоа…
Милиони срца силно бијат за мир во светот. Тие искрено сакаат да нема војни, насилства,тероризам, неправди, еколошки катастрофи. Сонуваат за свет без граници, без експлоатација, без големи разлики меѓу богатите и сиромашните…
НАШИТЕ СРЦА СИЛНО БИЈАТ ЗА ДВЕТЕ ТАТКОВИНИ!
Венеса и Елена Бакрески