Еден од охридските брод-таксисти со кого разговарав пред неколку години во разговорот изјави загриженост што езерото повеќе не мириса на езеројна. Таксистот кој беше на шеесетгодишна возраст многу јасно се сеќаваше на мирисот на езерото во годините на неговото детство. Времето кога младите охриѓанчиња на пристаниште го чекаа бродот од Свети Наум за туристите да фрлат југословенски алуминиумски динари во кристалните води кои динари како и белвиците криејќи се низ ресите знаеа да блескаат дури и во длабочината. Таксистот го објаснуваше изчезнатиот мирис на езеројна со тоа што во Охрид се имаат изградено високи згради кои спречуваат ветровите да го освежат езерото.
На жалост вистината е посурова од тоа – езерото не мириса езеројна затоа што тоа пополека умира. Неодамна излезе од печат книгата за изумирањето на пастрмката, а пред неколку недели во OhridNews беа објавени подводни фотографии кои сведочеа за едно мртво дно. Исто така во OhridNews пред извесно време беа објавени фотографии за неконтролирано испуштање на хемиски материи во Поградец. Како што е познато хемиските материи ја намалуваат количината на кислород во езерската вода, а во едно такво езеро не можат да опстанат ни животните ни растенијата, баш тие што прават езерото да мириса езеројна.
Се повеќе организации доаѓаат со алармантни извештаи за состојбата на езерото. Но во држава каде веќе двете други езера скоро ја имаат изгубено борбата за својот опстанок не можи да очекуваме дека надлежните органи ќе се погрижат и за последното. Краткорочните политички одлуки и цели се имат возвишено над тоа што не е само наше тука уште повеќе наследство на човештвото – кое нас ни го има дадено правото да градиме аеродром на вода кога секој знае дека тоа би значело крај на езерото.
Едно мртво езеро никогаш повеќе нема да замириса на езеројна. Но битката за езерото не е изгубена, сеуште не е доцна за ревитализација на истото. Но за тоа да успее е потребна едукација и ангажман како на граѓаните така и на политичарите – сите ние кои живееме покрај или го посетуваме езерото треба и да го заштитуваме.
Јован Христовски
Шведска