Ментално здравје е важен аспект од целокупното здравје на поединецот и опфаќа емоционална, психолошка, духовна и социјална благосостојба, односно состојба која ја одржуваме со цел да се чувствуваме добро во врска со себе, да создадеме и одржуваме позитивни врски со семејството, пријателите, роднините како и да умееме да се справуваме со своите емоции,(позитивни и негативни).
Добро ментално здравје значи добро да се носиме со позитивните и негативните случувања, тоа ни дава чувство на контрола врз животот и свесност за потреба од помош и подршка од другите тогаш кога ни е потребна. Нашите мисли, чувства и однесувања се показатели за нашето ментално здравје.
Што ако менталното здравје е нарушено?
Статистичките податоци покажуваат дека во светот повеќе од 400 милиони лица страдаат од ментални нарушувања, според проценката на СЗО, 150 милиони лица страдаат од депресија, 26 милиони од шизофренија и 125 милиони се соочуваат со растројства поврзани со консумирање на алкохол.
Значи повеќе фактори може да допринесат до нарушување на менталното здравје како: проблеми во брак и сeмејство, проблеми во релациите со партнер, со пријатели, колеги од факултет или работа, чувство на постојан притисок, грижа за сопственото и здравјето на блиска личност, болести, смрт на блиска личност, насилство од секаков тип и сл.
Како да препознаете дали има промени во Вашето ментално здравје?
Еден начин на себеиспитување во врска со Вашето ментално здравје може да оди во оваа насока: Какви се Вашите мисли? Што чувствувате? Какво е Вашето однесување? Како реагирате на ситуации кои се непосакувани во Вашето секојдневие? На пр. сте паднале на испит, платата доцни, автомобилот Ве оставил среде автопат, повторно сте ги заборавиле децата да ги земете од градинка поради прекувремени работни обврски. Како се носите со сите животни предизвици и колкаво е Вашето животно задоволство на скала од 1 до 10?
Сосема е во ред да имате потешкотии кога се обидувате во ова брзо време да издејствувате повеќеслојна криза и да се справувате со детали од Вашиот живот истовремено, никој не е имун.
Грижа за ментално здравје и значењето од посета на психолог/психотерапевт
При водење грижа за Вашето ментално здравје се препорачува грижа за својот внатрешен свет што значи забележување на своите емоции, обрнување на внимание за однесувањето кое произлегува од нив, одржување на контакт со Вашето тело што опфаќа физичка активност, престој во природа, добра исхрана, добар сон во зависност од возраста, внесување на животни задоволства (хоби), поддршка од блиските со наоѓање на време првенствено за семејството, примена на техники на дишење, јога и молитва, како и разрешување на внатрешните конфликти кои подолго време Ве тиштат.
Кога е вистинско време за разговор со психолог/психотерапевт?
Разговорот со психолог/психотерапевт е еден од најдобрите начини да почнете со превземање на контрола врз Вашите мисли и живот. Подршката од психолог е услуга која ја нуди и за која е соодветно обучен и може да биде во форма на психолошко советување, психотерапија, како и психодијагностичка процена (преку соодветна употреба на тестови).
Психологот/психотерапевтот со своите насоки и техники, низ разговор влијае врз подобрување на психолошката благосостојба кај поединецот. Секогаш кога лицето ќе почуствува дека во период од неколку недели чувствува страв, некои мисли, тага и се она што е сигнал од било кој аспект што и го намалува животното задоволство, доколку не може сама да се покрене и справи со одредени ситуации е вистински момент да се обрати за стручна помош и поддршка.
Во ред е да не бидеме во ред, но во ред е да побараме помош и да станеме одговорни, со се она што се случува околу нас, особено во ова стресно и динамично време во кое сите живееме. Посетата на психолог не е луксуз – потреба е, а денес не е време за срам, вина, непријатност од психологот, не е време за страв дека другите ќе не осудат, време е да се подигне свесноста за менталното здравје, и тоа почнува од секој од нас како поединци.
Вашата одлука да побарате психолошка помош покажува дека сте одговорни спрема себе и сте се одлучиле да растете и да се развивате и сте спремни да внесете важни и добри промени во својот живот и односите со Вашите најблиски. Понекогаш работите изгледаат многу подобро ако ги согледаме од друг агол и го промениме нивниот фокус и острина.
Психолошкото советување ќе Ви овозможи да научите како да ги зајакнете Вашите потенцијали за успешно функционирање во секојдневниот живот, да ги освестите емоциите, да ја подобрите Вашата емоционална интелигенција, за подобра комуникација и разбирање на Вашите најблиски.
(текстот е во рамки на месец мај- како месец за подигнување на свесноста за менталното здравје)
Автор. Јасмина Јовчевска, психолог/психотерапевт
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите