Не пишувам ништо ново, не покажувам ништо ново – диви депонии. Од толку ѓубре тука, таму, секаде, веќе низ него гледаме, веќе не го ни гледаме. Навиканти сме со децении да се менуваТ името од нашево комплицирано државче. Ајде уште еднаш да го прекрстиме, во Македепонија.

Ноември 2024. Не знаев што видов, не можев да им верувам на очиве. Се возам во раните утрински часови накај Свети Наум, кругче низ Албанија и Грција. Тивко, уживување, бев едно со природата, заљубен во езерото и планините. Веднаш после Лагадин, во близина на кампот Елешец, дали беше тоа вистина?

Психички се прешалтав во некој друг. Значи некој или некои имаат возено покрај прекрасното Охридското Езеро со намера тука на брегот да го исфрлат ислужениот мебел и друг домашен отпад. Плус вреќа цименто! Диво депонирање отпад е национален спорт со децении во нашава чудесна земја.

Април 2025. Се возам повторно по истиот пат. Мирно, езерото стакло, чист воздух. Нема колини возила, рано е. Ама не? Не! Не ми се веруваше повторно. На истото место, после 4-5 месеци, истата слика. Најжалосно е што имаше повеќе ѓубре. А потрагично е што никој не презема одговорност. Прво криви се тие глупави што го оставаат тука своето ѓубре, без срам. Одма до езерето. Но, нема врска каде се фрла ѓубрето ако не е на соодветно место, секаде се уништува животната околина. Второ, зошто ниту еден одговорен на пример општина, јавни претпријатија, Македонија пат… не презема акција. Прати едно возило, стави се внатре и чао. Десет минути работа. Четири месеци депонија речиси до водата од езерото. И после се чудиме ни висел статусот во УНЕСКО.

Продолжив да возам, поминаа три странски автобуси од Свети Наум кон Охрид. Туристите се сведоци на нашата некултура, ама и тие се веќе навикнати. Од кој правец и да идаш до Охрид, околу македонските патишта насекаде има депонии, очигледни, некаде скриени, ситни, мали, средни, големи и огромни депонии.

Да признам нешто. Пред три години имаше една многу интересна емисија на Холандска телевизија околу поранешна Југославија и сите нови републики после војната од деведесеттите. Снимателската екипа патуваше и низ Македонија. Им честитав на режисерот и екипата за прекрасните кадри и приказни, но им упатив јавно и една голема критика: зашто прикажуваа толку ѓубре во документарната емисија и специфично само во Македонија? Се разочарав од таквата негативна слика за нашава држава која допре до милионска публика. Згрешив. Во право беа тогаш, требаше уште повеќе такви снимки да стават во документарецот. Жива вистина и реалност. За да видит светот како си ја уништуваме златната држава со премногу грди згради и интензивна урбанизација, загушени улици, уништена животна средина и диви депонии. Македепонија.

Инаку, ми се насолзија очите, од љубов, штом го здогледав Охрид од височина со априлски снег. Чиста убавина.

Влатко Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Отворена (Писма-Колумни) се гледиште на авторите и не ги одразуваат гледиштата на редакцијата на OhridNews која, не сноси одоговорност за содржината на истите.