Со огномет и кнцерт на познатата хрватска пејачка Тереза Кесовија, вчера вечер во ресторанот „Виа игнација“ беше отворена осмата меѓународна ликовна колонија „Вевчански видувања“

На колонијата година учествуваат триесеттина познати уметници од земјава и светот кои инспирацијата за своите ликовни дела ќе ја црпат од недопрената природа и архаичниот амбиент на Вевчани.

-Јас во своите дела правам спој на современоста и традицијата, а овде во Вевчани баш тоа го има. Сите ги спомнуваат прекрасните извори и убавата природа која ќе не инспирира во наредните десет дена.– изјави ликовниот уметник Божидар Дамјаноски, кој живее и твори во Белград, а на колонијата учествува по прв пат.

Ликовната колонија „Вевчански видувања“ во изминатите години прерасна во респектабилна културна манифестација, чиј квалитет е препознаен во светски рамки, за што несомнено голема заслуга има организаторот и мецена Ѓорѓи Угриноски истакна ликовниот уметник Живко Поповски Цветин, кој шести пат е на колонијата.

-Ликовната уметност што ќе се презентира деновиве од уметници од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија, Грција, Русија, Франција, Египет и други, ќе зрачи низ нашите простори, а верувам дека таа ќе се пренесува во светот преку изложбите што се организираат секоја година. – рече ликовниот уметник Живко Поповски Цветин.

Најдобрите дела насликани од учесниците на колонијата, минатата година во април беа изложени во „МЦ Галлерѕ“ во Њујорк, САД, а оваа година изложбата ја посети Москва каде ликовните дела беа изложени во Универзитетот за уметност и дизајн.

Г.М.