Едно време Вевчани ми беше едно од омилените места во нашава убава Македонија, многу ми е жал што после овогодинешниот вевчански карневал, никогаш повторно нема да ја имам истата слика за Вевчани. Тоа Вевчани што го знаев засекогаш се избриша од моите сеќавања и сега кога ќе слушнам Вевчани ме асоцира на вандализам, насилство, убивање животни, некултура, гнаса, паганизам и сатанизам. Штета… штета.
Како прво, Св. Василиј е многу убав ден и празник, не срамете го, не сте достојни!
Како второ, не покажавте култура, ниту традиција што се негува со години. Пред странските телевизии, меѓу кои и BBC, покажавте една извртена слика за Македонија и за нашата култура. Кога некој ќе го види прилогот, што ќе мисли за нас?!? Нè изгнасивте, нè усрамивте, плукавте и на вашата традиција и на нашата култура. Арам!
Како трето. Со карневалот, кој за цел има во овие т.н. некрстени денови до Водици, да го избрка лошото, вие го постигнавте обратнто. Со маски на ѓаволи, зомби и чудовишта, и со жртвување животни на најсуров начин, само го величевте злото, ѓаволот се радува на она што го виде изминатите денови во Вевчани!
Како четврто, нашата вера, христијанска, не дозволува жртвување на животни, а вие го сторивте токму тоа и тоа на еден извртоперен и настран начин! Кога Исус бил распнат на крстот ја направил најголемата жртва за нас, и ние како христијани не смееме да жртвуваме животни. Еднинствена жртва која треба да му ја принесеме на нашиот Бог е погача и вино за празникот кој го имаме како куќна слава!
Како петто, можеше некој да настрада. Куп пијани вандали со вили и коси, што ќе правевте и кај ќе одевте ако настрадаше некој (настрана од животните)?
Како шесто, немавте толку луѓе, или посетители, а после ова што го направивте годинава, мислам дека догодина ќе имате уште помалку. Да ви се забрани тој извртоперен карневал со кој не правите ништо добро. Или поттикнувате религиски провокации (а сите знаеме дека тоа никогаш не е на арно, еве што се случува во Франција), или жртвувате животни предизвикувајќи омраза и гнев кај луѓето.
За крај, срам да му е на тој поп што излезе среде Вевчани да го снима вашиот вандализам и деструктивно однесување наместо да ве поучи дека тоа не е христијански!
Карневал е прилика кога се покажува креативност, хумор и сатира на културен и воздигнат, поинаков начин. Вие не сторивте ништо од тоа.
Срам и арам да ви е, и Бог да ви е напомош, не знаеме до кога и до каде ќе терате вака!
Е.Р.
авторот познат на редакцијата
*Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.