Кон изложбата „Лица на револуцијата“ од Диме Ратајкоски и Душко Апостолоски

Настаните врзани со формирањето на ВМРО (1893 г.), прку Илинденската епопеја и пост илинденскиот период, се до укинувањето на ВМРО 1934 г. од бугарската влада се најзначајни во новата македонска историја околу зацврстување на свеста за македонската нација и идентитет. Историско-политичките услови на европски план одеа спротивно, но покрај светлиот идеал на Илинденското востание изразен во Крушевскиот манифест, истата година (1903) се појавува и книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков која на висок интелектуален пиедестал ја крена самосвста за оправданоста на Македонците да имаат своја самостојна држава со автентична историја и јазик. Македонската револуционерна борба, иако меѓународно игнорирана, сепак доби широк социјално-политички карактер кој, по различни линии (ни црно ни бело) трае до денес, најмногу кај нашиот источен сосед.

Светлите илинденски идеали се незгасливи ламби кои го отвораат патот, пред се историски и политички, за жал многу актуелни и денес, но оспорувани и од внатрешна страна, од некакви замагледни политичко- коруптивни клисури. Но, еве, сега и пред нас ги имаме овие двајца, Диме Ратајкоски и Душко Апосотлоски кои прку оваа изложба на избрани и, за јавноста, не познати портрети, нудат можност, не преку збор, туку преку фотографија, да се погледнеме очи в очи со македонските револуционери, а преку нив и со македонската револуционерна борба која преку подеми и падови, преку еден огромен (понекогаш и надхеројски) напор да се дојде до капка слобода и самодостоинство.

Ги гледаме нивните очи, ги гледаме очите на македонскиот револуционер, кои надвор од големите европски политики, биле присутни кај, за тоа време, влијателни политичари и воени стратези, како на пр. „Мазедонише цуштенде“, кај Хитлер или „Срељба по македонски“ кај Сталин; ги гледаме нивните питоми погледи зад кои се крие гнев на бруталност и свирепост за кои белосветските неправди кон Македонците, еве, сведоци сме, траат и денес. Варварска бруталност кон еден, по бројност мал народ, но не и по висока културно-историска вертикала.

Оваа изложба нека биде поттик и за други, не само од овој вид со фотографии, туку и со други документи во кои е ставен неизбришлив печат, ако речам печат од камен, тоа ќе биде само поетска фигура, врз она неизбришливото. Овие фото-документи не докажуваат кои сме и што сме, туку дека сме тука како живожарица на нашето тло, вкоренети во македонската историја, со автентично минато, со несигурна сегашност и во надеж за пристојна иднина. Ако добро се загледаме во очите на овие портрети на револуционери, тоа значи дека сме се загледале во копнежот, кој во наши денешни услови гаи верба и сомнеж!

Но, јас сум за вербата гледајќи го овој напор и потфат на овие двајца ценети историчари и колекционери. Претставените ликови на познати и непознати македонски револуционери како да излегле од онаа познатoто: „подземна република“ на Даме Груев. Знчи имаме драматично минато, речиси никаква сегашност и иднина само за надеж. Но, ова што го гледаме и она што го чувствуваме од импресиите на оваа изложба, иако и денес е облачно време над нас, не смее да табаниме по „подземна република“, туку по она што го имаме, Република Македонија.

Славе Ѓорѓо Димоски

 

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите