Официјално отворена компанијата „Магна Мирорс“ во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга.
Одлуката да се отвори фабрика во нашата земја што ќе произведува делови и системи кои ќе се испорачуваат на најголемите светски производители на автомобили – се должи на нашето членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ, но и позитивната бизнис клима што ја создава државата, рече во обраќањето на официјалното отворање премиерот Димитар Ковачевски.
Компанијата стартуваше со тест производството годинава и веќе произведува, извезува и вработува. Заклучно со септември годинава, оствариле вкупен извоз од над 13 милиони евра и до сега имаат 324 ново вработени наши сограѓани. Според бизнис планот на компанијата во наредните 10 години се планирани над 1.300 вработени, места кои се платени со плата поголема од просечната бруто плата во државата која што исто така е планирана да расте како што ќе расте компанијата и нејзината продуктивност, производство. Владата ги поддржува инвестициите кои креираат висока додадена вредност, каде платите се на ниво на просекот на државата и над просекот и пред сѐ каде се вработуваат млади кадри кои својата иднина ја градат дома, рече Ковачевски.
Севкупниот долгорочен план за инвестиција на „Магна Мирорс“, додаде Ковачевски, изнесува над 39 милиони евра за комплетирање на целата оваа инвестиција, а согласно договорот, висината на државната помош е 50% од реализираната инвестиција која ќе се имплементира преку даночни и царински ослободувања како и грантови за отворање нови работни места, за оправдани инвестициски трошоци и за зголемување на конкурентноста.
Важноста на овие глобални инвестиции е уште поголема, кога ќе се земе предвид дека се случуваат во услови на светска- енергетска криза а почна со изградба фабриката во најголемата пандемија со која современиот свет се има соочено. Придобивките се бројни, а една од нив покрај преносот на знаење и искуство е интензивирање на соработката со домашните компании затоа што оваа компанија нема да вработи само 1300 вработени кои ќе го постигнат својот полн капацитет. Туку голем број на компании од државата ќе бидат нивни договорни компании кои ќе извршуваат производствени и услужни услуги за оваа компанија и со тоа се мултиплицира ефектот врз економијата во целиот овој регион и државата. Ваквата соработка со локалните компании има силен придонес за севкупната економија, како на локално ниво, така и на ниво на државата, рече Ковачевски.
Новата инвестицијата во Струга за нас како Влада е потврда за заложбите за рамномерен регионален развој, за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за нашата економија, а ваквките инвестиции се јасен сигнал дека Северна Македонија нуди предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции и предвилива иднина за тоа каде се движи оваа држава, потенцираше Ковачевски.
Потпретседателот на компанијата „Магна Интернационал“ Дејвид Кресп, порача дека Магна има широко портфолио и е на четврто место глобално во својата индустријата.
Магна мирорс, пак, е лидер во производството на внатрешни и надворешни огледала за автомобили, како и напредни видео системи за следење на движењето, модули и компоненти за возила. Тоа што почна како идеја во 2018, сега е реалност. Нашата инвестиција е околу 35 милиони евра, се наоѓа на површина од 17 илјади метри квадратни и ќе има една илјада вработени, изјави Кресп.
Директорот на ТИРЗ Јован Депотовски, порача дека продолжуваат да работата и очекува двојно да се зголемат странските директни инвестиции.
Резултатите од нашата работа се гледаат практично и преку овој настан кој што го организирам денеска. Само ќе потенцирам дека низ разговорите коишто ги имавме минатата година успеавме да стигнеме до некоја бројка од инвестиција која што ќе биде некаде над 35 односно според деловниот план веќе 40 милиони евра. Со бројките со коишто располагаме повторно зборуваме за некоја цел која што треба да се реализира во наредните неколку години, а тоа се над илјада односно 1300 нови работни места и тоа според структурата на вработените луѓе од локалните средини. Во изминатите 18 месеци благодарение на овој отворен и практичен пристап коишто го имаме со странските инвеститори успеавме да постигнеме договори коишто се бројат веќе со над 620 милиони евра. Милионите евра не значат многу, бидејќи тоа се објекти, тоа е опрема која што им припаѓа на овие компании. Тоа што е посебно важно е дека во рамки на тие инвестиции планирани се и веќе се отвораат нови работни места кои се бројат со веќе над 4500, додаде Деспотовски.
Нашата цел е да видиме удвојување во обемот на странски инвестиции во зоните од една милијарда која изнесуваше во изминатата декада на дополнителна милијарда на крајот на овој мандат и тоа што е поважно е 14 илјади работни места да ги удвоиме, а на добар пат сме тоа да го направиме рече Деспотовски.
Директорот на фабриката Магна, Данчо Петров рече дека пред точно една година на средина на септември стигнале првите линии за производство и со тимот кој тогаш броел околу 70 вработени веднаш започнале на инсталирање на линиите и подготовски за успешен старт.
Денес една година подоцна гордо можеме да кажеме дека нашето семејство брои 350 вработени, успешно го стартувавме производството на сите производи и веќе позади нас се повеќе од 50 илјади произведени ретровизори, 2,5 милиони акватори и 150 илјади жичани инсталации. Сето ова го постигнавме со голем квалитет што е една од одликите на Магна. Овие достигнување и не се така мали ако земем во предвид дека се се случуваше во време на економска криза и пандемија. Знаеме дека и покрај предизвиците што ги очекуваме, Магна и понатаму ќе расне и ќе бидеме опшетствено одговорна компанија, додаде Петров.
Инаку, Магна интернационал е канадска компанија со глобално седиште во Онтарио-Канада, која дизајнира, развива и произведува автомобилски системи, модули и компоненти.
Н.С.Ј.
Фото. Г.М.