Дали сте се запрашале колку вложувате во комуникацијата со луѓето од опкружувањето?
Дали ги почитувате моралните вредности?

Во секојдневниот живот и во книгите постојано се зборува дека е добро меѓу луѓето да владеат добри односи, бидејќи тие се основа на мирно живеење, градење и напредување. Позитивниот однос кон другите и добрите релации со сите, го поттикнуваат поединецот да им се посвети на своите творечки напори. Секој поединец носи во себе творечки потенцијал, но во која област ќе ја изрази зависи од неговите определби, насоченост и достигнувања. Токму добрата и позитивна комуникација, живеењето во мир, спокојство и во доверба, претставува поттик за секого. Разбирањето, почитувањето, емпатијата, љубовта, помошта, лојалноста, искреноста, неповредувањето- треба да бидат истакнати вредности, норми и постапки на човекот кон другиот човек, а кои треба да придонесат за мирно и добро живеење на сите луѓе. Социјалната врска и човечкото опкружување со луѓе ја определуваат етичката свест дотаму што најважна, безусловна задача стануваат правењето добро на другите што значи почитување и неповредување на другите и свртеноста кон другите што значи помагање на другите. Секој мора да води сметка за секого пред сѐ за луѓето со кои доаѓа во контакт, со кои живее и работи, со кои соработува, гради исто општество, ја споделува судбината и сл.
Човештвото е заедница на луѓе кои достигнале соодветен степен на развиток, кои се стремат кон слични цели, кои имаат различни видови односи, кои себеси се сметаат за блиски, кои се почитуваат себеси и очекуваат и другите кон нив да се однесуваат со почит затоа што и тие така се однесуваат кон другите. Значи најважна е комуникацијата, а тука вреди да се спомене и за современиот вид комуникација- преку интернет. Како и во секој вид комуникација и тука станува збор за комуникација во која секој поединец треба да се труди да не им направи штета на другите луѓе, да ја одбегнува непристојната и деградирачка комуникација, не треба да се меша во работата на другите луѓе со компјутер, не треба да се шпионираат компјутерските фајлови на другите луѓе, не треба да се користат компјутерските извори на другите луѓе без одобрение за тоа, не треба да се присвојува интелектуален производ на другите луѓе, секој поединец треба да мисли на социјалните последици на програмата што ја прави и на системот што го проектира и најнакрај- компјутерот секогаш треба да се користи на начин што обезбедува внимание и почит кон човекот.

Општата економска криза придонесува за ширење и на моралната криза меѓу луѓето. За да се увериме во тоа не ни требаат многу докази- доволно ќе биде да го вклучиме ТВ приемникот и да ја оцениме програмата што ја нудат телевизиските куќи. Од програми кои немаат едукативна насока до емисии во кои главен адут е разголеноста и до филмови кои немаат некаква поучна порака. И не е во прашање само телевизијата- и интернетот игра голема улога во воспитувањето на младите генерации. Затоа неминовно треба да се укажува на потребата од општо морално и етичко просветлување и општа граѓанска катарза од ова зло на денешницата. Ако навистина сакаме да случи тоа, тогаш придржувањето кон универзалните морални вредности се поставува како примарен услов, но и како вредносен критериум што треба да се исполни за да се постигне определено толерантно ниво на општиот македонски граѓански морален статус.

Моралот како збир на непишани правила, обичаи, навики и норми на однесување кои се прифатени во животот на одредена заедница, претставува општествена свест на човекот. Со моралните кодекси всушност се врши саморегулирање на групите, професиите, сталежите и сето преостанато. Со тоа се намалува влијанието на одредени надворешни фактори. Оттука се поставува и прашањето зошто примената на етиката во секојдневната комуникација е толку важна? Најнапред заради разликување на доброто од злото, односно доброто од лошото меѓусебно однесување на луѓето. Без постоењето на таа разлика, нивниот живот најчесто би бил загрозен. Животот во никој случај не може да продолжува и да се развива доколку се потпира само врз злото и пакоста. Злото е тоа што го разорува и деструктивно влијае врз животот. Универзалните вредности какви што се: вистината, правдата, љубовта, убавината, слободата, разбирањето, толерантноста, човековото достоинство, солидарноста, се вреднсоти што го помагаат животот и неговите добра. Ако овие вредности се вградуваат организирано и систематски уште во почетокот на формирањето на една личност, тогаш сигурно е дека кај таа личност ќе се формира и ќе се развие и нејзината позитивна страна на карактерот, морална зрелост, односно ќе се создадат сите претпоставки за развој на општа морална култура, која нам толку многу ни е потребна овде и сега. Само со морално дејствување и етичко однесување поединецот во кое било општество ги стекнува својата сигурност и стабилност, а со тоа потребна сигурност и стабилност стекнуваат и општеството и државата на кои тој поединец им припаѓа.

Бидејќи етички неповредливо е да се има предвид спротивната страна на човечкото мислење и дејствување, неопходно е да се укажува на нужноста од неповредување на ближниот. Во таа насока, англискиот филозоф и поет Џон Дон има напишано мисли за универзалната поврзаност на луѓето, а една од нив е и оваа која Ернест Хемингвеј ја зел за мото на својата книга „За кого бијат камбаните?“ : „Ниеден човек не е остров, сосема сам за себе. Секој човек е дел од поголемо парче земја, дел од континент; ако брановите на морето зафатат парче од тоа, тогаш ќе има малку помалку Европа, небаре е однесен некој срт или нешто е одземено од имотот на твојот пријател или нешто е откинато од твојата целина; смртта на секој човек ме смалува мене, зашто јас сум дел од човештвото, па затоа никогаш не прашувај чија смрт огласуваат камбаните кога најавуваат дека умрел некој, тие бијат за тој дел од тебе!“  

     М-р Лидија Размоска, педагог

*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.