Почитувани читатели,

Поттикнат од јавната расправа по повод измените на планот за управување со Националниот парк Галичица, чувствувам потреба, прашањата кои ги поставив на истста, а на кои не добив конкретен одговор, да ги испратам во писмена форма до организаторот, но и до јавноста, бидејќи карактерот на истите е јавен, a исто така и одговорите, кои се надевам дека ќе ги добијам и на истиов начин ќе ги споделам со пошироката јавност, за да бидеме сите што е можно поинформирани за случувањата во нашата заедница. Ќе започнам со прашањата, а на крајот од ова мое обраќање до јавноста, ќе го истакнам и мојот личен став во врска со планираните проекти, кој го базирам на моето лично искуство и при тоа немам ни најмалку намера, истите да ги прикажам или наметнам како единствено оправдани и исправни. Едноставно, тоа е еден од многуте ставови на поединци, кои навистина ја сакаат природата, планината, езерото и градот Охрид.

Пред да започнам со прашањата, сакам уште еднаш да им се извинам на професионалците од ЈУНП Галичица, бидејќи на некој начин ја злоупотребуваме нивната јавна расправа, со прашања кои не се однесуваат конкретно на измените во планот за управување, но искрено се надевам дека тие ги знаат одговорите на истите, штом ја започнале постапката за измени по задолжување од страна на Владата, во спротивно се добива впечаток дека измените се прават, единствено врз основа на нечии желби, кои пак ни се претставуваат како “мега проекти” од национален и јавен интерес. Ќе беше многу подобро, предлагачот на проектите, уште пред да подели задолженија на Јавните установи, државни агенции и сл. да организираше една поширока јавна расправа по однос на проектите, со што ќе и се објаснеше на јавноста многу подобро за потребата и важноста од истите, но и ќе се заштитеа Јавните установи од ваквата непријатна ситуација, да даваат одговори на прашања за кои не се надлежни, а дури и нив треба да им бидат одговорени пред да пристапат кон процесите од нивниот домен на работа. Но да се држиме до реалната сегашност, јас ќе се обидам прашањата да ги поставам до организаторот на јавната расправа ЈУНП Галичица, со надеж дека го знаат одговорот или дека истиот ќе го обезбедат од нарачателот на измените на планот за управување со Националниот парк Галичица.

1. Дали нарачателот на измените на планот за управување со Националниот парк Галичица, до ЈУНП има доставено образложение за потребите и значењето на проектите за јавниот и национален интерес и кое е тоа?

2. Дали нарачателот на измените, во задолжението до ЈУНП се повикува на одредени стратешки определби за развој на споменатите проекти или станува збор за друг вид на проекти, поради кои се налагаат измените?

3. Дали нарачателот на измените има доставено предлог до ЈУНП со компензаторни механизми, за понатамошна и поефикасна заштита на преостанатиот дел од паркот, но и справување со импликациите кои по реализацијата на проектите, истите ќе ги имаат врз заштитата на паркот? (пример: зголемени финансии, материјално технички или човечки потенцијал или сл.)

4. Дали ЈУНП има механизми и може да гарантира, дека во блиска иднина, некоја друга влада, нема да иницира нови, слични проекти од “национален и јавен” интерес, а со тоа и нови измени во планот за управување?

5. Дали ЈУНП е информирана од страна на нарачателот на измените, за тоа кој е инвеститор на проектите и дали станува збор за приватен или државен капитал? (Ова е поврзано со јавниот и национален интерес).

6. Дали ЈУНП е информирана за тоа, дали станува збор за идејни или финални проектни решенија и колкава е можноста за промени во најавените содржини, предвидени во рамки на зоните кои се предмет на промена во планот за управување?

7. Дали ЈУНП е подготвена да поддржи и пристапи кон одредени измени во планот за управување, за потребите на одредени мали индивидуални бизнис проекти од сферата на авантуристичкиот и планински туризам, кои би имале улога и во развојот на стопанството, но и во развојот на заштитата преку партнерство со ЈУНП, а секако по обем не би предизвикале значителен импакт врз животната средина споредено со споменатите “МЕГА” проекти, или таквата привилегија ја има само владата? (Овде пред се мислам на мали сместувачки капацитети, домови, бачила за традиционално производство на храна и слично, во повисоките делови од планината, како во сите останати планини, а особено национални паркови во светот.)

8. Со кои механизми ЈУНП Галичица, ќе се справува со инвеститорите од споменатите проекти чии инвестиции надминуваат не неколку годишни, туку неколку децениски буџети на Јавната установа, доколку истите не се придржуваат до мерките за заштита? (ова го прашувам со оглед на тешкотиите за справување со ловокрадството и дрвокрадството во овој момент и тоа од страна на далеку послаби прекршители) и за крај

9. Дали ЈУНП Галичица и Министерството за животна средина имаат план за враќање во првобитна состојба на просторот, доколку проектите по нивната реализација се покажат не функционални и неодржливи или ќе остане уште една метална депонија на планината како “Ски центарот Отешево” и далекуводот со напуштените контејнери на врвот “Лако сигној”?

Со должна почит, кон професионалците од ЈУНП Галичица и со огромно разбирање дека сте ставени како што и самите рековте “Помеѓу чеканот и наковалната”, очекувам одговори на поставените прашања, бидејќи иако дел од нив не се во Вашиот домен, сепак очекувам да Ви бидат познати одговорите, штом сте се нафатиле на вака обемна работа за измена на планот за управување со Националниот парк Галичица. Верувајте дека ова се само дел од прашањата кои ја интересираат јавноста, а намањето одговор на нив и на многу слични прашања, оставаат сомнеж дека станува збор или за политичко-популистички или за проекти од бизнис интереси на моќници, кои преку државни институции и постапки, сакаат да си обезбедат легитимитет на своите интереси за профит.

(до овде е делот од писмото кој ќе биде испратен до организаторот на јавната расправа, следува моето скромно мислење за споменатите проекти, наменето за јавноста) 

Сите ние ја сакаме природата, ја сакаме Галичица, сите сакаме напредок на општеството и повисок стандард на граѓаните, лично сум убеден дека не постои поединец, без разлика на своето политичко или било какво друго убедување, кој посакува нешто друго освен споменатите желби за Охрид. Но секогаш кога ја замислуваме нашата идеална слика за Охрид, покрај развојните проекти кои сите ги посакуваме за доброто на заедницата, треба да ги погледнеме и веќе постојните проекти, кои секогаш ќе бидат дел од “образот” и целосното лице на Охрид. Во таа насока, кога размислуваме за најавените проекти на Владата, не треба да заборавиме на проектите кои го претворија охридското блато во депонија, на проектите и политиките кои со години немаат капацитет да го одржуваат патниот правец за Отешево, на проектите кои на преминот помеѓу 2014 и 2015година, го оставија Охрид одсечен од останатиот свет, на проектите кои останаа како руини на планината Галичица, онаму каде некогаш имало планинарски домови, ски лифтови, жицарници и сл. Сите овие некогашни и сите идни наши проекти во очите на патниците намерници, претствуваат една единствена слика за тоа што сме, кои сме и какви сме ние Охриѓани, каков е нашиот однос кон богатсвата кои ни ги подарил Бог, но и колкав е нашиот капацитет да останеме вредни за внимание.

Па затоа кога го замислуваме новиот “Монденски ски центар”, не треба да замижуваме пред руините од далекуводи, ски лифтови, жицарници и сл. кои стојат расфрлани во неговата непосредна близина, а се дел исто така од нашите “Мега” проекти во минатото.

Кога ќе го замислуваме планинарскиот дом во рамки на новиот ски центар, не треба да замижеме пред руините кои останаа од некогашниот комплекс со неколку планинарски објекти на превојот од Галичица, исто така сведок за еден наш проект од минатото.

Кога го замислувате техничкиот пат кој ќе служи за дотур на ресурси до новиот “Монденски ски центар”, не треба да заборавиме на “високо ефикасната” служба за одржување на патиштата, која со години наназад го прогласува регионалниот пат Охрид-Отешево, како затворен за употреба во зимскиот период.

Кога сите ние Охриѓани, замислуваме како скијаме на прекрасните ски патеки кои се протегаат на надморска висина од 1500 до 1800м. , односно на цели 300 висински метри, не треба да заборавиме тоа да го споредиме со надморската и апсолутната висина на патеките од останатите центри каде сме скијале претходно, нормално имајќи ја во предвид и цената на ски картата која ќе треба да ја платиме за оваа неверојатна можност, која пак ќе биде резултат од луксузот на понудата и неверојатната инвестиција, која според физибилити студијата ќе надмине 85 милиони евра.

Кога ќе ги замислуваме казината, хотелите и марините во Љубаништа, да не ги заборавиме светоста на манастирот Св.Наум, хотелот Палас, пристаништето во Охрид, каналот Студенчишта, зградата на полицијата, пожарната, здравствените установи, детската болница во Св.Стефан, старото пливалиште, да не ја забораваме канализацијата во Трпејца, смрдеата од Св.Софија до Пристаниште, поплавите околу Грашница, и уште многу други проекти кои одвај преживуваат или веќе се останати во спомените од минатото.

Кога го замислуваме експресниот пат Охрид-Св.Наум, кој според предлагачот е од “особено значење” за жителите од овој регион, да не заборавиме на квалитетот и нивото на јавниот превоз комуналните услови кои ги имаат овие наши сограѓани.

Затоа кога ќе го замислуваме Охрид, како Цермат, Дубровник или Лас Вегас, да не забораваме дека тие веќе постојат, со сите свои вредности и дека нивната убавина е токму во уникатноста и автентичноста. Наместо да размислуваме како да го направиме Охрид некој друг, малку повеќе енергија да вложиме и Охрид да го задржиме и подобриме во неговата автентичност, уникатност, атрактивност, со што ќе го направиме конкурент на познатите светски дестинации, а не нивна аматерска и бледа копија.

Мојата порака до сите поддржувачи и опоненти, до сите политички структури од власта и опозицијата, до сите професионалци и аматери, до сите директно или индиректно засегнати страни е “АЈДЕ СИТЕ ЗАЕДНО ДА ГО ЗАПРЕМЕ ОВА ЛУДИЛО”, да го запреме лудилото на “Мегаломанија”, бидејќи живееме во време, обременето со недостиг од есенцијални човекови, цивилизациски и културолошки потреби. Живееме во време жедно за човечност и достоинство на поединецот, време во кое борбата за преживување се сведува на инстиктивно наспроти разумно однесување на луѓето. Да го запреме ова лудило на искривени вредности, бидејќи од оваа дистанца во која се наоѓаме, секој суд во однос на предложените проекти би бил погрешен. Да го запреме лудилото и да се свртиме кон решавање на основните проблеми со кои се соочуваме како град и општество.

Охрид никогаш нема да биде Холивуд, но е се поблиску до Боливуд! За жал, за тоа сме сите ние виновни.

Антонио Додевски
Алпинист и Интернационален Водич во планина 

Ставовите во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив