Сликање беше строго забрането. Дури и затвор можеше да одиш за тоа. Зад таа перфектно средена жива ограда имаше бастион. Секој ден поминувавме повеќе пати покрај долгата касарна: за на плажа, по материјали за градење на куќата, до в село, по гости или онака до в град. Имаше мистерија во огромниот простор, со вооружени чувари, заштитен југословенски објект за одбрана на државата. Невозможен влез за неовластени лица. Спремен да одговори на секаков вид напад.

Во ова наше време, пак, истиот простор е неколку денови виновен за сосема друг вид напад: мозочна агресија.

Малкумина ќе имаат корист: организаторите на техно-забавите, посетителите, граѓани кои издавет смештај за овие гости и неколку локални и државни институции што се поврзани со финансиски интереси. Едно мало продавниче одма пред касарна ќе има деновиве 1700% промет. Нека му е само него навистина со среќа.

До учесниците на овие техно забави порака: да ги почитуваат вредностите на градов и прописите од организаторите. Жителите да бидаТ стрпливи. Ние не можеме да се браниме. Ние сме немоќни. Противникот од некогашниот воен објект е силен и моќен. Оваа година ќе издржиме повторно како и предходно. Немаме избор.

И што ако се жалиме. Џабе. Само ве молам драг Градоначалник, Општина Охрид, да е последен пат. На прво место требиТ ние да сме. Жителите. Ова ноќно нервозно тресење, со вакви масовни техно-забави не треба да се дозволи на ова место. Има доволно други локации во регионов за вакви журки. Нека бидаТ организаторите повеќе креативни. Доста е веќе. Не личиТ. Ние ја плаќаме сметката за некој да си скокааТ како пердув. Да, и ние бевме млади, уживавме исто. Но, забави од ваква масовна категорија со 21 диџеј не се за среде град. Ехо звуци, вибрации се слушаат низ цел Охрид. Ок, еден ден можиТ, ама четири е навистина претерано.

Мала приватна историја за касарната.

Јас како дванаесет годишно дете во 1984 со отворени очи и раце го прегрнав светот околу мене. Се пратев, слушав, се зачував во меморија. Играв со културните промени, со тоа богатство. Влегував како Македонски-Југословенски-Холандски пубертетлија во секакви реалности. Ги гледав младите војници, многу момчиња од цела Југославија во Охридската касарна каде што беа на 37 степени стационирани на позиции. Секое утро рано активна физичка акција, после тоа војниците имаа основни и стратешки предавања во тревата. Шпиунирав попатно од прозорот од кола. Не ми изгледаше сјајно една година таа напорна едукација во некој си друг југословенски град, така нели беа законите од Југословенското министерсво за одбрана. Можеше да фатит војна во тој период од ‘Студената Војна’.  Југословенската армија беше јака  воена сила во светот. Сите знајме што се случи после тоа, за жал, во нашата експлозивна Југославија. Меѓу себе се уништивме со крв, поделби, национализам, омраза и крадење. Се изгуби кај доста луѓе надеж, морал и почит.

Како тинејџер често одев пешки од нашата „црногорска населба“ до центар. По уличките лево десно си го црпев македонскиот живот. Редовно минував на асфалт директно покрај колона војници, кои беа жестоко опремени. Деца, неколку години помлади и постари од мене. Правецот им беше пешки до Лакочереј, на воени планински вежби. Се за Социалистичка Федеративна Република Југославија –  СФРЈ.

Кога станав возрасен студирав на факултет во Утрехт, Холандија. Секое доаѓање во Охрид (лето/зима) имав официален документ, со потпис од деканот, некогаш требаше и од Југословенска амбасада во Ден Хаг да земам некој си гарантиран печат. На граница во Марибор им го покажував тој лист: привремено ослободен од војска. Правилно после студијата требаше да служам војска. Затоа што имав тогаш само југословенски пасош. Не сакав да сум војник, ми изгладеше ко губење време. И се плашев од тој строг систем. Не можам да функционирам ако некој ми наредува со притисоци што да правам. Голем респект за тие што беа дел од таа ЈНА (Југословенска Народна Армија). Тие што издржаа мачна дисциплина, Со солзи фамилијарно испратени на автобуска. Со разни адети. Враќање после една година, или еднаш на кратко гледање дома.

Добивав мило чувство кога ќе поминевме со холандската кола од татко ми покрај капија, влезот на касарната. Секој ден имаше паркирани коли со српски, словенски, хрватски, босански регистрации. Родители, браќа, сестри, баби и дедовци доааѓаа да се видаТ со храбриот син кој во касарната се оформил во маж. Навечер гледав покрај оградата на различни места женски со војници во шумките, војници скокаа скришно преку оградата. На нелегален излаз, на кафе и за романтични авантури.

Кога почна да има повеќе таксисти во градов, во средината на деведесеттите, тогаш требаше на доста нови таксисти да им објаснувам јас од Холандија каде да одиме. До „Црногорци”, ќе им кажев намерно лабаво. Тие ме гледааа ко до некое село далечно да ојме. После тоа ќе им ја дадев улицата. За да бидат фокусирани како екстра додаток ќе ги информирав: “спрема Лакочереј, одма после крајот на касарната, тука некаде во тие улички е мојата дестинација.”

Има и во градов луѓе кои не се никогаш до или после касарнава бидени. На локални избори се случува кандидати да го наглусуваат нашиов дел како ‘периферија’. Тоа има според мене погрешна конотација. Демек не сме в центар.

Дај боже некој креативен архитект и паметни, свесни и одговорни да одлучуваат што ќе има тука во иднина. Плановите сите ги имаме, се спомнуваат на избори што требало да има во полето од касарнава. Сите знајме што ќе има, најверојатно ко секаде: згради, згради и згради со неквалитетни фасади кои после неколку години изгледат грди, мизерни.

Актуелно Црногорска населба е на светска мапа! Кој знаел дека така ке бидиТ. Јас деновиве си сликав таму каде што беше со децении забрането, недопирливо. Си пешачев како и во 1984 година. Од кога е отворен патот во касарнава спрема нашава ‘периферија’ имаме можности да видеме што и како било позади таа жива ограда. До пред неколку години имаше една табла со забрана за сликање на војнички објект. Останато од комунистичкото време.

Сега се рекламира касарната за ‘Ohrid Calling’, техно музичка манифестија. Веќе ги гледам младите стигнуваат на автобуска со ранци и торби, со главите горе, ко да треба во секој момент да решаваат деликатни светски проблеми. Стариот влез на касарната е мизерен. Пред неколку години пет до дванаесет се фарбаше стариот југословенски бетон во црвено, колку да е демек средено за забавите. Уште има траги од таа боја. Тротоарот кон касарната е катастрофа. Никаков.

Деновиве ќе има тука во живо онлајн стриминг, 24/7 сториња по социјалните мрежи, млади дрогирани, пијани, скапани уморни, ќе спијат по тротоари, под дрва, така се диво. Како духови без ориентација ќе се вртаТ на асфалтот. Ние треба да внимаваме на нив. Ние треба за нив да водиме грижа. Превртен свет. Некогаш тука на истото место се градеа вредности со иситите генерации

Влатко Амстердам

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.