Во рамките на општинската прослава за одбележувањето на денот на Св. Климент Охридски – Патронот и заштитникот на Охрид во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид вчера на свечен начин беше отворена изложбата под наслов: „Св. Климент Охридски во македонската книжевна и научната мисла во Македонија“. Во „Прличевата одаја“ беа изложени педесеттина ретки наслови – изданија кои одблиску зборуваат за и околу животот и делото на Св. Климент и неговата мисија и создавањето на првиот универзитет на Балканот.

Македонија е лулка на словенската писменост и култура, а ракописните споменици, создавани од 9 до 17 век, се најдрагоцените извори за проучување на македонската и општословенската книжевна историја, црковност, јазик и култура. Тие ракописни споменици се плод и дело на нашите просветители. Еден од оние кои е запишан со златни букви во историјата на нашиот народ е Свети Климент Охридски. – истакна М-р Милчо Јованоски од НУ Библиотека „Григор Прличев“, кој се осврна на култот на Св Климент и неговиот живот.

Во Кутмичевица, Климент ја организира Охридската книжевна школа во која работи 7 години (886-893) како учител и надзорник на црковните работи. Оваа школа броела 3500 ученика, од кои по 120 ученика годишно Климент оспособувал за учители и свештеници. Во 893 година тој е испратен во Величката епископија (Дебар, Кичево) каде е поставен за прв словенски епископ. На негово место во Охрид од Преслав доаѓа Наум.

Климент напишал околу 50 дела од кои само на 15 се потпишал. Сите дела ги оставил во манастирот Св. Пантелејмон (на Плаошник) што го изградил тој, во Охрид. Освен што пишувал поучни и пофални слова на стил близок на народните маси, се занимавал и со преведувачка дејност.

Свети Климент, пред сè, имал огромно духовно значење за тогашниот словенски православен народ. Пред да се упокои, сам си го подготвил гробот и тоа им го соопштил на своите ученици. Се упокоил мирно во 916 година, подвлече Јованоски.

Стихови посветени на Св. Климент од македонски автори презентираше Бети Лазеска Симоноска.

Во рамките на настанот, на кој присуствуваше и градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски, беа доделени и наградите од литературниот конкурс по повод Месецот на книгата во организација на библиотеката, на Дафина Дејкоска од седмо одделение во ОУ „Св. Климент Охридски“ и Софија Алачкоска од седмо одделение од ОУ „Кочо Рацин“.

OhridNews