По повод чествувањето на Денот на сесловенските просветители „Св Кирил и Методиј”,вчера, во Рим се одржа традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“. Во рамки на културната манифестација, која беше свечено отворена од претседателот на Владата, Никола Груевски, е поставена и изложбата „Македонска резба–традиција и континуитет”, преку која се презентира богатата македонска култура, овој пат издлабена и зачувана во раскошната македонска резба.
Премиерот Груевски посочи дека резбаните ракотворби се создавани во еден од главните центри на уметноста во Македонија, во Охрид, во познатата охридска резбарска школа, чија традиција е навистина богата и претставува синтеза од уметнички континуитет наскапоцената семејна традиција пренесувана од колено на колено, а длабоко инспирирана од славната дебарско-мијачката школа.
Во рамки на манифестацијата се обрати и министерката за култура Елизабета Качевска – Милевеска, која истакна дека на изложбата се презентирани врвни уметнички дела на 11 автори, современи охридски резбари од четири различни генерации.
– Тие резби преставуваат 35 ремек дела кои датираат од 14 до 20 век и кои говорат за мајсторството, инвентивноста и креативностана македонските резбари кои создавале одлични уметнички примероци. Овие експонати се дел од богатата ризница на Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј од Охрид, посочи Канчевска – Милевска.
По отворањето на изложбата, концерт одржа и македонскиот музичар Дуке Бојаџиев кој со неговите гости, вокалниот уметник Тања Царовска и виолинистот Владимир Крстев изведоа авторска музика со која беа илустрирани и неколку македонски филмови.
OhridNews