„Земјата на чудата“ е насловот на изложбата на меѓународната уметница Лида Шерафатманд, што викендов беше отворена во Музејот на цветната уметност во Холандија. Изложбата е ретроспектива – 10 години сликање цвеќиња на Шерафатманд, која последните три години живее и твори во Струга.

Претставени се 60 дела, меѓу кои и петте што ги насликав со цвеќиња од Струшко, а ќе бидат дел од донацијата за музејот „Доктор Никола Незлобински“ во Струга. Сега сите посетители на изложбата знаат за Струга и убавата природа, што ја опкружува. Големата разновидност на цвеќиња во Струга ја забележав кога отидов на планината Јабланица. Тие се инспирација во моето творештво последните години. Многу од нив ги имав насликано од фотографии, но сега имам можност да ги сликам во живо, изјави Шерафатманд.

Споделувајќи моменти од своето детство поминато во војна и колку е важно да има простор за благост во нашиот живот и општество, изложбата ја посвети на војната во Украина и нејзино што побрзо завршување, како и ставање крај на сите вооружени конфликти во светот.

На отворањето, обраќање имаше македонската амбасадорка во Холандија Бети Јачева, која изрази задоволство што нејзината земја е претставена на таков убав настан. Истакна дека и буди убави спомени од Струга, градот, во кој минала дел од своето детство. Нагласи дека културата и уметноста се одличен начин за поврзување на луѓето од различни земји.

OhridNews