Уметнички дела изработени од зависници на дрога во Дневниот центар за корисници на дроги и членови на нивните семејства од денеска се изложени во Центарот за култура “Григор Прличев“
Делата се изработени во креативните работилници во Дневниот центар за корисници на дроги и членови на нивните семејства, чија цел пред се е дефокусирање на корисниците од дрогата, и нивна комплетна ресоцијализација и рехабилитација, ни изјави Ивона Силјаноска, социјален работник.
Димче Пендиков,зависник од дрога, изработува резби во дрво.“Идејата дојде спонтано“, вели Пендиков. Кога почнав да го работам ова, почувствував дека имам талент, кој денес имам можност да го претставам ни изјави Пендиков. Тој вели дека благодарение на уметноста успева да се оттргне од канџите на дрогата и дека до крајот на годинава очекува да престане да прима метадонска терапија.
“Делата пленат како со идеите така и во ликовниот израз“, рече на отворањето уметникот Драган Спасески – Охридски.
Изложбата што се организира по повод две години од отворањето на Дневниот центар за корисници на дроги и членови на нивните семејства. што работи во рамките на Регионалниот центар за социјални грижи, е од продажен карактер, а охриѓани ќе можат да ја видат до 25 декември.