Би сакал на овој начин преку Вашиот и наш медиум кој што  дефиниотивно е најчитан и најетаблиран  електронски медиум во охридскиот регион и пошироко,  колку што можам да укажам  и да помогнам во разрешување на еден проблем од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Имено , од пред неколку денови на крстосницата на улица  “Питу Гули“ и улица “Марко Нестороски“ во населбата Влашка мала е воспоставен нов режим на работа на постоечките семафори по принцип 15/65 секунди- зелено светло за пешаци/жолто трепкаво за возила, што на вашиот медиум беше добро  објаснето и дадено како насока за сите учесници во сообраќајот. Ја поздравувам оваа иницијатива на надлежните служби при Општина Охрид и Сообраќајната полиција меѓутоа морам да напоменам дека инсталираниот режим на работа на семафорите е во расчекор со досегашните перцепции кај возачите за работа на семафорите со активирање на црвено, црвено -жолто  и зелено светло и кај голем дел од возачите предизвикува конфузија,  посебно  заради фактот што навлегувате во зоната на раскрсницата и забележувате трепкаво жолто светло  и наеднаш се  вклучува црвено светло без никакво предупредување.

Факт е дека регулирањето на сообраќајот на оваа раскрсница е горлив проблем веќе  неколку години наназад, посебно заради тоа што се наоѓа до основно училиште и каде што фрекфренцијата на деца е исклучително голема и за разрешување на овој проблем се воведоа неколку решенија  кои што пред се заради нашиот менталитет за жал не профункционираа (поставените прекинувачи за активирање на семафорите за пешаци  за кратко време беа ставени вон употреба и беа искршени),  секако и сообраќајната полиција се вклучи во разрешување на овој проблем со активно физичко присуство на полициски службеници, посебно во утринските  и пладневните часови, кога одат и си заминуваат учениците од часови, посебно учениците од пониските одделенија меѓутоа и тоа не е дефинитивно решение бидејќи е апсолутно беспредметно да ангажирате 24-часовно присуство на полицијата како решение на проблемот.

Како  секојдневен учесник во сообраќајот а посебно врз основа на фактот дека работам како возач-инструкторм а и во разговор со мои колеги, мислам дека воспоставениот режим за работа на семафорите би бил поефикасен и попрактичен со инсталирање на регистратори за време во секунди (тајмери)  со што сите учесници во сообраќајот би биле на време предупредени за појавата на наредно светло на семафорот т.е. промена на режимот на движење на пешаците и возилата, што секако ќе резултира со поголема безбедност при премин на раскрсницата, што секако е заложба на сите чинители.

Во овој контест би сакал да нагласам дека е крајно време да се размислува за воведување на семафори на раскрсницата кај новата Автобуска станица  или на пресекот на ул.“ Железничка“ и ул. “Кленоец“ или ул. “ Егејска “  и ул. “ Железничка“, пред се заради поголема безбедност на сообраќајот на тој дел од градот но и врз основа на тоа  дека кандидатите за возачи ќе се соочат со фактот да поминале низ процес на обука и полагање на возачки испит, а не се сретнале со регулирање на сообраќајот на раскрсници со светлосни сообраќајни знаци – семафори, бидејќи инсталираните семафори во нас. Рача не профункционираа воопшто, но и праксата покажа дека се непрактични.

Би сакал да напоменам дека моето видување за ваквата ситуација ќе го изложам и на страницата на РСБСП но мислам дека преку вашиот медиум истото побрзо ќе  ги поттикне надлежните служби и ќе резултира до   реализација во пракса

Ви благодарам на отстапениот простор.
Рајко Домазетоски

Ставовите изнесени во рубриката Писма-Колумни се ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите