Следново обраќање е инспирирано од нашето медиумско проклетство во последниве неколку години.
Мене лично ми е преку тасе веќе од текстови со сензационални наслови со прости содржини, непроверени извори, квази вести, копирани текстови и слични методи за придобивање на нови и свежи „читатели„. Се преселија традиционалните медиуми на интернет и оп, за миг чул некој дека за рејтинг битно било да имаш голем број кликчиња, таа пуста пасија за да бидеш чуен и виден. Се испоотворија портали за трансфер на информации од меѓупросторот до нашите фронтални кортекси™ кои се отров за сите сетила во нашите тела. Ме интересира каде изгина интелектуалниот капацитет на нашето новинарство? Според досега виденото и насобраното „вестите„ се делат на неколку групи:
– Кој умрел, на кој начин, кој го убил, колку пари должел, и што мисли комшијата за тоа
– Крадени текстови од непроверени извори и исклучиво преведување со нашиот познат преведувач г. Гугл Транслејтоски
– И секако што јаделе славните за доручек после напорната забава вчера, во која консумирале непозната течност и снимиле кратко домашно порничче
Иако некои медиуми, кои што се поретки од вкупниот број на рисовите на падините на Бистра, цело време укажуваат на овие недостатоци на еден сатиричен со доза на сарказам начин, сеуште нашите драги новинарчиња си продолжуваат да творат за темите наброени предходно.
Поради тоа што на оваа апатија и нема крај, јас имам еден предлог. Да, предлог имам, конкретен предлог кој би можел да се импементира за решавање на овој проблем, можеби тоа се слуша малку чудно но да, јас имам предлог кој би ставил во ред ова девијантно однесување кое има големо негативно влијание врз нашето секодневие. Мојот предлог е многу едноставен и може да се примени веднаш по гласање во парламентот на РМ.
Предлогот гласи:
Предлог закон за подобрување на јавното известување
1. Црна хроника да биде застапена максимално 1% (поради тоа што сега е преку 46.7%) од целокупната дневна содржина на вести и да се емитува само во вечерни часови на ТВ, а за пишаните медиуми да се забрани да копираат дневен билтен на МВР – Зошто? За разбојници, пијаници, убијци и силеџии нема место во медиумите!
2. Нелекториран текст не смее да се објави, во спротивно парична казна за авторот на текстот, уредникот и компанијата – Зошто? Ако тука има некакви прашања зошто слободно обратете се кај учителката од 2-ро одделение.
3. Забрана за употреба на зборовите „Сензационално, Ексклузивно, Потресно, Вознемирувачко, Драма, Неверојатно, Кардашијан, Сека………„ – Зошто? Вести ≠ Ѓубре
4. Задолжително воведување на лиценци за новинари! Зошто? Врати се од почеток на текстот и прочитај го внимателно уште еднаш.
Овој предлог закон стапува на сила веднаш по рекламите.
Речено, сторено.
Метрополис Салмо Летница
Авторот е читател на вести и повремен гледач на телевизија.
*Со почит и секој чест за достојните новинари и новинарски куќи кои кои ова го применуваат самоиницијативно, како што реков, ретки како рис на Бистра.
*Изнесените ставови во рубриката „Отворена“ (писма – колумни) се лични ставови на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одговорност за изнесеното во нив.