Една слика, еден момент во утринските часови ме направи да се мислам веќе три недели. Колата моја светеше внатре и надвор. Тргнав кон центар од ‘Црногорци’ на редовно пешачење покрај езеро, кое не го пропуштам. Низ стариот град и по секакви улички низ цел Охрид. Медитација. Кога ја отворив портата помина една комшивка од населбава. Живејме стотина метра одалечени. Се знајме со децении, имаме едно почит-здраво. Живејме во сосема различни светови.
Таа кутра влечеше една стара искривена количка. Преполна, два метри висока и широка, со пластични шишиња во сите бои. Ги собирала ноќта по контејнери низ градот. Отпад од сите нас што користиме максимално невозможно пластика. Таа излгедаше уморно. Ја гледав, но таа не се сврте повеќе. Едвај ми рече тивко добро утро. Се познаваме од деца. Мрдаше само монотоно право за дома по топлиот асфалт. Останав неколку секунди без зборови. На вакви случки сведочиме сите, секаде на планетава. Моменти за малку застанување и освестување во силното темпо што го живееме. И таа и јас се бориме на свој начин. Секој со својата мака, тага, сила.
Животни контрасти како и секаде. Гледам со свои очи децении како се менува Македонија. Стандартот напредува, без разлика на ваквите сцени. Но, тие што работат за газди се трудат за многу мали пари. Ги жалам тетките кои работат во државава во текстилната индустрија. Тие си знаат како е роботски тешко во погони – сауни со плехови, шијаат во бучни простории за ниски плати. Во Македонија се градиТ, се правиТ, се јадиТ, се конзумираТ, се трошиТ се. Многу луѓе имаат работи кои се светски стандард, одат на одмор, имаат убави коли, скутери… Не е се толку црно или како некогаш. Иако е криза во доста семејства, тоа е факт да. Ама тие што имаат покрив над главата, кревет, што можат да си ги платат месечно редовните сметки, тие што имаат секоја вечер храна на маса, тие што можат да си купат дрва и пелети за зима, не се за жалење. Во Македонија има и многу богати со пари, елита, си функционираат (каубојски) без прописи, закони, пречки и граници, си правет што сакаат. Тие му ја живеаат во Македонија, каде парите и врските се клучни. Се отвараат и затвараат фирми и бизниси. Има и полно луѓе заглавени со кредити. Има и повеќе казина од училишта.
Еден многу моќен бизнисмен, пријател од охридскиот регион ми призна отворено. „И мене ме нервират системов, се што имам инвестирано тука џабе е, не сум среќен, ама каде да одам, пак во друга дравжа? И тоа не е тоа, ќе трбит од нула пак да изградам нов живот.” Сите работиме за леб, за нашите деца, за да сме здрави, весели ние и нашето семејство и блиските околу нас. Сите имаме предизвици и сонови. Знајме и гледаме како е во Македонија. И тој што живеел или бил надвор од Македонија си знае, секој еден си има свој пат и приказна. Не постои „copy-paste“ упатство за идеален живот.
Тие што се ‘баксузи’ и тие се борат, некако да се истуркаат нанапред. Секоја чест на тие што имаат планови и не можат да ги остварат во Македонија. Тие што постојано добиваат ветувања од политичарите, тие што имаат надеж во комплицираната Македонија. Тие се херои. Ова лето слушнав и една реченица од друг пријател, така едноставно на чај-муабет: “За да живејш во Македонија, морат да си голем оптимист.” Ја сфатив пораката. Ја кажа со жалење, но и како комплимент за тие што се храбри во Македонија и не се заминати по странство. Нема ништо лошо да се гледа се од позитивната страна. И тоа е начин на живеење. Зошто да одиш на друго место, важно е и да си останиш кај корените. Да си дел од историјата, градењето на Македонија. Ама да точно така, не е лесно во Македонија.
Секој еден треба сам да си го оствари животот. Нека си одлучи секој за себе што му е најважно, каде и со кого. Од сите плусови и минуси спрема Македонија – Холандија јас балансирам со свои тактики. Го сакам онај структуриран, среден, чист , отворен и со светски можности живот, да си ценет, почитуван, да функционира се како држава и народ. Од најситни работи до најголеми. Ама ладно е да, морат сам да си ги стоплиш коските, ама и да се интегрираш во општеството. Едноставно да си живееш така како што ти е тебе најсреќно. Нема книга за идеален живот, никаде. Сам си режисер на твојот живот. Зависен од судбини. Ама често ми недостасува на моменти и ‘дивиот’ Балкан со сите екстреми. Така останувам исправен, во баланс.
Ако зборуваме за чуда. Во Охрид и Струга има гратис летна парада на автомобили. На некои луѓе изгледа ова им е најважно во животот. Колите на паркинзите по македонските улиуци ги засенуваат тие на скапо платените ѕвезди од Манчестер Јунајтед и Ливерпул. Од каде толку скапи, луксузни коли? Со охридски, струшки, битолски, штипски, скопски, тетовски, швајцарски, италијански, германски, шведски, англиски и некои холандски таблици. Кола од секогаш била статус симбол. Ама во Македонија е да се чудиш. Деновиве помина кај поштана еден солиден странски Фолксваген Пасат – караван. Внатре имаше еден просечен пар. Ми изгледаа вистински, за разлика од други кај кои е некако се напумпано, глумење. Некои, пак, идиотски глумат недопирливи. Ајде вози и понашај се во сообраќајот како будала во државите и градовите од кај што ти се таблиците. Ако имаш потреба да парадираш, еднаш годишно напрај кругче на плоштад, ама не аздисви.
Сите се мачиме денес. Јас немам пари. Годишните нето примања ми се доволни за секојдневните трошоци, непредвидени давачки и за одмори. За мене единствено богатство е патувањето, запознување нови луѓе и култури и доживување различни случки по континентите. Да бидеш отворен кон други, да слунеш друг, да прашаш. Да регистрираш. Да црпиш. Тоа исто им го препорачувам на децата: светот околу нив, таа секојдневна лекција било каде и со било кого, тоа е највредно. Од тоа се учи. Некогаш и не мора да патуваш далеку, доста се случува и во домашниот круг кога ќе ја отвориш вратата.
Се паркирав тој ден в град. Платив со мобилен. Си уживав во мојот утрински момент. Убав езерски воздух. Свеж почеток на денот. Гратис природен лек. Не ми требаа многу чекори за да видам нешто впечатливо: пластично шише. Заборавено. Така нежно фрлено во тревата ама со сладок поглед, на атрактивно место.
Има еден 28-годишен Холанѓанец Бојан Слат, основач на ‘‘The Ocean Cleanup’’. Како 16-годишно дете целта му беше: „пластичната супа по океаните да се расчисти“. Наоѓа инвеститори, собира милиони долари. Со негова технологија, две огромни раце во С-форма како водна метла го чистаат отпадот од цела планета.
За граѓаните на Охрид кои собираат пластичен отпад голем респект. Ја селектираат, подигаат и ја продаваат пластиката, нешто да заработат. Сите среќни. Овие вредни луѓе ставени на маргините на општеството треба да се охрабрат, да се почитуваат, дури и да се наградат од Градот. Малку да се промени фокусот треба. Овие луѓе треба да се ценат повеќе, како и утринските херои од Комуналец кои ни го собираат ѓубрето. За да имаме колку толку чисТ Охрид.
Влатко Амстердам
Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите.