Почитувани охриѓани, после донесувањето на буџетот на Општина Охрид , конкретно за буџетот за спорт кој го изгласаа советниците по предлог на Општината, колку да се јасни работите, секако доколку сакаме да се, нели !!!

1. За прв пат конкурс за спортот и финансиската поддршка на спортот од страна на Општина Охрид во време кога се изготвуваат програмите и проекциите за основниот буџет на Општина Охрид.
2. Барањата и интересот на спортските клубови и спортисти за финансиска поддршка од Општина Охрид е голем што посебно ме радува и навестува година која ќе изобилува од спорт и спортски настани и активности токму тоа што ни е потребно апропо сегашната ситуација предизвикана од Ковид-19.
3. Предлог буџет за спорт креиран врз база на побарувањата на апликантите (охридски спортски клубови, спортисти и здруженија) кои доставија барања на конкурсот за поддршка.
4. 18.610.000 денари или 300.000 евра е буџетот за спорт на Општина Охрид за 2021.
5. Тој изнесува 2.5% од вкупниот основен буџет на Општина Охрид кој изнесува 730.000.000 денари.
6. Како споредба највисок процент на буџет за спорт до сега имало со буџетот за 2017 година, цели 3.8% и тоа во висина од 21.000.000 денари од основен буџет во висина од 553.000.000 денари.
7. 55 ставки, ПЕЕСЕТ И ПЕТ, се дел од буџетот за спорт за 2021 година сместени во три категории, од инфраструктура до субвенции, поддршка на клубови, настани, одржување, училишен спорт, подводни активности, лица со посебни потреби и за други здруженија.
8. 50 правни субјекти и физички лица (сите од Охрид) се корисници на буџетот за спорт, ПЕЕСЕТ !!!
9. Од вкупниот буџет за спорт 2.290.000  или 37 000 евра или само 12.5% од вкупниот буџет за спорт се наменети за спортски Охридски манифестации. Тоа значи дека 0.3% од вкупниот основен буџет на Општина Охрид се наменети за спортски манифестации.
10. 25 спортски ОХРИДСКИ манифестации се поддржани со програмата за спорт, ДВАЕСЕТ И ПЕТ !!!
11. Најголемиот спортски настан во Охрид по многу параметри, Охрид трчаТ 2021 (јубилеј 5 години), е поддржан со 300.000 денари или 5000 евра или ако се изјаснам во проценти 1.6% од буџетот за спорт или 0.04% од основниот буџет на Општина Охрид.
12. Категорија трансфери до спортски клубови е во висина од 12.100.000 денари, за екипните спортови е 10.680.000 денари или 88% од вкупниот износ додека за поединечните спортови 1.420.000 денари или 12% од вкупниот износ.
13. Најголемата поддршка за екипен спортски клуб во Охрид е РК Охрид, поддржан со 5.500.000 денари или 90.000 евра или 30% од буџетот за спорт или 0.75% од вкупниот основен буџет на Општина Охрид.
14. Најголемата поддршка за индивидуален спортски клуб е Боксерски клуб Алексо Огненовски поддржан со 250.000 денари или 1.3% од буџетот за спорт.
15. За развојот на подводните спортови и во насока на развојот на свеста кај населението за здрава и чиста животна средина се поддржани три подводни клуба со 260.000 денари.
16. Најголемата поддршка за индивидуален спортист е 50.000 денари за Дејан Ангелоски.
17. Училишниот спорт и спортските активности за децата во образованието се поддржани со 250.000 денари.
18. За ЈП “Билјанини Извори” по основ субвенции за користење на спортски терени во СРЦ “Билјанини Извори” од страна на спортските охридски клубови од буџетот за спорт се издвоени 3.000.000 денари или 16% од вкупниот буџет за спорт за 2021 година или 0.4% од вкупниот основен буџет на Општина Охрид.
19. Во просек 70% од финансиските средства наменети за спортот одат за локалната економија и нејзината поддршка додека остатокот оди за државата, општината и другите институции во вид на даноци, такси и други давачки.
20. Според нашето искуство кога ќе анализираме вредност на денар во 2016 на пример и 2020 година доаѓаме на став дека за минимум 20% вредноста е помала кога ќе споредиме со ресурсите кои ни требаат и ги користиме во спортот и за спортот. Тоа директно ни говори дека поддршката која ја добивме од Општина Охрид и доделените износи доколку останат на исто ниво од година во година ја губат вредноста и на таков начин дополнително се намалува поддршката за спортот.

Почитувани, ова е скандалозниот буџет, скандалозните активности и скандалозните износи. За мене скандалозни се многу работи и ќе ми треба многу време за да ги напишам покрај се што се изнаслушав во изминатиот период, но за тоа немам желба, а ниту време да сум искрен.

За мене може буџетот за спорт да биде, развоен или не, за мене може да биде стратегиски или не, за мене може да биде сеопфатен или не, за мене може да биде кризен или не, за мене може да биде потребен или не, за мене може да биде едукативен или не, но за мене никако не може да биде скандалозен кога ќе го видиме се ова што го гледаме !!!!

На крај најважното, вложените 300.000 евра во спортот за 2021 година од страна на Општина Охрид, според многуте параметри кои постојат и се анализираат, а се во насока на ефектот кон економијата, туризмот, потрошувачката ќе и вратат на Охридската локална заедница повеќе од 1 милион евра во 2021 година, 70%-80% се дело на спортските манифестации. Доколку јас се прашував посебно денес и во ваква ситуација секогаш би поддржувал проекти и вложувања кои би го мултиплицирале тоа што го вложувам зошто пред се е за доброто на сите нас. И ЗАМИСЛИТЕ ова е само еден момент на моќта која ја има спортот која за жал многумина не ја препознаваат. За другите бенефити на спортот кои се огромни и кои придонесуваат пред се за нашето здравје, продуктивност, локал патриотизам, афирмација, опстанок, едукација, социјализирање во некоја наредна прилика и се надевам не на ваков начин.

Ова е доказ дека мораме да ја менуваме политиката и ставот кон спортот и неговата поддршка и за тоа да го направиме мора да изразиме желба да разговараме, дебатираме со тие кои го разбираат и се дел од спортот. Што побрзо го сфатиме тоа, ќе биде подобро за нашата заедница и нас како дел од неа. Јас, а верувам и сите очекувавме после една ваква година да бидеме поинакви, да ја научиме лекцијата, да мотивираме, да бидеме визионери, да бидеме локал патриоти, да бидеме едногласни, да ги прескокниме различните интереси и да ги застапувате повеќе граѓанскитеи прогресивните цели препознаени во нивниот глас, збор и визија.

#5%ЗАСПОРТОТ
#ЗАГРАДЕЊЕАНЕРУШЕЊЕ
#ФАКТИВЕРСУСШПЕКУЛАЦИИ
#ЗАМЕДИУМСКАПИСМЕНОСТ

Среќна Нова година и среќни Божиќни празници
Иван Цветкоски – спортски работник

Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите